ЕКСПЕРТКА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА НА ЕУ ПРЕДУПРЕДУВА Не очекувајте полноправно членство ниту на среден рок
Време е за тешка но искрена дебата меѓу ЕУ и Западниот Балкан, вели Шада Ислам, една од највлијателните жени во бриселските кругови.
Шада Ислам, една од највлијателните жени во бриселските кругови и долгогодишна експертка за надворешна политика на ЕУ во разговор за МИА се осврнува на посетата на претседателката на Европската Комисија на Западен Балкан, иднината на проширувањето и големите предизвици пред кои е исправена Европската Комисија.
Според Ислам, Западниот Балкан не треба да се надева на брзо приклучување кон Европската Унија, но смета дека е време двете страни да излезат со храбри и креативни решенија во нивното партнерство.
Како гледате на посетата на претседателката на Европската Комисија на Западниот Балкан?
Фон дер Лајен немаше избор, мораше да оди во регионот апсолутно. Доаѓа самитот на 6 октомври. Таа е интелигентна жена, а регионот станува сѐ понемирен, има сѐ повеќе надеж за некаков исчекор затоа што словенечкото претседателство вети. Имаше многу големи причини за да оди во регионот и да го осигури регионот дека заложбата постои. Иако Европската Комисија е заглавена помеѓу геополитички и домашни работи. Целото прашање е поделено помеѓу, од една страна, Европската Комисија која што ги разбира геополитичките предизвици и влогови, и, од друга страна, земјите-членки кои имаат свои национални и историски прашања. Има две работи кои тежат врз ЕУ: едната е ситуацијата со Полска и Унгарија, но и други земји како Словенија и сериозната загриженост дека европските вредности се излитени поради проширувањето. Тоа е општото чувство во Европа, дека се отвори, се прошири без да воведе потребни осигурувања кон земјите кои се зачленуваат и нивните домашни и регионални конфликти, како што научивме со кипарскиот спор и последиците за ЕУ. Така што извлечени се поуки, но работата е што ќе правите со тие поуки. Брегзит исто така беше трауматично искуство за ЕУ. И да и кажете на една скептична европска јавност дека ќе продолжите да се проширувате или дека ќе преземете чекори за да се проширите понатаму, не е нешто што се продава лесно во ЕУ. Тоа е реалноста во ЕУ, но сепак кон регионот мора да се пружа солидарност и да се даде ветување дека се дел од европското семејство. Мора тоа да се направи, не само затоа што се потребни реформи и стабилност, туку и затоа што геополитички ривали како Кина, Русија, Турција, го шират своето влијание. Така што заглавени сме на некој начин: геополитички императиви и заложба за проширувањето дадено пред години, и од друга страна реалноста на европската јавност.
Ако треба искрено да им се обратите на луѓето во регионот, дали тоа значи дека проширувањето нема да се случи во догледно време или дека компромис сепак е можен?
Не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина. Таргетот 2025 година што се даваше е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес и видовме сега со Косово и Србија, има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи. Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ, ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија. Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи. Никој не е подготвен да оди по тој пат поради сите предизвици и дадени ветувања, но мислам дека е време да размислиме како понатаму, додека чекаме, и продолжуваме да се надеваме дека ќе се оствари членството во ЕУ за сите шест земји. Самата ЕУ е недовршена работа, не е линеарен прогрес како што видовме и со Брегзит. Сметам дека креативноста е интересно прашање, а тоа бара политичка зрелост од страна на самиот регион, но и сериозна интелектуална инвестиција од страна на ЕУ за да видите како ќе поттикнете стабилност, реформи, интеграција, без да дадете целосно ветување за проширување.
Што би било тоа политички креативно решение? Постојат ли такви размислувања во Брисел, како истовремено да се добијат реформите и фондовите кои им следуваат без притоа да ги трауматизирате земјите што се против проширувањето како Франција, Холандија, итн?
Една работа е Конференцијата за иднината на Европа. Тоа е местото каде Европа се здружува, не ЕУ, туку Европа, а Балканот е дел од Европа. Зошто не ги поканивме, зошто не се дел од оваа дискусија? Ова е нешто што не го разбирам. Потребно е чувство на припадност, на посветеност, дека сте дел од таа конверзација. ЕУ е толку техничка, со регулативи, директиви. Фон дер Лајен во својот говор за Состојбата на ЕУ говореше за „душата“ на Европа, сметам дека Балканот требаше и сѐ уште може да биде дел од дискусијата за иднината на Европа. Зошто не се таму овие земји? Ако му велите на регионот дека е дел од семејството, треба да го третирате како дел од семејството. Европските процеси се толку технички и бавни и регулирани, што е и добро, затоа што станувате дел од заедничкиот пазар, имате исти стандарди и правила, но Европа е многу повеќе од тоа, таа е и чувство на припадност, но нашите политичари не се многу добри во ова. Сакаме да се спротивставиме на влијанието на Кина, Русија, но тоа не се прави исклучиво со пари, туку со чувство дека сте вклучени. А Европа е многу лоша во однос на концептот на инклузивност. Треба да бидете дел од дискусијата, да бидете дел од Комитетот за региони на пример, да бидете инволвирани целосно во дебатите за иднината на Европа, но е заглавено во тие технички преговори.
