Електронски ќе се следи каде завршуваат парите за регионален развој

Во тек е креирањето на електронскиот систем СиРеРа, со швајцарска поддршка, а за неговото воспоставување е задолжен Кабинетот на вицепремиерката Мила Царовска.

455

Вложувањата во регионалниот развој ќе се следат електронски. Точно ќе се знае кој регион колку средства добил од државниот Буџет, за што и како ги потрошил. Во тек е креирањето на електронскиот систем СиРеРа, со швајцарска поддршка, а за неговото воспоставување е задолжен Кабинетот на вицепремиерката Мила Царовска.

– Програмите ќе се прават по еднакви стандарди и на тој начин, кога ќе се креира буџетот за 2021 година ќе можеме детално да видиме во кој регион колку се вложило, во која област – рече Царовска по седницата на Управниот одбор на Проектот за изработка и воведување систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа).






Со години некои региони биле по запоставени, оцени Царовска.

–  Има општини во кои нема реновирани училишта, во кои нема воопшто градинки, немало амбуланти. Тоа укажува дека имало послабо планирање инвестиции во дадени региони. Но, со овој начин на прибирање податоци и директно, сликовито прикажување каде е вложувано, колку и што планирате за идната година, ќе се добие можност на транспарентен начин која и да е влада да го прикаже вложувањето во регионите, но и следењето низ години – подвлече Царовска.

Според неа, државата првпат добива јасна слика за вложувањето во регионалниот развој и има можност сите програми да ги адаптира на потребите – онаму каде што најмалку се вложувало, сега да се вложува повеќе со цел сите граѓани и деца да добијат еднаков пристап и до услуги и до развиени региони.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече  дека се работи за проект вреден пет милиони швајцарски франци од кои 3,3 милиони се швајцарска донација, а останатите се средства обезбедени од македонската Влада.

– Генерално ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони со иновативни проекти – рече Милевски.

Поврзани содржини