ЕН, ДВА, ТРИ, СТАВИ МАСКА ТИ! Зошто наставници ги тераат децата да вежбаат со маски на Физичко?

Министерството за образование не презеде обврска да прати инспекција во школите за да провери како се одвива наставата по Физичко воспитание иако во Протоколот за настава со физичко присуство никаде не пишува дека учениците треба да носат маски додека извршуваат физички активности.

860

Како ќе влијае врз здравјето на децата вежбањето на часовите по Физичко образование со маски? Родителите досега беа загрижени за тоа како носењето маски на училиште ќе влијае врз здравјето на децата, а сега треба да се грижат и за тоа какви последици ќе остави вежбањето со маски врз здравствената состојба на нивните деца.

До нашата редакција пристигнаа поплаки од родители дека во одредени основни училишта на часот по Физичко образование учениците носат маски, трчаат и вежбаат со маски, по што се жалат дека не можат да дојдат до здив, дека тешко дишат и чувствуваат голем замор и главоболки.






Што вели Протоколот?

Во Протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021-2022 година, освен дека во фискултурната сала не смее да има повеќе од една група, односно одделение и дека по секое користење, треба да се проветри и дезинфицира, никаде не пишува дека учениците треба да бидат постојано со маски додека извршуваат физички активности.

За тоа како треба да се одвива наставата по овој предмет за време на пандемија разговаравме со професорите од спортската гимназија „Методи Митевски-Брицо“ во Скопје. Часовите по Физичко во ова училиште би требало да бидат пример за тоа како треба да се одвива наставата во сите други основни и средни училишта.

Професорите рекоа дека ги следат протоколите за реализација на наставата со физичко присуство, односно, во фискултурната сала повеќе од едно одделение не е присутно, практичните предмети во сала се извршуваат без маски, а оние ученици кои поради одредени причини седат на клупа – носат маски, седат со потребната дистанца, не се изведуваат спортски игри и вежби каде учениците меѓусебно би биле во близок физички контакт.

– Со секоја физичка активност се зголемува потребата од внесување кислород, а маските за тоа се проблем, па затоа и никаде во протоколот не се спомнува задолжително носење маски на часот по Физичко образование – објаснуваат професорите.

И според препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, децата не треба да носат маски кога се занимаваат со спорт или со други физички активности.

„Децата не треба да носат маска кога се занимаваат со спорт или кога имаат физички активности како што се  трчање, скокање или играње на игралиште, за тоа да не им го загрози дишењето. При организирање вакви активности за децата, важно е да се поттикнат сите други критични јавно-здравствени мерки: одржување барем еден метар оддалеченост од другите, ограничување на бројот на деца што играат заедно, обезбедување пристап до погодности за хигиена на рацете и поттикнување нивна употреба“, пишува на официјалната страна на УНИЦЕФ Македонија.

МОН ги игнорира поплаките

На прашањата што ги упативме до Министерството за образование зошто во некои училишта се носат маски за време на часот по Физичко, зошто не се вежба надвор додека дозволуваат временските услови и кој одлучува дали ќе се вежба со маски или не, оттаму испратија штур одговор и не презедоа обврска да пратат инспекција во школите за да проверат како се одвива наставата по Физичко воспитание.

„Учебната 2021-2022 година се организира согласно Планот за организација и протоколите за постапување на училиштата за време на настава со физичко присуство кои се изработени од страна на МОН во координација со Комисијата за заштита од заразни болести и истите се доставени до училиштата пред повеќе од два месеца, а воедно објавени се и на следниот линк https://mon.gov.mk/content/?id=4090.“

Додека МОН не прати инспекција, на родителите им останува сами да преземаат мерки, да им забрануваат на своите деца да вежбаат со маски и по цена да бидат казнети за таа нивна одлука или децата да добијат слаба оценка. Од друга страна, децата со кои зборувавме се плашат да се побунат на часовите за наставникот да не го истури гневот врз нив.

Од Министерството за здравство, пак, воопшто не добивме одговор на прашањата како ќе влијае врз здравјето на децата вежбањето со заштитни маски.
Поврзани содржини