Електронското следење на позитивните на ковид-19 е одлична мерка, но само ако ефикасно се спроведе

2,024

Прв пат од самиот почеток на пандемијата, кога беа воведени вонредна состојба, полициски час и „клуч на врата“ (lockdown) во нашата земја, вчера беа донесени две мерки кои оставаат впечаток на сериозна решеност на македонските власти да влезат во пресудна битка со коронакризата. Ваквите мерки се изнудени, откако Владата и Комисијата за заразни болести речиси целосно потфрлија во менаџирањето со кризата, поради што Македонија денес е неславен рекордер во регионот по сите параметри кои го регистрираат вториот епидемиски бран – нови заразени, активни случаи, смртни исходи…

Вчера Владата донесе две суштински битни одлуки, со намера да се справи со непочитувањето на базичната стратегија што се спроведува во секоја земја погодена од епидемија –  изолација на заразените. Првата мерка е уредба која определува дека доколку некое лице одбие да го прими решението за самоизолација, или дава лажни лични податоци и лажни податоци во врска со лицата со кои што имало контакт во изминатите денови, или пак не ја применува мерката строга изолација во домашни услови (домашна самоизолација), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, во објекти определени од Владата, за што Министерството за внатрешни работи донесува решение, додека трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од страна на тоа лице. Втората мерка е контроверзна и се состои во обврската секое лице што ќе биде во изолација со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, задолжително да ја инсталира апликацијата „Стоп корона“, заради поголема прегледност, контрола и превенција на ширењето на коронавирусот.






Половичното решение не е решение

Иако не е сосема јасно дали сега секое лице позитивно на ковид-19, кое мора да ја инсталира оваа апликација, мора и да пријави дека е заразено (сега во инсталираната апликација пријавувањето е доброволно), се насетува дека станува збор за обид на македонските власти да воспостават некаков, макар и рудиментиран систем на електронско следење на заразените. Но, пожелно е Владата детално да го расчисти ова прашање, бидејќи експертите предупредуваат дека оваа мерка има смисла само ако се спроведе решително, сеопфатно и ефикасно. Евентуалното половично, хибридно решение сигурно нема да го спречи критицизмот во дел од јавноста, а ефектите, за жал, ќе изостанат.

Електронското следење на инфицираните од овој вирус не е непозната мерка во светот. Врз основа на една анализа на Human Rights Watch и на некои други статии, овде ќе приложиме кус приказ на некои поинтересни искуства во светот. Целта е да се информираме за тоа какви апликации и платформи се применуваат во одделни земји, колку се тие ефикасни и со кои проблеми се соочуваат државите и нивните граѓани при нивната имплементација. Во анализата на HRW детално се опишани и техничките детаљи за тоа како се спроведува електронското следење, но посебно се анализираат и аспектите на заштитата на човековите права.

Во таа смисла, најинтересен е примерот на Израел, земја која одлично се справува со пандемијата. Во март годинава, кабинетот на премиерот Бенџамин Нетанјаху одобри внатрешната безбедносна служба (Шин Бет) да спроведе следење на инфицираните со ковид-19 преку податоците од нивните мобилни телефони. Станува збор за технологија која се употребува во борбата против тероризамот и која сега му е достапна на Министерството за здравство, за да ги лоцира позитивните на ковид-19 и да ги предупредува луѓето кои се во нивна близина. Само во првите два дена од примената на оваа мерка, Министерството за здравство им испратило 400 текстуални пораки на поединци, со предупредување дека биле во близина на инфицирано лице и со наредба да се подложат на 14-дневна самоизолација. После острите протести и врз основа на петиција на борците за човекови права во оваа земја, Врховниот суд на 26 април одлучи дека електронското следење мора да се озакони. Интересно е дека судот одлучил следењето на новинарите кои се позитивни на ковид-19 да може да се врши само со нивна согласност. Но, Израел сепак не се откажува од овој ефикасен начин на контрола на заразата.

Властите во Јужна Кореја, земја која се смета за еден од светските шампиони во справување со коронакризата, освен што ги користи податоците за лоцирање од мобилните телефони, јавните камери и податоците од дебитните и кредитните картички, за идентификација на луѓето заразени со коронавирусот, креираа и јавно достапна електронска мапа, која, врз основа на собраните податоци за инфицираните лица, на сите други луѓе им овозможува во секој момент да проверат дали се во близина со заразените. Оваа платформа официјално беше лансирана на 26 март. Здравствените власти исто така испраќаат детални податоци за движењето на заразените 48 часа пред да бидат регистрирани како позитивни, со цел да предупредат на можни контакти во периодот пред откривањето на случаите на ковид-19. Оваа мерка е многу важна за странските туристи.

