ЕМИСИИТЕ НА ЦВРСТИ ЧЕСТИЧКИ ОД МАКСТИЛ ПОД ДОЗВОЛЕНИТЕ ГРАНИЦИ Измерените вредности се драстично пониски
Резултатите од мерењата на емисиите на цврсти честички од двете емисиони точки на Макстил за периодот јануари – март 2026 година покажуваат дека сите измерени вредности се значително под пропишаните гранични нивоа, соопшти компанијата.
Измерените вредности во овој период не се само „под граница“, туку се драстично пониски од дозволените. Кај емисионата точка A1.1 – Oџак од филтер постројка, измерените вредности изнесуваат 0,04 милиграми на нормален метар кубен (mg/Nm³) во јануари, 0,07 mg/Nm³ во февруари и 0,12 mg/Nm³ во март, што е далеку под граничната вредност од 20 mg/Nm³.
Кај емисионата точка A13 – Оџак од пескара, измерените вредности се 0,24 mg/Nm³ во јануари, 0,31 mg/Nm³ во февруари и 0,41 mg/Nm³ во март, при дозволена гранична вредност од 30 милиграми на нормален метар кубен (mg/Nm³).
Измерените вредности се добиени врз основа на мерења спроведени согласно важечките нормативи и пропишани методологии за контрола на емисиите, утврдени од Министерството за животна средина и дефинирани во А-интегрираната еколошка дозвола. Ваквиот пристап ја гарантира точноста и веродостојноста на резултатите. На овој начин се обезбедува јасен и реален увид во емисиите на цврсти честички од двете емисиони точки и нивна усогласеност со дозволените гранични вредности.
Овие резултати јасно потврдуваат дека емисиите на цврсти честички од оџаците на Макстил во текот на првиот квартал од 2026 година се не само во рамки на пропишаните стандарди, туку повеќекратно и убедливо под нив, што е силна потврда за ефикасноста на системите и за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на животната средина.
Макстил останува посветен на одговорно индустриско работење, транспарентност и примена на мерки што обезбедуваат унапредување на животната средина и здравјето на граѓаните.
Во продолжение е пресекот на емисионите вредности на цврсти честички во периодот од јануари до март, 2026 година.

