ЕКСПЛОЗИИ И ПОЖАРИ ВО РУСИЈА, УКРАИНСКИ ДРОНОВИ ГАЃАЛЕ СКЛАДИШТА НА РАКЕТИ И НА НАФТА На удар биле и 2 станици за компресија на гас

„Оваа специјална операција на СБУ ги намалува финансискиот капацитет на војната против Украина и воениот потенцијал на руската армија, соопшти Украинската специјална служба.

465

Украина соопшти дека во текот на ноќта гаѓала складиште за ракети и 2 станици за компресија на гас во Русија, неколку часа откако претседателот на Русија, Владимир Путин, изрази резерви за американскиот предлог за прекин на огнот во Украина, кој Киев го прифатил.

Украинската специјална служба (СБУ) објави дека нејзините беспилотни летала погодиле „складиште на ракети за системите С-300/С.400“ во руската област Белгород, која граничи со Украина, кога била предизвикана експлозија“.






СБУ, исто така, објави дека погодила 2 станици за компресија на гас во руските региони Тамбов и Саратов, што се на стотици километри од линијата на фронтот, но се во дометот на беспилотните летала, произведени од Киев, како одговор на руските напади.

„Оваа специјална операција на СБУ ги намалува финансискиот капацитет на војната против Украина и воениот потенцијал на руската армија“, се наведува во соопштението.

„Вториот напад на Украина со беспилотни летала предизвика пожар во складиште за нафта во Туапсе, во југозападниот руски Краснодарски регион. Во ова црноморско пристаниште е запалена цистерна со гориво“, соопшти гувернерот Венјамин Кондратиев на каналот Телеграм.

Тој додаде дека пожарот зафатил површина од околу 1.000 метри квадратни и дека околу 100 пожарникари се испратени да го изгаснат.

Од друга страна, украинските воздухопловни сили соопштија дека Украина синоќа била цел на 27 руски експлозивни беспилотни летала, од кои повеќето наводно биле пресретнати.

Но, погодени беа и областите на Доњецк и Харков, низ кои минува фронтот.

Гувернерот на Харковскиот регион, Олег Синегубов, изјави дека во нападот е повредено едно лице.

Руската војска соопшти дека во текот на ноќта пресретнала 28 украински беспилотни летала, од кои 4 над московскиот регион и дека нема жртви или значителна штета.

Поврзани содржини