ЕЛМАС ВРЕДИ 70 МИЛИОНИ ЕВРА Еве зошто неговиот менаџер го проценува на оваа сума

Затоа што ретко кој на 22 години има 100 меча за Наполи, 65 натпревари во Европа и 30 одиграни средби за репрезентацијата на Македонија.

527

Откако фудбалската оперваторија ЦИЕС пред неполн месец објави во својата анализа дека македонскиот дијамант Елиф Елмас вреди 70 милиони евра и заедно со Матијс Де Лихт од Јувентус, се највредните млади фудбалери до 23 години во Серија А, голот за победа против Милан во неделата го ставија младиот фудбалер за врска во фокусот, па италијанските медиуми во секој текст истото го повторуваат – дијамантот од 70 милиони!

Џорџо Гарди, еден од менаџерите на македонскиот дијамант Елмас, за италијанските медиуми објасни зашто толку висока е цената на македонскиот фудбалер, кој допрва треба да го покаже сиот потенцијал, додавајќи дека сезонава блеска зашто има континуитет на настапи кај Спалети и сето тоа излегува на површина.






– Колку вреди Елмас, 70-80 милиони? Мое мислење е дека тоа е реална вредност, зашто Елмас е 1999 годиште, а веќе има 100 мечеви за Наполи, 65 меча се меѓународни, над 30 за репрезентацијата на Македонија… И нема многу фудбалери во Европа кои на оваа возраст може да се пофалат со вакви бројки, а само врвните играчи имаат ваква статистика. Но, на крај трансфер-пазарот ја одредува цената – вели Гарди.

Елмас има договор со Наполи до 2025 година, што дополнително ја билда неговата цена ако некој се реши да го купи, а дузина клубови од поодамна покажуваат интерес, но сите од првиот човек Аурелио Де Лаурентис добиваат ист одговор – не се продава Елмас.

– Елиф има долг договор и во моментов нема размислување за некакво продолжување на договорот – додава Гарди, додавајќи: „Елмас сега го добива тоа што му фалеше претходно – да има континуитет, да игра! Претходно добиваше 10-15 минути и не е лесно да се докажеш, а сега е поинаку, колку повеќе игра, толку повеќе самодовербата расте, а самото тоа што беше одлучувачки фактор за Лига Европа, што дава повеќе голови, му влева уште поголема самодоверба, ама ја чувствува довербата и од сите во клубот. Тоа што е модерен фудбалер и може да покрие на секој дел од теренот е дополнителен плус. Најсреќен е кога е поблизу до голот, но тој е свесен дека е на почеток, неговиот цел потенцијал сѐ уште не излегол на виделина, но јас сум убеден дека ако продолжи вака ќе има двоцифрен ефект секоја сезона“.

Поврзани содржини