Екс-градоначалникот на Крива Паланка заработи кривична пријава

Сакал со пари да ја купи возачката дозвола, но комисијата го пријавила

845

КРИВИЧНА ЗА ЕКС-ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против А.А.(59), К.П.(54), А.А.(67), сите oд Крива Паланка и О.П.(60) oд Кратово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од 01.08.2011 до 2018 година, првопријавениот, во својство на градоначалник на општина Крива Паланка, не постапил по oдобрението за поставување на урбана опрема, издадено од општина Крива Паланка, односно без да се отстрани урбаната опрема во предвидениот период наведен во oдобрението и aнекс-договорот за закуп и без да се прибави ново oдобрение, биле склучени нови договори за закуп на предметната урбана опрема со правно лице од Крива Паланка. Второпријавениот и третопријавениот, во својство на овластени градежни инспектори во општина Крива Паланка не извршиле ниту еден инспекциски надзор и не презеле законски мерки согласно нивните работни задачи. Исто така, четвртопријавениот, како овластен градежен инспектор, не презел законски мерки за отстранување на урбаната опрема, туку на 12.03.2020 донел решение за отстранување, по извршен инспекциски надзор по барање за поведување на постапка за дислокација на објекти од 04.03.2020 на општина Крива Паланка, поради реализација на урбанистички план со издадено решение за реконструкција и заедно со прво, второ и третопријавениот прибавиле материјална корист за општина Крива Паланка во вкупен износ од околу 788.601 денари.

ПРОНАЈДЕН КОКАИН ВО ШТИПСКИОТ ЗАТВОР – На 22.09.2020 во 21.10 часот во СВР Штип, од Казнено поправниот дом Штип било пријавено дека при претрес кај осуденикот А.Д.(38) од Свети Николе била пронајдена и одземена прашкаста материја. Полициски службеници од СВР Штип извршиле увид, а по целосно документирање на случајот, против А.Д. ќе биде поднесена соодветна пријава.






САКАЛ ДА КУПИ ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против И.Д.(43) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“. На 29.07.2020 во кругот на „Здружение на возачите“ во Кочани, пред закажан термин за полагање на возачки испит за Ц – категорија, во товарно возило сопственост на авто школа, пријавениот, на службените лица, при приложување на документи за лична идентификација, им дал и банкнота во апоени од 100 евра, со цел истите да му овозможат да го положи возачкиот испит.

ФАТЕН МАЛОЛЕТЕН КРАДЕЦ – На 22.09.2020 во 10.00 часот на ул.„Радански пат“ во Штип, полициски службеници лишиле од слобода 17-годишник од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ на подрачјето на Полициската станица Штип.

КРАДЕЛЕ ДРВА ПА ЗАРАБОТИЛЕ КРИВИЧНА – На 22.09.2020 околу 11.00 часот во месноста „Орли“, атар на с.Црвена Вода, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид, овластен шумочувар и шумски полициски службеник ги затекнале Р.Б.(20), Б.Џ.(40) и Ј.Б.(40), сите од струшкото село Мислодежда, во неовластена сеча и кражба на дрва на простор сопственост на ЈП„Национални шуми“. На местото биле пронајдени околу 15 просторни метри исечени дрва, како и седум коњи натоварени со дрва. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена кривична пријава.

НАТЕПАН ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ – На 22.09.2020 во 14.35 часот во СВР Скопје, Ф.Х.(56) од Скопје пријавил дека во 14.20 часот во казино во трговски центар на ул.„Кеј 13 Ноември“ во Скопје, поради претходно недоразбирање, бил физички нападнат од И.С.(68) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

СЕ СКАРАЛ СО ВЕЛОСИПЕДИСТ, ПА ТОЈ МУ ГО ОШТЕТИЛ ВОЗИЛОТО – На 22.09.2020 во 22.30 часот во СВР Скопје, М.Ж.(61) од Скопје пријавила дека околу 16.30 часот на бул.„Видое Смилевски Бато“ во Скопје, додека се движеле со патничко возило „југо“, со скопски регистарски ознаки, што го управувал нејзиниот сопруг В.Ж., по недоразбирање во сообраќајот со едно лице со велосипед, велосипедистот почнал да удира по возилото и го оштетил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

