ЕКОНОМИЈАТА И ОБРАЗОВАНИЕТО ДА СЕ ПРИЛАГОДАТ НА НОВИОТ ПОПИС Бизнисменот Лазаров апелира за стратегија која ќе ја сопре белата чума
Според Кирил Лазаров, сопственик на Групацијата НИКОБ и претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, губитокот на скоро 200 000 луѓе е погубен за државата и за економијата.
Кирил Лазаров, сопственикот на Групацијата НИКОБ и претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, апелира да се направи образовна платформа врз основа на податоците од пописот од 2021 година со цел да се овозможи младите да останат да работат и да живеат во земјава.
– Најважно е колку сме, колкаво работоспособно население имаме, која е структурата во образованието, вработеноста, односно невработеноста, а со тоа и економската моќ на државата. Јавно апелирам, мобилизирање на сите економски, стопански и бизнис чинители во државата за подготовка на конечна, суштинска и сеопфатна економска стратегија и образовна платформа прилагодена врз овие структурни статистики за да ја спречиме белата чума и да се задржи во државата она што останало – вели Лазаров.
Според него, губитокот на скоро 200 000 луѓе е погубен за државата и за економијата.
– 100 000 стари жители повеќе и околу 200 000 млади луѓе помалку е вистинската главоболка и огромен предизвик по националната безбедност и економската одржливост на државата. Ни треба развој и нов почеток – вели бизнисменот Лазаров.
Тој нагласува дека како луѓе исправени пред Бога сите сме исти и еднакви, без разлика на националност, вера, боја на кожа и слично.
– Како луѓе исправени пред државата и нејзините национални интереси и уставот и законите, воопшто не е важно колку сме Македонци или Албанци, православни или муслимани. Ние сме демократска држава и симбол на интегрирање на различностите и токму тоа е нашата најголема сила – додава Лазаров.