Екологисти, активисти или само антинатовци

1,159

За да се декларираш како граѓански активист мора да се занимаваш со активизам кој има неколку дефиниции: активизмот како практика на организирано дејствување лежи во срцето на женското движењееколошкото движењедвижењето за мир и други граѓански иницијативи.

Нема полоши активисти од оние кои немаат соодветно образование за тоа за што се борат. Во случајов екологија. Екологија може да разбираат луѓе со следново образование: Фармација, Земјоделие, Машинство, Петрохемија, БиоХемија, Полимери, Металургија, Текстил итн. Со кој било ваков тип образование знаеш како се загадува и како се спречува тоа. Овие личности можат да бидат екологисти и со целиот свој капацитет да дадат критика или одобрение. Но ниту еден од нив кога знае дека Македонија поседува 20 милијарди првична металична руда (моментално најдена на минимален дел од македонската територија) и знае дека нејзината експлоатација со новите методи е сигурна по здравјето на луѓето и целата животна средина нема да тврди: НОВИ РУДНИЦИ НЕМА ДА ИМА И ТОЧКА. Освен ако нема друга агенда која не е еколошка туку политичка.






Е тука доаѓаме до темата антинато активисти кои реално постојат, нахранети со источна идеологија и носат различни дресови, со единствена цел да манипулираат со јавноста преку сеење страв, омраза кон сѐ што доаѓа од запад. И да, истите имаат газда кој им нарачува што треба да прават за да го задржат неговото влијание. Да повторам уште еднаш. Македонија има 20 милијарди евра првична металична руда, која со завршна преработка (металургиска и машинска) може да достигне до 70 милијарди евра.

Овие антинатовци во последните неколку дена испорачаа низа закани, насочени кон нас како личности, но не застанаа тука, продолжија и кон политичките партии и започнаа со сеење национална омраза. Впрочем, има само едно објаснување кое оди во две фази, а вклучен е соодветен центар на моќ: Испратиле фактура со ветување за испорака на цел која вели „Нови рудници нема да има!!!“ И фактурата е платена.

Бидејќи немаат начин како да ја испорачаат целта преминуваат на ниво на закани кон секого за кого мислат дека им ги разоткрива нивните газди и ги прави целосно неупотребливи зашто и јавноста и надлежните институции полека но сигурно сфаќаат дека „нови рудници нема да има“ во превод значи штета од неколку стотици милиони евра народни пари и нарушени односи со колеги членки на НАТО Алијансата.

Еве како изгледа нивото на конверзација со ваков тип активисти, кои немаат ништо со зборот екологисти, а имаат многу со антинато активизам. Пред извесно време бев гостин во „Заспиј ако можеш“ кај новинарите Момировски и Милосављевиќ на прашање зошто ја застапувам тезата дека нови рудници се потребни на Македонија, јас укажав дека мојата скромна улога како медиумски работник со високо образование за екстрактивна металургија е да ги разбудиме научниците и експертската јавност. И во тоа успеваме. И тоа многу. Веднаш после ова на истиот медиум се случи емисија „За или против“ каде гости беа господата Танушев и Ристоманов и каде со сите оружја се правеше моја лична дискредитација, а јас немав шанса да одговорам. Еве ги моите импресии од нивното ниво на познавање на проблематиката: Римејк на хумористичната емисија К-15. Како да ги глумеа Миле Паника и Тошо Малерот. Пред да објаснам како го доживеав нивното објаснување за загадување на водите, сакам да дадам само еден аргумент за кредибилитетот на гостите. Г-динот Ристоманов во кампањата за локалните избори, пред да стане советник ветил дека веднаш својот месечен надоместок ќе го донира за да се купи комунално возило во интерес на граѓаните, и истиот потенцира дека тој не станува советник заради паушалот. Помина две години или половина мандат, а комунално возило нема! Вие заклучувајте понатаму.

И среде емисија на прашање, како ќе се загадувале водите, се покажува една мапа која е секаде достапна и веднаш станува јасно дека господинот Танушев не разбира ништо од темата. Односно неговата експликација со хуморот на Миле Паника изгледаше отприлика вака: и сега ова од тука па ваму и ова на ова и тука дупка и после наваму и од овде па онаму, се пробива дупка со вода и јаловината паѓа во дупката и се загадија водите и цело струмичко поле. Ова е понижување на целата јавност. Изразувам подготвеност на кој сакаат медиум да се соочиме и да ги разобличам сите нивни небулози и паушални тези, кои немаат допирна точка со науката.

