ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА ВО МАКЕДОНИЈА – СТРУЈА ИМА, ГАЈТАН НЕМА Државата дава субвенции, ама само на хартија

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2021 година во Македонија биле регистрирани 128 електрични возила. Двојно помалку од Црна Гора, на пример. Инфраструктура речиси и да нема, а за субвенциите не се предвидени пари во буџетот.

3,026

Додека во светот наголемо се субвенционира купувањето електрични автомобили, за да се исполни планот со кој треба да се стави крај на дизел возилата, кај нас сè се сведува на ветувања од предизборните програми или на програми за заштита на човековата околина од загадување кои не се реализираат.

Во моментов е актуелна Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила донесена во 2018 година, но за нејзино спроведување најверојатно ќе почекаме да ја спроведе некоја друга влада, бидејќи и во буџетот за годинава не се испланирани пари за оваа намена.






Со неа се предвидуваат субвенции од 5.000 евра за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило. Во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.

И годинава нема субвенции за електрични возила

За годинава не се предвидени пари за овој вид на субвенција, бидејќи Министерството за финансии не почувствувало потреба да издвои пари за таа намена. Дали ќе има во ребалансираниот буџет, не се знае.

Во Македонија, според последните статистичките податоци, електричните возила на нашите патишта имаат удел од само 0,03%, но иако уделот е скромен, постојано е во пораст. Во 2019 година имало само 51 такво возило или 0,01%, зво 2020 година 69 (0,02%), а и во 2021 се 128 регистрирани електрични возила.

Познавачите на состојбите велат дека со огледа стандардот на граѓаните и поволноста што ја имаат овие возила за животната средина, бидејќи не користат фосилни горива за погон, потребни се субвенции за да се зголеми интересот на граѓаните, а земјата ќе се оттргне од тоа да биде депонија за отпишани дизел возила од Европа.

Цената на електричните возила се движи од 45.000 евра па нагоре, зависно од брендот, што и во европските земји се смета за скапо возило и поради тоа се субвенционира нивното купување.

Познавачите на состојбите велат дека и земјава треба да се определи за субвенционирање на овој тип на возила како што и предвидува, но и да предвиди и други поволности за граѓаните, како ослободување од плаќање даноци, од патарини, за паркинзи и слично. Потребно е да се изгради и соодветна инфраструктура на брзи полначи на струја, бидејќи сега функционираат само 44 полначи поставени од ЕВН Македонија низ целата земја, кои се со сила од 22 киловати, што е малку со оглед дека брзите полначи за 15 минути го полнат автомобилот за 200 километри пат. Има полначи и во одделни фирми, но потребно е тие да се постават на секоја бензинска станица.

Пресметките говорат дека помалку се троши со електричен автомобил

Пресметките говорат дека трошокот на употреба на електричните автомобили е помал и до 8 пати од оној кој го имаат сопствениците на возилата со внатрешно согорување и до 4 пати помали трошоци за одржување во еден животен циклус 5 години и изминати 150.000 километри.

Иван Ивановски од иницијативата Electrify.mk кој поседува електричен автомобил „Тесла“ модел 3, вели дека економичноста особено се изразува во ниските трошоци за одржување, а отсуството на бучава и на секаков вид на вибрации го прави возењето многу поудобно од возилата со мотор со внатрешно согорување.

– Поволноста на електричните автомобили е таа што нема големи трошоци. Моите пресметки во однос на полнењето на автомобилот со струја се дека за 100 километри пат потребни се 70 денари, ако се полни дома. На полначите на ЕВН засега е бесплатно, но од септември е најавено дека и ЕВН ќе наплаќа европска цена на струјата од 24 денари. Друг трошок за овие возила нема, бидејќи практично нема трошоци за сервисирање. Овие возила немаат филтри, масла, плочки, вентили кои треба да се менуваат. Се менуваат филтер за воздух и плочки на кочници на 50.000-100.000 километри, бидејќи има големо моторно кочење (regenerative braking). Новите батерии ќе траат повеќе од 1.000.000 километри, без да има деградација поголема од 5%. Јас, на пример, со поминати 150.000 километри, немам никаков сервис направено. Овие возила се и далеку побезбедни од другите. Тоа покажува дека инвестицијата која се чини поголема при купувањето се исплати на долг рок – вели Ивановски.

Според него, посебен проблем на сопствениците на електрични возила во земјава е тоа што нема инфраструктура за полнење, а она што го нуди ЕВН Македонија се бавни полначи.

– Државата треба да има стратегија околу ова прашање, во која покрај инсталирање на брзи полначи кои законски треба да се воведат да ги има на секоја бензинска пумпа, ќе треба и да се определи и за тоа дали ќе ги ослободи електричните возила од ДДВ или ќе воведе субвенции. Во некои држави покрај субвенции од 7.000 евра, сопствениците на електрични возила имаат и бесплатен паркинг, во некои дури не плаќаат патарини и слично – вели тој.

Ослободување од царина за сите модели и производители

Ивановски забележува и на тоа што иако се прокламира дека за електричните возила не се плаќа царина при увоз, сепак тој бил принуден да плати 5% царина бидејќи возилото го увезол од САД.

