КОСОВО СПОМНАТО ВО ДОСИЕЈАТА ЕПШТАЈН Eкс-претседателите Јахјага и Пацоли демантираа дека го познаваат престапникот
Принцезата од Тајланд ќе биде во Њујорк во Обединетите нации со претседателката на Косово и би сакала да се запознае со вас, се вели во пораката испаратена до Епштајн на 16 септември 2012 година, пишуваат албанските медиуми.
Имињата на двајца поранешни претседатели на Косово, Атифете Јахјага и Беџет Пацоли, се спомнуваат во досиејата на сексуалниот престапник Џефри Епштајн, пишува весникот „Коха“. И Јахјага и Пацоли негираа дека го познавале или се сретнале со Епштајн.
Министерството за правда во владата на Соединетите Американски Држави на крајот на јануари објави над 3 милиони документи на Епштајн.
Во е-пошта испратена на адресата на Епштајн, од Даниел Сиад, име кое често се споменува во неговата преписка, се споменува претседателот на Косово.
„Принцезата од Тајланд ќе биде во Њујорк во Обединетите нации со претседателот на Косово, таа би сакала да се сретне со вас“, се вели во е-поштата од 16 септември 2012 година.
Во тоа време, функцијата претседател ја вршеше Јахјага. Валентина Абази, советничка на Јахјага, одговори во име на поранешниот претседател и негираше дека имало средба меѓу Епштајн и Јахјага.
„Претседателката Јахјага никогаш не се сретнала со него, никогаш не побарала средба со него и дури не знае ни кој е тој“, рече Абази. Друг е-мејл испратен од Даниел Сиад на адресата на Епштајн е насловен „Кој е Беџет Пацоли?“ и вклучува линк до видео на Јутјуб, кое сега е неотворено.
Е-мејлот гласи:
„Здраво Џефри, принцезата сака да го гледате ова видео“.
Принцезата спомената во оваа преписка е Луанд Раџадарсри Џајанкура, членка на тајландското кралско семејство, која често се претставува во преписките со Епштајн како почесен конзул на Република Косово во Тајланд.
Весникот „Коха“ не можел да најде никаков јавен документ издаден од косовските власти каде што Џајанкура е спомената како конзул на земјата.
КОХА, исто така, го праша Пацоли дали го познава Епштајн, дали го запознал и дали некогаш го посетил неговиот остров. Но, Пацоли негираше дека слушнал за него.
– Никогаш не сум се сретнал, ниту сум комуницирал, ниту пак сум бил на неговите имоти. Дури сега (кога има гласини за него) слушам за неговото постоење – рече Пацоли.
Поранешниот генерален секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, познат по своите остри изјави против Косово, неодамна беше вмешан и во протечени документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Е-поштата открива детали за плановите за патување, транспортот и кој ќе го чека Јагланд и неговото семејство по пристигнувањето на островот, каде што наводно се случиле многу од сексуалните злоупотреби за кои подоцна беше обвинет Епштајн.
Во својот одговор, Јагланд напиша дека не може да патува поради руската анексија на Крим, објави весникот „Дагбладет“.
Во 2004 година, Јагланд тврдеше дека мафијата ја презела контролата врз голем дел од косовската влада, велејќи дека „Косово произведува малку освен криминал“.
Во објавените документи на Епштајн, сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп, но и поранешниот претседател Бил Клинтон и други познати личности се во центарот на вниманието.
Исто така, поради неговата вмешаност во овој скандал, поранешниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лачак, поднесе оставка од функцијата советник на премиерот на Словачка, Роберт Фицо.
Џефри Епштајн беше обвинет за испраќање малолетни девојчиња на неговиот приватен остров „Мал Сент Џејмс“ на Карибите, каде што сексуално ги злоупотребувал и ги користел за меѓународна трговија со луѓе, додека ги користел врските со моќни луѓе за да ги прикрие своите активности.
Епштајн почина во 2019 година, додека беше во затвор.