Aвторот на овој приказ е на становиште дека Македонија, особено после вториот епидемиски бран, целосно ги исполнува условите за воведување ефикасен систем на електронско следење и предупредување, со почитување на препораките на HRW.

Бранко Героски новинар

Следење, предупредување, казнување…

На 7 април, министерот за здравство на Турција објави дека луѓето заразени со ковид-19 се обврзани да ја симнат апликацијата наречена „Животот останува дома“, како дел од проектот за следење на изолацијата на пандемиските случаи. Оваа апликација го следи движењето на луѓето на кои им е определена самоизолација – ако го напуштат домот, тие добиваат предупредување преку смс-пораки и повик со наредба веднаш да се вратат во самоизолација. За тие што ќе продолжат да ја кршат мерката на изолација, следуваат други административни мерки и санкции, кои можат да вклучат и затворска казна од два месеца до една година.

И градските власти на Москва во април лансираа мобилна апликација за следење на заразените. Таа е задолжителна за сите на кои им е наредено да останат изолирани дома. Апликацијата бара пристап до повиците на корисникот, до локацијата, камерата, сториџот, мрежните информации, сензорите и други податоци, со цел да се обезбеди луѓето да не ги напуштаат своите домови додека се заразени. Оваа апликација е додаток на еден од најголемите светски системи за следење со камери, опремен со технологија за фацијално препознавање. На 15 април Москва воведе и систем на дигитални дозволи за ненужни патувања, како во јавниот превоз, така и со приватни возила.

Најблиску до технолошкото решение на нашата апликација „Стоп корона“ е апликацијата „TraceTogether“, лансирана во Сингапур уште на 20 март. Тоа е апликација базирана на блутут-технологијата. Законот ги обврзува граѓаните кои ќе бидат повикани, да му помогнат на Министерството за здравство во точното мапирање на нивното движење и на нивните контакти, за да се минимизира опасноста од ширење на заразата. Податоците се шифрирани и заштитени. Речиси идентична апликација со македонската има во Норвешка, која е доброволна и се засновува на доброволно известување.

Кина е посебен случај. Приближно 700 милиони луѓе се корисници на мобилна апликација наречена „Health Code“. На секој од нив им се определува по една боја: зелената овозможува неограничено движење, жолтата значи седумдневен карантин, додека црвената определува двонеделен карантин. За човек да влезе во зграда, во супермаркет, во возило на јавен превоз, или да се шета во соседството, мора да го скенира својот QR код на посебни чекпоинти. Полицијата има увид на податоците од апликацијата.

Кога веќе сме мајстори на занаетот, зошто да не?

Следејќи ги искуствата на многу земји и проблемите од аспект на загрозување на приватноста и на човековите права, Human Rights Watch препорачува мерките за електронско следење да бидат законски а не арбитрерни, рестрикциите да бидат неопходни во смисла на нивната ефективност и научна заснованост, како и пропорционални на ризикот по јавното здравје. Мерките треба да се насочени кон легитимна цел, да бидат временски ограничени само за периодот на кризната состојба, да го почитуваат достоинството на луѓето и да бидат трансперентни, односно да бидат овозможени жалбени постапки во случаи на злоупотреби.

Не ни е познато дали постоечката македонска апликација „Стоп корона“ овозможува ефикасно следење на позитивните на ковид-19 и предупредување на можните контакти, како и тоа дали апликацијата може да се надгради во таа насока. Но, авторот на овој приказ е на становиште дека Македонија, особено после вториот епидемиски бран, целосно ги исполнува условите за воведување ефикасен систем на електронско следење и предупредување, со почитување на препораките на HRW.

Македонските здравствени власти досега не блеснаа во битката со пандемијата. Веројатно недостасуваа и знаење и политичка волја. Можеби затоа можеме да се истакне на полето на кое еднаш веќе покажавме дека сме „мајстори на занаетот“. Имено, не треба да заборавиме дека во оваа земја се спроведе досега најобемното нелегално прислушување и следење на мобилната телефонија во европската историја. Ако бевме способни за такво нешто, мора да сме способни да дизајнираме систем на ефикасно електронско следење на заразените од коронавирусот, во интерес на здравјето на сите и на секој од нас поединечно.

Фотографија: pixabay.com

 

Поврзани содржини