Економијата полека закрепнува, расте оптимизмот и за полнење на државната каса
Министерката за финансии смета дека последните два квартала ќе покажат подобро заздравување на економијата.
Закрепнувањето на економијата е почнато и тоа може да оди побрзо од очекуваното до кајот на годината. Тоа го покажува реализацијата на вкупните приходи во буџетот во јуни кои се над очекувањата, а обезбедена е и ликвидност на буџетот кој се реализира по план.
Ова го изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.
Ангеловска рече дека во ваква кризна ситуација мора да биде задоволна и со минусна ситуација во однос на полнењето на државната каса, но подвлече дека досега е реализиран 44 отсто од планот.
– Даночните приходи во првата половина од годината, бележат пад од 13 отсто на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари. Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над минус 20 отсто, додека остварениот пад е минус 14,4 отсто- врече Ангеловска.
Според неа, позитивни движења има кај персоналниот данок на доход што е резултат на дел од мерките преземени од владата со кои се помогнати компаниите и работниците.
– Во второто тримесечје движењата по месеци се -11,7 отсто (април), -25,7 отсто (мај), за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7 отсто – рече Ангеловска..
Таа нагласи дека се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8 отсто или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари.
Ангеловска рече дека здравствената криза е причина за брзото празнење на државната каса.
– Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што е зголемување од 9,9 отсто на годишно ниво или 10,2 милијарди денари што е 46,7 отсто од буџетираните расходи – рече Ангеловска.
Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди или 3,8 отсто од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика.
Таа рече дека јавниот долг во вториот квартал изнесувач 50, 7 отсто од БДП и тој ќе се зголеми до крајот на годината зависно на повлекување на парите од ММФ, еврообврзница…
Ангеловска тврди дека има пари во буџетот за покривање на дефицитот и за евентуален нов шок.
– Може да бидеме сигурни дека средствата се обезбедени. Буџетот ќе одговори на состојбата рече таа.
Ангеловска смета дека последните два квартала од годината ќе покажат посилно забрзување на заздравувањето на економијата.