ЕКСПЕРТИТЕ ОЧЕКУВААТ ИНФЛАТОРЕН БРАН АКО ПОТРАЕ КРИЗАТА Предлагаат намалување на акцизата и поголема антимонополска контрола
Експертите препорачуваат во ваква кризна ситуација да има соработка меѓу фискалната и монетарната власт за да можат да се донесат најсоодветни мерки.
На Македонија и се неопходни многу повеќе мерки од досега преземените во однос на кризата. Многу подобри ефекти може да се постигнат ако се намалат акцизите зашто тоа директно влијае на цената, а треба да се засили и улогата на антимонополската контрола и на инспекциите, порачуваат економските експерти.
Според нив, не треба многу да се чека, зашто нема знаци дека кризата брзо ќе заврши. Овој нафтен шок и оваа криза се многу посилни од оние во 2022 година. Сите анализи покажуваат дека три пати повисок е потенцијалот на сегашната, последна нафтена криза да ја зголеми инфлацијата.
Пред денешната тркалезна маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси – случајот на Република Северна Македонија“ беше оценето дека неизбежно ќе следи инфлаторен бран. Инфлацијата во земјава стана хронична, но, во претстојниот период, сепак, не се очекува нејзино нагло зголемување, туку повеќе растечка, ползечка динамика. Во однос на економскиот раст, нема нови проценки поради неизвесноста. Но, ако продолжи кризата на среден период, тогаш ќе биде ефектуиран и растот.
Како што оценија некои од професорите, Македонија ќе биде ранлива, ако потрае војната во Заливот, зашто во претходната енергетска криза имаше највисока стапка на инфлација од земјите во регионот, но е и увозно зависна. Се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи една третина од ѓубривата за растенијата се тргуваат преку Персискиот Залив.
Беше сугерирано и дека Владата треба да ги зголеми средствата за ранливите категории граѓани.
-Мислам дека треба да се оди со намалување на акцизата. Се намали ДДВ, но ако ја намалите акцизата, на тој начин имате директен ефект врз цената на нафтените деривати, без оглед што е ниска кај нас. Другата работа е антимонополската контрола. Во ваква ситуација, многу фирми се однесуваат монополистички, односно под изговор дека расте цената на нафтата, ги зголемуваат цените на производите. Во таква ситуација, трошоците за производство растат и цените растат, но во светот антимонополската комисија прави контрола дали и колку е оправдан тој пораст. Засега остана иста каматната стапка, но ако дојде до заострување на ситуацијата и ако порасне инфлацијата, ќе мора да се дејствува и преку намалување на каматната стапка и битни се прудентни макроекономски политики – изјави академик Таки Фити.
Според него, во ваква кризна ситуација, ако продолжат работите да се движат во лош правец, треба да се оди на штедење во буџетот и е потребна добра координација меѓу монетарната и фискалната политика.
– Ако ова е, како што ние велиме, шок на страната на понудата, тука не можете да трошите многу од буџетот за да ја подобрите ситуацијата зашто тоа има инфлаторен ефект. Така што, мора да се комбинираат мерки на страната на понудата и побарувачката – рече Фити.
Професорот Ванчо Узунов е дециден дека мерката што засега ја презема Влада е недоволна и задоцнета.
– Задоцнета е зашто ние веќе имаме огромно покачување на цената на дериватите, особено на дизелот и тоа веќе има влијание врз покачување на трошоците на сите стоки и услуги. Значи, неизбежно следи инфлаторен бран- рече Узунов.
Тој смета дека се потребни мерки за најранливите категории граѓани кои веќе се осиромашени и да спречи други да осиромашат.
– Владата ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории, не до сите, не секому и не на сите граѓани, туку на ранливите, за нивниот стандард да не се уништи. Мерките треба да бидат селективни – вели Узунов.
Професорот Борче Треновски смета дека макроекономската политика е пред голем предизвик.
-Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или трошоци или граѓаните со намалување на нивниот стандард. Најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел, секој да понесе дел од ризикот во кој се наоѓаме зашто и државата со мерките што ги презема, ако се силно фискално издашни, тие средства ќе мора да ги надомести – да зголеми даноци, акцизи или други давачки и такси или треба да се задолжи па да враќаме во следните 20 години. Затоа треба најефикасно да се употребат овие пари. Ни треба ефикасна Влада и држава, ни треба ефикасен и паметен пазар кој би се однесувал на овој начин- вели Треновски.
Во оваа ситуација, дополни, не постојат нови проценки за растот. Сите монетарни и фискални власти ширум светот се воздржани поради неизвесноста. Кај нас, растот проектиран од Владата е околу 3,8%, а од Народната банка околу 3,4%.
-Цените на енергенсите брзо одат нагоре-надолу и поради оваа неизвесност тешко може да се види како ќе се одвива економската активност, дали каматните стапки ќе се зголемат или ќе продолжи сегашната воздржаност. Од тие причини, има само некои проекции кои претпоставуваат дека ако цената на нафтата дојде над 150 долари за барел, ќе има ефект од еден процентен поен врз растот на европската економија. Врз нашиот раст ефектот би бил 0,3 до 0,8 или 0,9 па и до 1 на краток рок додека не се мултиплицира негативниот ефект, а врз инфлацијата би бил позначаен зашто ние сме прилично сензитивни во однос на храната, енергијата… – вели Треновски.
Денешната тркалезна маса ја организираа Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Економскиот факултет – Скопје и Сојузот на економисти на Македонија.