– Не знаев дека царина не се плаќа само за европските возила, па бев непријатно изненаден кога требаше да платам 5% од вредноста, бидејќи го увезов од САД. И во овој контекст треба да има изедначен пристап до сите марки на возила, со што ќе се овозможи поголем увоз на ваков вид на возила со цел да се заштитиме од загадувањето. Дополнително, нема никакви поволности во однос на регистрацијата, ниту пак во однос на осигурувањето. Тие се пресметуваат според јачината на моторот како и кај другите возила – вели Ивановски.

Државата треба да има предвид дека овие возила трошат еколошко гориво и не ја загадуваат животната средина и затоа треба да ги стимулира граѓаните да купуваат повеќе вакви возила отколку оние до внатрешно согорување. Според Ивановски, цената на електричните возила, за разлика од оние со мотор на внатрешно согорување и половните автомобили кои најмногу се купуваат и увезуваат во земјава е повисока, но инвестицијата на подолг рок се исплати.

– Најевтината варијанта а Тесла за 45.000 евра. Има поевтини кинески автомобили, а на домашниот пазар можат да се најдат и возила од европските марки. Овие возила се скапи, но ако гледаме долгорочно тие се далеку помала инвестиција од другите возила. Јас, на пример, за периодот додека го возам автомобилот, би требало да потрошам и дополнителни најмалку 15.000 евра за гориво, а тука треба да се пресметаат и сервисите кои се задолжителни за возилата со внатрешно согорување – вели Ивановски.

Како е во Европа и регионот?

Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), 20 од 27 европски земји имаат политики за финансиска поддршка за купување на нов електрифициран или целосно електричен автомобил, со исклучок на Белгија, Бугарија, Данска, Финска, Латвија, Словачка и Шведска.

Во зависност од државната политика на локално ниво, оние што сакаат да купат нов електричен автомобил со ниски емисии или 100% може да сметаат и на парична субвенција за купување на самиот автомобил и за инсталација за полнење.

Во Австрија на пример е предвиден бонус од 3.000 евра за купување на модел BEV, 1.250 за оној со хибриден систем со plug-in (PHEV) и 1.800 евра за инсталација за полнење дома.

Земја со најдобра политика за поддршка за купување на електричен автомобил во последните неколку години е Романија со субвенција до 11.500 евра. Потрошувачите можат да сметаат на премија до 20.000 евра, од кои 19.000 се наменети за набавка на модел BEV, а уште 1.000 евра се даваат при враќање на користен.

Сериозни поволности имаат и Малта (11.000 евра), Хрватска (9.291 евра), Унгарија (7.350 евра), Луксембург (8.000 евра) и други. Во Франција субвенцијата е до 5.000 евра, а во Германија до 6.750 евра.

Дел од земјите субвенционираат и домашно инсталирање на полначи на струја.

Од соседството, во соседна Србија граѓаните што ќе се решат да набават електрично возило или возило на хибриден погон, имаат можност за субвенции во износ од 2.500 до 5.000 евра. Низ улиците на Србија се движат околу 4.000 електрични автомобили, меѓу кои и хибридни. Најголемата употреба на овие возила, за кои се вели дека го намалуваат загадувањето на воздухот и воопшто ја штитат животната средина, се предвидува да се случи по 2024 година, кога се очекува да биде произведен првиот електричен автомобил во градот Крагуевац.

Слични се износите што и во другите балкански земји се доделуваат при купување возило на еколошки погон.

Во првите четири месеци од годинава во Албанија се регистрирани 158 електромобили, покажуваат податоците на генералната дирекција за транспортни услуги во патниот сообраќај. Вкупниот број на електрични и хибридни автомобили (електро-дизел или бензин) на патиштата во Албанија е над 2.000.

Во Црна Гора се регистрирани нешто повеќе од 350 електрични автомобили. Анализите на граѓанскиот сектор во земјава велат дека Црна Гора сè уште е во рана фаза на е-мобилност.

Во поглед на е-мобилноста, не се разликуваат многу состојбите во Црна Гора и Косово. Познавачите на состојбите на пазарот на електрични автомобили во Косово велат дека немањето соодветна инфраструктура и непостоење на законска регулатива слична на онаа во ЕУ е отежнувачка околност. На одредени бензински пумпи во Косово можат да се сретнат полначи за електричните возила, а општина Приштина во соработка со „Приштина паркинг“ сервисот постави станици за полнење на вакви автомобили.

Кај нас се смета како голема поволност тоа што со новиот Закон за данок на моторни возила што стапи на сила на 1 јануари 2020 година, електричните возила се ослободени од посебен данок на моторни возила, додека за хибридните возила граѓаните се ослободени од плаќање на 50 отсто од данокот.

Возилата се вториот најголем загадувач на воздухот во земјава. И покрај тоа што не успева да субвенционира купување на електрични возила, Македонија планира да произведува електрично возило во Тетово. Инвеститорот „Некст. Е. Го мобиле“ сè уште не го означил ни местото на градба. Многумина велат дека инвестицијата вредна 130 милиони евра е промашена.

Поврзани содржини