ЕКСТРЕМИСТИ САКАЛЕ ДА ПОДМЕТНАТ ЕКСПЛОЗИВИ ВО АМБАСАДАТА НА САД Каракас го предупреди Вашингтон за можен напад

Венецуела тврди дека екстремистички групи од опозицијата се обиделе да извршат напад врз американската амбасада, додека тензиите со Вашингтон продолжуваат да растат.

70

Властите во Венецуела соопштија дека откриле заговор за поставување експлозиви во зградата на американската амбасада во Каракас, тврдејќи дека веќе го предупредиле Вашингтон за заканата. Информацијата доаѓа во време на засилени тензии меѓу двете земји, поради присуството на американски воени бродови во Карипското Море.

– Преку операција со лажно знаме, екстремистички сектори на локалната десница имаат намера да постават експлозиви во амбасадата на САД во Венецуела – изјави претседателот на венецуелскиот парламент Хорхе Родригез.






Тој додаде дека Каракас ги известил и европските дипломати за да ги пренесат информациите до американската страна.

– Ја предупредивме американската влада за сериозна закана. Не сакаме трагедии, сакаме превенција и стабилност – нагласи Родригез, наведувајќи дека безбедносните служби на земјата се во „висока готовност“.

Дипломатските односи меѓу Венецуела и САД се прекинати уште во 2019 година, кога американската администрација не го призна реизборот на Николас Мадуро. Зградата на амбасадата во Каракас е затворена веќе неколку години, а во неа работат само неколку локални вработени.

Во последните недели на социјалните мрежи кружат шпекулации дека лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо побарала засолниште токму во американската амбасада. Таа се крие од претседателските избори во јули 2024 година, кои опозицијата ги оцени како „наместени“.

Во меѓувреме, САД потврдија дека нивните сили нападнале брод за кој тврдат дека превезувал дрога, во близина на брегот на Венецуела. При нападот биле убиени четири лица, а од почетокот на операцијата во Карипското Море загинале вкупно 21 лице.

Вашингтон тврди дека операцијата има за цел да го спречи шверцот на наркотици, но според властите во Каракас, ова е само изговор за воена интервенција и контрола на нафтените ресурси на земјата.

Претседателот Николас Мадуро остро реагираше на американските акции, нарекувајќи ги „вооружена агресија“.

– Вашингтон ја користи борбата против трговијата со дрога како изговор за промена на режимот и за преземање на нашите нафтени богатства. Тоа е класичен пример на империјалистичка политика – изјави Мадуро.

Тој порача дека Венецуела нема да се повлече пред надворешни закани, и дека државата ќе ги брани своите граници и суверенитет „со сите средства“.

Поврзани содржини