ЕКО-ПАТРОЛАТА СО 102 ЕДУКАЦИИ Комунална хигиена ги обучува скопските угостители за правилно одлагање отпад
Стопанствениците добија конкретни насоки како да го одложуваат отпадот без да создаваат ризик за животната средина и контејнерите.
Еко-патролата при ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во текот на минатата седмица одржа вкупно 102 едукативни разговори со сопственици и претставници на различни стопански субјекти маркети, ресторани, бурекџилници, слаткарници, кафетерии и бутици, со цел подигнување на свеста за правилно одлагање отпад и заштита на животната средина.
Од претпријатието велат дека работните средби се спроведуваат континуирано и се насочени кон локации каде што се создава поголема количина отпад.
– Нашата цел е директно да ги информираме и едуцираме стопанствениците за тоа како правилно да го одложуваат и комуналниот отпад и отпадот од пакување, со што се обезбедува повисоко ниво на хигиена и се спречуваат ризици по јавното здравје – изјавија од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
На средбите, претставниците на Еко-патролата детално презентирале каде и на кој начин треба да се одложува отпадот што се создава при работењето на овие деловни субјекти. Целта е да се спречи оштетување или опожарување на контејнерите и да се обезбеди правилно постапување со отпадот во согласност со прописите.
– Заштитата на животната средина и одржувањето на хигиената во градот се заедничка обврска. Преку вакви директни средби успеваме да укажеме на проблемите, но и да понудиме практични решенија – додаваат од претпријатието.
Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека активностите на Еко-патролата ќе продолжат и во следниот период, со проширување на опфатот и на други локации низ Скопје.