Ем казнети, ем невакцинирани – каков ќе биде ефектот од најавените ограничувања за лицата без вакцинален сертификат?
Голем дел од луѓето ќе ги послушаат апелите за вакцинирање штом ќе им се забрани да патуваат, да одат во диско или во кафеана, но од друга страна, пак, дополнително ќе се разгори револтот кај луѓето кои упорно одбиваат да се вакцинираат, коментираат социолозите и психолозите.
Системот на казна и награда може да биде моќна алатка којашто ќе ги мотивира невакцинираните граѓани да се вакцинираат против ковид-19, но исто така може да предизвика дополнителен револт кај луѓето кои и досега одбиваа да се имунизираат, коментираат социолозите и психолозите по вчерашната најава на министерот за здравство, Венко Филипче, дека наскоро во земјава би можеле да се воведат ограничувања за лицата кои не поседуваат вакцинален сертификат.
Психологот Ангела Будиноска во изјава за Плусинфо вели дека ефектот од новите ограничувања ќе биде истовремено крајно позитивен и крајно негативен.
Позитивниот ефект ќе го видиме само кај онаа група на луѓе која сè уште се двоуми дали да се вакцинира или да не се вакцинира.
– Реално, ваквата мерка може да придонесе за зголемување на бројот на вакцинирани лица, но исто така може дополнително да го разгори револтот кај лицата кои одбиваат да се вакцинираат. Ќе има екстреми и на двете страни. Овде може да се направи споредба и со мерката за пушачите, односно со забраната за пушење цигари во затворен простор. Никој не им вели на тие луѓе дека се непожелни во објектот, но им велат дека не смеат да пушат цигари во објектот. И колку пушачи ги откажаа цигарите поради оваа мерка? Бројката е поразувачка. Слично ќе биде и со ограничувањата за невакцинираните лица. Верувајте дека со забраната за одење во кино или во театар нема да го предомислите оној којшто се плаши од вакцината или е убеден дека зад имунизацијата стои некаква светска завера – објаснува Будиноска.
Таа додава дека ваквата мерка во светот донесе позитивни резултати, но како што вели, и таму постојат луѓе кои решаваат да ги почитуваат рестрикциите, но и да не се вакцинираат.
– Во Македонија, очигледно е голема бројката на луѓе кои не се заинтересирани за вакцинирање, штом властите почнуваат да размислуваат за воведување нови рестрикции. Но, сметам дека пристапот не е добар. Од една страна велат дека вакцината не е задолжителна, а од друга страна те присилуваат да се вакцинираш. Таквиот пристап ќе предизвика конфузија и силен револт кај луѓето, а многу лесно ќе се активира и инаетот, кој е прилично препознатлива особина особено во земјите на Балканот. Позитивниот ефект ќе го видиме само кај онаа група на луѓе која сè уште се двоуми дали да се вакцинира или да не се вакцинира. Кога на тие луѓе ќе им забраните да одат во кино, на театар, на фудбалски натпревар или на концерт, многу полесно ќе им биде да прифатат да се вакцинираат – објаснува Будиноска.
Социологот Илија Ацески во изјава за Дојче веле посочува дека голем дел од луѓето ќе ги послушаат апелите за вакцинирање штом ќе им се забрани да патуваат, да одат во диско или во кафеана, кога ќе ги исклучат од социјалниот живот и кога ќе останат надвор од системот.
Оваа стратегија, според социологот, може да даде и најголеми резултати во борбата со поддржувачите на теориите на заговор.
– Мерките на ограничување на социјалниот живот, доколку не се прими вакцина, се најделотворни во случајов. Одговорноста е кај тој што нема да постапи како што му се советува и ќе биде санкциониран доколку ги прекршува правилата – вели Ацески.
Во антропологијата, додава тој, е присутна таа појава кога поединецот сака да се спротивстави секогаш кога му се наметнува нешто. Се јавува некој отпор кај него, еден внатрешен протест којшто тешко може да се сузбие.
– Потоа како проблем се јавува и тоа што има многу информации, дезинформации, теории на заговор, со коишто секојдевно се бомбардирани граѓаните, дека сето ова е измислено за моќните да ги држат во потчинетост послабите. Сето тоа влијае при одлуката и создава конфузија при размислувањето – вели Ацески.
Министерот Филипче вчера рече дека вакцинални сертификати ќе се приложуваат на сите настани со масовно присуство на отворено или на затворено.
– Опаѓа интересот на граѓаните да закажуваат термини за вакцинација, па затоа ние веднаш почнавме да спроведуваме теренска вакцинација. Во светот се појавуваат нови мутации на коронавирусот и потребна е масовна имунизација на населението. Свесни сме дека можеби интересот нема да се зголеми во следните неколку месеци, па затоа размислуваме за воведување некаква форма на рестрикција. На пример, вакцинален сертификат да мора да се приложи на сите настани со масовно присуство на отворено или на затворено. Тоа значи дека невакцинираните лица нема да можат да влезат на некој културен или спортски настан каде што присуствуваат повеќе луѓе – рече Филипче.