ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ ЗАКРЕПНЕ, А ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОВЕЌЕ ПАРИ Мицкоски е оптимист дека владините планови ќе дадат резултати вгодина
Мицкоски информира дека во буџетот за следната година се предвидени пари за раст на платите во образованието и просветните работници, раст на платите во здравството и здравствените работници и за законското зголемување на минималната плата, но ако биде потребно пари ќе се обезбедат и преку ребаланс на буџетот следната година.
Очекувам наредната година веќе да имаме економија која оди напред и да произведува додадена вредност, како и раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес конференција по седницата на Економско-социјалниот совет.
Тој рече дека во стопанството ќе се случуваат два важни процеса и дека очекува раст на БДП, исто како и раст на нивото на странски директни инвестиции.
– Првиот е реализација на инвестициски циклус за капитални проекти во општините за кој владата веќе обезбеди 250 милиони евра. Ќе се градат училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура. Вториот циклус се парите кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити. Договорена е каматна стапка од 1,95%, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти за сопствена потреба, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините – рече премиерот.
Мицкоски информира дека во буџетот за следната година се предвидени пари за растот на платите во образованието и за просветните работници, раст на платите во здравството и за здравствените работници и за законското зголемување на минималната плата, но ако биде потребно пари ќе се обезбедат и преку ребаланс на буџетот следната година.
– Во буџетот кој е во собраниска процедура за наредната година предвидуваме средства за зголемување на пензиите, оние преостанатите 2.500 денари во март за што се предвидени 105 милијарди денари. Тоа ќе биде второ зголемување на пензиите, по растот кој се случи оваа година. За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливите категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, за здравствена заштита 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари – рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека сето тоа се разговарало и со работодавачите и со синдикатите.
– Тој дијалог треба да донесе решенија на проблемите кои постојат но и да трасира решавање на децениските бариери и напластени пропусти кои се случувале и кои придонесуваа како општество да стагнираме – рече премиерот.