ЕКСТРЕМНО НЕВРЕМЕ ЈА ПАРАЛИЗИРА ГЕРМАНИЈА Снег, замрзнат дожд и силна бура носат хаос

Обилни снежни врнежи, силен ветер и поледица веќе предизвикуваат несреќи и затворања, а метеоролозите предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа.

403

Германија се соочува со сериозно влошување на временските услови – обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и силна бура веќе го зафатија дел од земјата, а најтешкиот удар допрва се очекува.

Германската метеоролошка служба (DWD) предупредува дека од четврток навечер голем дел од земјата ќе биде погоден од интензивни врнежи, при што во низините може да наврнат и до 20 сантиметри нов снег, а на одредени места ќе има и опасен замрзнат дожд.






– Станува збор за екстремни услови, особено поради комбинацијата од силен ветер и снег – предупредуваат од „DWD“.

Според метеоролозите, лошото време е предизвикано од циклонот „Ели“, кој се приближува од југозапад, носејќи топол фронт што создава мешавина од снег и дожд – услови идеални за поледица.

Неповолните временски прилики веќе предизвикаа сериозни проблеми во сообраќајот. Забележани се бројни застои на патиштата и во железничкиот сообраќај, а поради силниот ветер и снег, денеска беа затворени училиштата во делови од северна Германија, меѓу кои Хамбург, Бремен и Долна Саксонија.

Во Долна Саксонија, кај местото Гехрде, утринава животот го загуби возач на автомобил кој, според полицијата, поради поледица изгубил контрола и удрил во дрво.

Сообраќајни несреќи поради лизгави коловози се пријавени и во други сојузни покраини. Во Тирингија, автопатот А73 беше делумно затворен по судир на три возила кај Шлојзинген.

Поради екстремните временски услови, владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја откажа својата редовна затворена конвенција, планирана за утре.

– Поради сериозните предупредувања и отежнатиот железнички и воздушен сообраќај, принудени сме да ја одложиме конференцијата – изјави портпаролката на ЦДУ, Изабел Фишер.

Германската метеоролошка служба апелира до граѓаните да ги одложат патувањата доколку не се неопходни и внимателно да се информираат пред поаѓање, особено кога станува збор за авионскиот сообраќај, каде што се можни и целосни затворања на аеродромите.

Надлежните служби ги повикуваат граѓаните да бидат крајно внимателни поради поледицата, додека болниците, особено трауматолошките одделенија, се подготвуваат за зголемен број повредени.

Поврзани содржини