ЕЛЕКТРИЧЕН КОЛАПС ПО УКРАИНСКИТЕ НАПАДИ СО ДРОНОВИ Над 700.000 луѓе останаа без струја во Запорожје и во Херсон
Рускиот шеф на Запорожје, Евгениј Балицки, соопшти дека по украинскиот напад со дронови, без електрична енергија останале 457 населени места во Запорожје. Тој тврди дека пожарите, што настанале по нападот, биле бргу изгаснати, а екипите на електроенергетската компанија веднаш започнале со санација.
Повеќе од 600.000 луѓе во регионот Запорожје, кој се наоѓа под руска контрола, останале без електрична енергија поради нападите извршени од украинските вооружени сили, соопшти рускиот шеф на регионот, Евгениј Балицки, пренесуваат руските медиуми.
Балицки изјави дека вкупно 457 населени места во Запорожје се без струја поради украинскиот напад со беспилотни летала.
„Пожарите, што избувнаа како резултат на нападот, беа бргу изгаснати, а екипите на електроенергетската компанија започнаа со санација“, напиша Балицки, додавајќи дека важните објекти се снабдени со резервни извори на енергија.
Тој исто така нагласи дека во северозападниот дел на регионот е оштетена опрема со висок напон.
Сличен напад бил извршен и во Херсонскиот регион, каде што украинските сили погодиле енергетски објекти со беспилотни летала и оштетиле нова трафостаница во Геничкиот регион, изјави регионалниот шеф Владимир Салдо. Тој тврди дека повеќе од 100.000 лица во 150 населени места се без електрична енергија.
Вработените во Министерството за вонредни ситуации, според руските извештаи, ги отстраниле последиците од гранатирањето врз трафостаницата во Геничкиот регион.