Експратеникот Богдановски: Против урбаната мафија подобро ќе се борам од терен отколку од говорница

Да потсетам, јас и Ана Петровска бевме нестатутарно разрешени од потпретседателските позиции во партијата од малцинска група на елитисти во ДОМ предводени од претседателката Маја Морачанин, вели Богдановски.

374

Откако Собранието ја констатира оставката на сега експратеникот од ДОМ, Мирослав Богдановски, тој се огласи на Фејсбу со порака дека останува максимално посветен на екологијата, како и дека и натаму ќе продолжи бескомпромисно да се бори против загадувачите и урбаната мафија. Тој додава дека тоа подобро се прави од терен, отколку од говорница. Богдановски ја обвини претседсателката на ДОМ, Маја Морачанин дека нестатутароно го разрешила од потпретседателската позиција.

„ Денес ја поднесов својата оставка од функцијата пратеник во Собранието. Сакам да потенцирам дека останувам максимално посветен на заштитата на животната средина. Впрочем, затоа и се враќам на моето претходно работно место во Инспекторатот на Град Скопје и со сиот мој професионален интегритет и одлучност, да придонесам во борбата против загадувачите, урбаната мафија и да спречам уништување на зеленилото. Граѓаните бараат зелени, чесни и бескомпромисни борци што се секојдневно на терен, далеку од удобните фотелји. Зелените не се елитисти и демагози, туку луѓе од акција. Јас како дел од Европските зелени, со тоа убедување чекорам повеќе од деценија и сметам дека многу повеќе може да се направи директно на терен отколку од говорница. Затоа сакам со својот тим од Инспекторатот на Градот Скопје и во соработка со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, решително да придонесеме во спроведувањето на Зелениот Договор на ЕУ и Зелената Агенда за Западен Балкан. Да потсетам, јас и Ана Петровска бевме нестатутарно разрешени од потпретседателските позиции во партијата од малцинска група на елитисти во ДОМ предводени од претседателката Маја Морачанин. И покрај тоа, продолжуваме да се бориме за зелените вредности исто како и досега, во интерес на зелените активисти и граѓаните. Ќе покажеме и докажеме дека борбата на терен е нашиот својствен начин за остварување на зелените политики“, напиша Богдановски на Фејсбук.






Тој не дојде во Собранието да ја образложи оставката од пратеничката функција.

Поврзани содржини