НАПАДНАТ МАЛОЛЕТНИК ВО ПЕТРОВЕЦ – На 22.09.2020 во 14.00 часот во СВР Скопје, С.Ј.(38) од с.Петровец, скопско, пријавил дека на 17.09.2020 околу 01.25 часот во с.Петровец, неговиот малолетен син бил физички нападнат од И.Т. од с.Петровец. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ФАТЕНИ ПРИ ПАКУВАЊЕ НА МАРИХУАНА – ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ф.Ц.(33) од Република Албанија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, како и против К.К.(33) и А.С.(26), двајцата од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. Првопријавениот, во месноста „Врабич“, во близина на патот кон Струга, во грмушка скрил вреќа во која имало 5 килограми и 480 грама марихуана. Тој бил затекнат во момент кога ја препакувал дрогата, а по кратко време со патнички возило пристигнале второ и третопријавениот, кои требало да ја преземат дрогата во помали пакувања.

ОГРАБИЛ ПРОДАВНИЦА ВО СТРУМИЦА – СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.К. од с.Секирник, општина Ново Село и Т.Ј. од с.Василево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,разбојништво’’. На 08.09.2020 во продажен објект на ул.„Гоце Делчев“ во Струмица, пријавените со закана од вработената одзеле пари.

ИЗМАМЕН ТЕТОВЕЦ – СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(51) од Скопје и правно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на 2019 година правно лице од Тетово склучило договор за неповратни средства од Програмата за  самовработување со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Програмата за развој на Обединети нации (UNDP). Притоа, на 22.11.2019 правното лице од Тетово набавило роба од пријавените, за што од страна на Агенцијата за вработување, врз основа на горенаведениот склучен договор, за набавените материјали им биле исплатени парични средства во износ од 60.200 денари. Но, и покрај реализираната исплата, пријавените не ја доставиле робата до правното лице од Тетово, со што преку лажно прикажување на факти противправно се стекнале со имотна корист.

МУ ПРОНАШЛЕ ПИШТОЛ ВО АВТОМОБИЛОТ – СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.И.(28) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 07.07.2020 на бул.„Александар Македонски“ во Скопје, при преглед на патничко возило „голф“, управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле пиштол „црвена застава 99“ со ознаки 9 мм Пара, рамка и 10 куршуми калибар 9мм.

ГО ИЗМАМИЛЕ ДЕКА ЌЕ ИЗВАДАТ ЛИЦЕ ОД ЗАТВОР – На 22.09.2020 во 14.00 часот во СВР Скопје, Т.П.(56) од с.Ногаевци пријавил дека на 12.09.2020 бил измамен од едно лице. Според пријавеното, околу 10.30 часот на Д.С.(29) од с. Ногаевци, општина Градско, му се јавило едно лице кое се претставило како А.Н., наводно вработен во Затворот Шутка и му кажалo дека ако плателе пари, можел да помогне да излезе од затвор В.П.. Според пријавеното, Д.С. му го дал бројот на Т.П, кој се согласил да даде пари, по што околу 11.00 часот Т.П. се сретнал со А.Н. и му ги дал парите, а наредниот ден отишол во затворот и му го кажал тоа на В.П.. По 10 дена, бидејќи немало ништо од ослободувањето на В.П., тој настанот го пријавил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ПРИ КОНТРОЛА НА ВОЗИЛОТО МУ ПРОНАШЛЕ ОРУЖЈЕ – СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Д. (72) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 04.07.2020 на ул.„Благоја Стефковски“ во Скопје, при преглед на патничко возило „бмв“, управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле огнено оружје „Browning“ калибар 7,65 мм, рамка и 12 куршуми калибар 7,65 мм.

Поврзани содржини