Интересен беше и Крум Велков. Оти нели без неговата „луцидност“ во заканите не поминува ниту една забелешка за потенцијалната реализација на инвестицијата во Иловица. Сега извадил теза дека рудниците во Римската империја, кои постоеле пред 2000 години, да добро читате, пред 2000 години, сѐ уште ја загадувале почвата во Романија. Па добро бре господине Велков, па можно ли е било кој да верува дека нови рудници, во 21 век, ќе се градат по технологија од пред две ери?

Почитувани граѓани, се случија низа одлуки кои се многу важни за нашата држава и за нејзиниот економски и научно-образовен развој, а со посебен акцент на Ваша заштита и сочувување на сите наши деца во оваа мила и прекрасна држава.

Уставен суд има одлучено дека сите минерални суровини на територија на Македонија се во сопственост на сите граѓани на Македонија, а не само на група граѓани.

Вишиот Управен суд спречи нова арбитража во Лондон и ново отштетно побарување на товар на државниот Буџет на Македонија. Неговата пресуда е патриотска и на Македонија, а посебно на граѓаните на Струмица ќе ѝ донесе 3.500 директни и индиректни вработувања и неколку милијарди евра промет. Дигресија: Од арбитражата со рудникот Казандол добиваме обврска за исплата на штета со вредност од минимум 400 милиони евра.

Еуромакс ресурсис се согласија на касетно одлагање на суви јаловишта. Со овој потег покажаа дека имаат намера да ги разбијат сите грижи на јавноста за штетноста на процесот на експлоатација на бакар и да им ги побијат сите аргументи на скептиците кои се во научните кругови.

Што значи суво јаловиште и касетно одлагање? Еве во неколку реченици. Постојат големи преси. Се употребува соодветна количина на рударска вода која нема да го сопре процесот на избалансираност на рудникот и потребите на човекот, целиот друг животински свет и не го загадува под ниеден услов земјоделието. Водата преку пресите се исцедува и во нејзе во затворени системи се наоѓа целиот метал. Остануваат суви јаловишни касети, брикети, пити, цигли…. како сакате кои немаат никаков отпаден материјал во себе, туку напротив е полн со потребни минерали кои можат да се употребуваа во земјоделието во зависност од PX вредноста на земјиштето. Тоа се вика инаку „Круг на животот“.

За жал, антинатовците посегнаа по најризичните тези, ширење на меѓуетнички тензии. Им сметаат Албанците, особено нивните министри и шират еден страв дека ќе се албанизира Струмица. Добро, ај да видиме дали имаат двојни аршини. На пример, господинот Стојан Трн Велков сними реклами за познат ланец на продавници за бела техника. Таму газда е Албанец. Не пречи на каузата ова или некој се обидува да скрие нешто? Инаку овој господин не разбира што е имплозија (пригушена експлозија која го растресува земјиштето и нивото на бучава е нормално за човековото уво) и зборува дека ќе имало огромно ниво на детонации, вибрации, бучава, кисели дождови итн. Или пак како вели, а антропол.мк пренесува ќе се ослободеле арсен, манган, сулфур врзан за карпите…

Сосема на крајот, додека ја пишувам колумната излезе и реакција на Левица за одлуката на Вишиот Управен Суд. Симптоматично, оваа политичка партија која отворено смета дека Македонија не треба да остане членка на НАТО, се служи со истите тези на лажните еко активисти. Се пресметуваат со своите политички противници и ја ставаат изградбата на рудникот Иловица во предизборна политичка кампања. Многу погрешно. Многу кусогледо. Но, очекувано. Прашањето е дали политичките партии кои претендираат да ја зачуваат или да ја освојат власта ќе паднат на оваа многу опасна замка. А замката гласи „дали повторно ќе се борат за гласови во четвртата изборна единица на тема нови рудници“? Еднаш господинот Зоран Заев во 2016 го јавна овој популистички змеј, политички профитираше, но дали Македонија профитира или изгуби драгоцено време, и е ставена во ситуација да плаќа астрономски отштети, ќе ја гледаме разврската во 2024 година.

Македонија нема море, нема нафта има рудни богатства чија мудра експлоатација може да обезбеди економска сигурност. Инвестицијата во нови рудници не е прашање на дневна политика. Не е прашање на еден мандат на локална, законодавна или извршна власт. Ова е стратешко прашање за долгорочен економски развој.

И после 8 мај ќе се раздени. Ќе завршат изборите. И некој ќе мора да седне во жешките столчиња и да раководи со државата. Да обезбеди пари за администрација, пензионери, здравство, образование, инфраструктурни инвестиции, енергија, култура… за основните функции на Македонија. А капацитетот за нови задолжувања е сѐ помал или да не речам невозможен. Следи многу тежок мандат.

А некој повторно ќе седи на страна и ќе гледа сеир. Без да преземе одговорност ќе се служи со популизам. Ќе ги чекаат следните избори…

Поврзани содржини