Дали треба да се оди кон некакво засилено партнерство наместо зачленување во ЕУ кога гледаме колку зборот проширување предизвикува тензии кај земјите членки?
Мислам дека од очигледни причини на ЕУ и е потребно Западниот Балкан да стане член, има геополитички, економски, социјални аргументи за полноправно членство на регионот во ЕУ, тоа е најдоброто решение, тоа е тоа што и треба и на ЕУ и на регионот. Нема дилема тука. Мора овие шест земји да бидат дел од ЕУ. Но она што го знаеме дека ова не е можно на краток рок, а веројатно ни на среден поради се ова за што разговаравме. Кога го знаете тоа, наместо постојано да повторувате „дел од семејството сте, ве поддржуваме“, да бидеме реални за тоа како треба да изгледа ова засилено партнерство. Секогаш зборуваме за тоа што и е потребно на ЕУ од регионот, но да погледнеме што бараат земјите и владите во регионот од ЕУ? Слободно движење, така? Пари? Не мислам дека им се толку потребни пари затоа што имаат пари од повеќе извори, но им треба техничка експертиза, реформи. Ми се чини дека играме игра на „блеф на слеп човек“.
Но без бенефитите, а впрочем и самата таа улога е многу дискутабилна, зарем не? Создава многу фрустрација, па и страв, во регионот.
Точно, ова е толку кусоглед начин на работа. Ова е пристапот што го има ЕУ со сите свои соседи. Ако ги погледнете договорите со Африка, Северна Африка, Супсахарска Африка, Турција, сега со Балканот, секогаш се прави тоа на утилитарен начин, што може да биде сфатено како нешто навредливо. Мароко на пример сака да ги зајакне трговските односи, земјите сакаат да бидат вклучени. Вие имате ветување за полноправно членство, но и другите земји сакаат да имаат чувство дека се вклучени, а потоа да се средат техничките детали. Можеби вашите лидери се тие коишто треба да кажат сега е време за нова почетна точка. Целта останува истата, но како да се стигне до таа цел е прашањето. И мислам дека Европската Комисија е прилично во небрано поради сето ова затоа што земјите-членки се тие што заземаат екстремистички позиции, а не Комисијата.
Кога станува збор за Северна Македонија, која е земјата што направи најризични политички потези за да се приближи кон ЕУ, а во однос на реформите е понапредна во многу области и од двете земји кои веќе преговараат, имате успешна приказна која не е наградена како што треба, затоа што една земја, Бугарија блокира, каков сигнал испраќате во регионот?
Целосно го разбирам гневот и фрустрацијата на граѓаните на Северна Македонија, ова е тажна политичка ситуација за ЕУ, затоа што една земја членка може да држи во заложништво. Претпоставувам и дека делумно ова што се случува им одговара на некој начин на оние земји кои не се за проширувањето, но треба да бидат свесни за поширокиот предизвик за кредибилитетот. Ова се однесува на Северна Македонија, и на луѓето во земјата, но како што рековте во прашањето ова има последици за кредибилитетот и конзистентноста на европската политика ширум регионот.
Зошто е толку проблематично за земји како Франција и Холандија само да започнат преговори кога тие преговори не значат членство во ЕУ?
Како што реков на почетокот, ситуацијата во која се наоѓаме, проблемите на истокот со нашите земји-членки, потоа Брегзит, се плашат од гневот на јавноста, гневот на оние кои се против проширувањето, тие што велат зошто влегуваме во ова кога имаме домашни проблеми. Пандемијата не помогна, фактот дека е во Европа владеат нееднаквости од секаков вид, поделби меѓу северот, југот, истокот, западот, конфликти меѓу самите земји околу буџетот, има чувство дека тоа би предизвикало огромен гнев.
Сега кога ја нема веќе Меркел во Германија, дали ќе има промени во оваа земја кон проширувањето и регионот?
Мислам дека без разлика кој ќе биде канцелар заложбата кон проширувањето нема да исчезне. Но не заборавајте дека сега ќе се формираат коалиции, а потоа доаѓаат француските избори, а со ситуацијата во Франција и подемот на екстремната десница, прашањата поврзани за имиграцијата, не верувам дека проширувањето ќе се најде високо на дневен ред на ЕУ за жал. Сигурно не за време на француското претседателство (кое започнува на први јануари 2022, нз). Но за да бидам пооптимист добар знак е што ќе се одржи состанокот на 6 октомври и мислам дека е време за искрен разговор на овој состанок. Видовме дека дури и усогласување за општа реченица беше проблем во заклучоците. Мислам дека е време за непријатна но искрена дискусија. И да се стане креативен. И тоа што е важно да се поканат земјите од Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа, за да можат граѓаните меѓусебно да разговараат.