Експертите си го кажале своето, политичарите треба да пресечат
Од учесници на средбата дознаваме и дека експертите си ја завршиле својата работа и дека нови средби за ова прашање ќе нема.
Државниот врв е на потег да пресече дали и кое од предложените мислења на правните експерти ќе прифати за и правно да биде поткрепена политичката волја на партиските лидери да се одложат изборите закажани за 12 април. Плусинфо од учесници на средбата во Вила Водно дознава дека на маса имало различни предлози како да се одложат изборите и дека правниците не сугерираат конкретно решение, туку решението ќе треба да го донесат политичарите.
Правниците ги изнеле своите мислења за надминување на ситуацијата со одложувањето на изборите. Меѓу правниците немало усогласен став како да се одложат изборите. Дискусијата за одложувањето на изборите траела четири часа и за некои од размислувањата имало совпаѓање, но за некои не.
Од учесници на средбата дознаваме и дека експертите си ја завршиле својата работа и дека нови средби за ова прашање ќе нема.
Универзитетските професори Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска – Давкова, Рената Дескоска, Тања Каракамишева – Јовановска, Јетон Шасивари, Александар Спасов и Денис Прешова ги разгледуваа правните аспекти за одложување на парламентарните избори закажaни за 12 април.
По средбата од кабинетот на Пендаровски соопштија:
– На средбата се дискутираше за повеќе можни решенија што произлегуваат од Уставот на Република Северна Македонија. Консултациите за начинот на одложување на изборите ќе продолжат и во следните денови, соопштија од кабинетот на Пендаровски, од каде воедно додадоа дека на средбата биле присутни и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и премиерот Оливер Спасовски.
Консултацијата со правни експерти беше договорена на вчерашната лидерска средба кај шефот на државата на која се потврди определбата за одложување на изборите, меѓутоа треба да се изнајде правен модалитет за спроведување на оваа одлука, со оглед дека собранието е распуштено.