ЕМ ТРОШАТ, ЕМ КРАДАТ СТРУЈА Копачите на криптовалути ја оптоваруваат електричната мрежа

Последиците од нелегално користење на струја за копање криптовалути се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците на кои им се нарушува нормалното снабдување.

4,705

Енергетската криза во земјава тропа на портата, при што Македонија може да се соочи со значителни рестрикции во испораката на електричната енергија. Дополнителен проблем претставува значителната потрошувачка на струја од страна на домаќинствата во овој период од годината, но исто така како што истакнуваат експертите проблем е и кражбата на електричната енергија од страна на лицата кои произведуваат криптовалути (биткоин, етериум, териум…)

За овој проблем во текот на минатата недела информираше и претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, кој истакна дека зголемената потрошувачка на електрична енергија во земјава се должи и на копањето дигиталните валути.






– Особено во делови на Скопје. Покрај тоа, имаме и нелегално превземање на струја. Од податоците што располагаме, електродистрибуција веќе има фатено поголем број потрошувачи и домаќинства кои копаат и нелегално се приклучуваат на јавното осветлување – изјави Бислимовски.

Од компанијата ЕВН за Плусинфо истакнуваат дека кражбата на електрична енергија е феномен кој е присутен низ целата земја, карактеристичен за објекти, но истовремено и за копање криптовалути.

– Надлежните државни институции и ЕВН секојдневно се соочуваат и се борат против овој феномен кој предизвикува огромни штети и последици, особено во ваков сензитивен период. Секако, најголемиот дел од кражбите се во големите урбани средини каде што и концентрацијата на потрошувачи е најголема. Факт е дека посебно во скопскиот регион е зголемено копањето на криптовалути – нè информираа од ЕВН.

Оттаму додаваат дека најчесто, мрежата не е дизајнирана за новосоздадената потрошувачка на струја при копање криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис. Последиците од нелегално користење на струја за копање криптовалути се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците на кои им се нарушува нормалното снабдување.

– Според енергетските согласности домаќинствата се ограничени на потрошувачка од 11 KW. Нелегалното користење на електрична енергија може да доведе до преголема оптовареност на трафостаниците која резултира со сериозни оштетувања па и горење на самите трансформатори. Санацијата на овој вид штети од финансиски аспект чини десетици илјада евра, што понатаму негативно рефлектира во реализација на идни планови за развој и ширење на мрежата за корисниците – велат за Плусинфо од ЕВН.

Компанијата постојано ја следи потрошувачката по трафостаници и при евентуални отстапувања прави мапирање на регионите каде што постои ризик од кражби.

– За жал сѐ уште има региони каде што пристапот на нашите екипи е отежнат при што е потребна асистенција на повеќе државни институции. Како последица од загубите во дистрибутивната мрежа може само да се идентификува дека постои кражба, а за понатамошна постапка се надлежни државните институции кои воедно прават и класификација на типот на кражбата – нѐ информираат од компанијата.

Откривањето на копачите најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите.

– Доста често пријави има и од самите корисници кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејќи го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија. Вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на социјалните мрежи каде се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите кои копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството – ни изјавија од ЕВН.

Оттаму истакнуваат дека овој бизнис сепак треба да се регулира од страна на финансиските институции во државата. Кога тоа би било регулирано, тогаш и тарифата би се регулирала од страна на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи не станува збор за домаќинство.

Според „The Digiconomist’s Bitcoin Energy Consumption Index“ за да се комплетира една биткоин трансакција се потребни 1,544 kWh, или еквивалент на приближно 53 дена електрична енергија за просечното американско домаќинство.

Полицијата ги апси крадците на струја

Од Министерството за внатрешни работи(МВР) за Плусинфо информираат дека на територијата на целата земја во првите девет месеци од годината регистрирани 146 кривични дела и 147 сторители поврзани токму со кражба на електрична енергијата.

– Само од страна на СВР Скопје во 2021 година се евидентирани се 41 кривичнo делo по член 235а од Кривичниот законик „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ при што се поднесени 40 кривични пријави против 45 сторители. Од извршените дополнителни проверки во евиденциите на Единиците за внатрешни работи утврдено е дека 3 (три) кривични дела извршени од 4 (четири) сторители се однесуваат на „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ со приклучување на компјутерска опрема на електрична мрежа со цел дигитално ископување на крипто валути – биткоини и етериуми – велат од министерството.

Оттаму за Плусинфо доставија табела со статистички податоци за кривични дела и сторители на територијата на цела држава за кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ за период од 2017 година до јануари – јуни 2021 година.

Крадците на струја се соочуваат со затворска казна

Според член 235а од Кривичниот законик „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ сторителот може да се соочи со затворска казна до три години, како и парична казна која ќе биде во зависност од висината на стореното дело.

– Тој што со приклучување без согласност на соодветниот оператор на системот, со превземање пред уред за мерење, со отстранување, онеспособување, премостување, промени и слично ракување со уред за мерење или на друг начин неовластено ќе користи електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе се казни со затвор до три години и со парична казна.

(2) Ако вредноста на украдената електрична енергија, топлинска енергија или природен гас е поголема, сторителот ќе се казни со затвор до пет години и со парична казна.

(3) Обидот за делата од ставовите (1) и (2) на овој член е казнив.

(4) Ако делото го стори правно лице,

Копањето на криптовалути им носи солиден профит на рударите

Во Македонија сè повеќе луѓе почнуваат со „копање“ криптовалути, кое се врши преку компјутерски уреди, но за целиот овој процес е потребна соодветна опрема, како и значителна потрошувачка на електрична енергија

– Потребен е соодветен хардвер во зависност на тоа која криптовалута ја копате. Главната компонента на хардверот за рударство на биткоинот вклучува интегрирани кола специфични за апликации (ASIC) или единици за обработка на графика (графичка картичка). Тука се додаваат и дополнителните трошоци за потрошувачка на енергија. Нема гаранција за фиксна заработка, но во повеќето случаи веќе е доста профитабилно – ни објасни Дарко Симуновски, сертифициран познавач на криптовалутите.

Тој вели дека со околу 10.000 долари влог „рударите“ би имате профит преку 600 евра нето месечно за копање Биткоин со пресметани трошоци за струја од околу 250 евра.

Поврзани содржини