Елиминација на независните со пенкало
Oва шокантно подигање на прагот и правење огромна разлика во бројот на потписи кои стојат зад една изборна листа е дискриминирачко и противуставно, создавајќи нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Во предизборнава мелница од вести, без многу врева, се протна измената на Изборниот законик во членовите 61 и 62, па драматично се подигна прагот за поднесување независни граѓански листи на избори. Новиот услов за независна листа за советници, градоначалници и пратеници стана 1% од избирачите. Ова е елиминација на независните листи од изборната трка и оставање чист простор за „берба“ на големите партии. Кои впрочем и го изгласаа ова и ги избришаа независните со пенкало. Ова е спротивно на Уставот и го има во далечниот Бразил. Посебно загрижува што најголем број од независните листи се активисти што се борат за здрава животна средина. Кој се плаши од оваа важна тема?
Уставот со членот 9 ја гарантира еднаквоста на секој граѓанин, а со членот 23 му дава еднакво право да учествува во вршењето на јавни функции. Уставниот суд треба да го препознае административното попречување на демократската практика за поднесок на граѓанска листа. Досега независна листа се поднесуваше со собрани 100 до 1.000 потписи за локални избори и со 1.000 потписи за парламентарни избори. Овие бројки не беа лесно достижни, но беа во логичен сооднос со 1.000 потписи потребни за регистрација на политичка партија. И партијата, како и граѓанската листа, претставува група луѓе здружени околу одредена програмска платформа и цели, со право да учествуваат на избори за постигнување на тие цели. Токму затоа ова шокантно подигање на прагот и правење огромна разлика во бројот на потписи кои стојат зад една изборна листа е дискриминирачко и противуставно, создавајќи нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Јавноста очекуваше олеснување на овој процес и извлекување надвор од подрачните единици на ДИК, со намалување на прагот, следејќи добри примери во Европа. Споредбено, во Австрија и Белгија се доволни 200-500 потписи, во Британија и Финска 100, во Германија 200, во Италија 500-1.000 за Парламент и 350-700 за Сенат, а во сите случаи се работи за далеку поголеми изборни единици од нашите! Македонија, пак, се угледа на далечниот Бразил, каде што независни листи биле забранети до пред некоја деценија, а потоа дозволени со праг од 1%!
За да се разбере што значи во пракса новиот праг од 1% од запишаните избирачи и зошто е недостижен, еве примери. Независните кандидати за советници или градоначалници во Скопје би требало да соберат најмалку 4.673 граѓански потписи, наместо досегашните 1.000, кои се потребни САМО за да поднесат листа. Тоа е половината од бројот на гласачи кои гласаа за независните листи на Зелен Хуман Град за советници и градоначалник на Локалните избори 2021, кој изнесуваше 9.223 за советот (4,01% од излезените гласачи), односно 9.954 за градоначалник (4,33% од излезените гласачи), при вкупна излезност од 51,44%. Резултатот беа 2 избрани советници во градот.
На Локалните избори 2021 сите независни листи за општински советници беа неформална четврта политичка сила во земјата со 56.085, односно 65.308 сосе Скопје (6,7%) и 67 советници, веднаш зад трите најголеми коалиции. Покрај веќе спомнатите во Скопје, ги имаше во 33 од 80 општини. Од оние изразито еколошките, најголем успех постигнаа „Шанса за Центар“ со 11,68% и 3 советници, „Независните за Карпош“ со 7,90% и 2 советници, „Подобро за Тетово“ со 7,41% од и 2 советника, „Поинаку“ со 9,48% и 3 советници, а по 1 советник има „Стига е“ во Ново Село 9,72%, Струмица 4,06% и Босилово 6,44%, итн. Ова се импресивни резултати, посебно зашто се темелат на чист активизам, нискобуџетни кампањи и благородни заложби.
Јасна е апсурдноста на ова покачување на прагот за независните листи. Но следното прашање е: Кому и зошто му пречат независните? Големите играчи си ги бројат нивните гласови како свои изгубени. Но не би се согласила со нив. Анализата на резултатите од 2021 покажува дека независните листи се во огромен дел граѓански активисти што се борат за здрава животна средина. Тие се хоризонтално поврзани меѓу себе, не секогаш излегувале на избори, а излегуваат токму заради еколошката тема и луѓето од нивната околина што ги познаваат и со кои заедно оделе на протести, пишувале на социјални медиуми. Заеднички се бореле против злоупотреби на поединци или цели институции против загадувањето на воздухот, водите и почвите, против неконтролирана урбана експанзија и уништување на зеленилото во градовите, но и против злоупотреби на заштитените подрачја, против рудници со огромни хидројаловишта полни со цијаниди и сулфурна киселина, за да не им дојдат во дворовите, во нивите, покрај реките и езерата, во заштитени подрачја…
Ако ги нема лицата што си ги познаваат и на кои им веруваат, најголем број од гласачите на независните листи повторно ќе станат пасивни и гневни набљудувачи на изборниот процес. И со причина, зашто им е ускратено правото да имаат свои претставници во локалната или националната власт, низ демократски процес на предлагање и избирање. Што ќе стане со овие луѓе? Масовно нема да излезат, или ќе излезат и ќе гласаат протестно, барем оние што разбираат математика и не сакаат никој да си игра со нивниот глас.
Конечно, кому му се потребни независните листи? На целото македонско општество, заради демократичноста која треба да ја доизградиме, а не разградиме, како и заради одржување на екологијата како важна тема, за да бидеме поздрави и посреќни што живееме во нашата убава Македонија.