ЕК ГО КАЗНИ ГУГЛ СО 2,95 МИЛИЈАРДИ ЕВРА И ПОКРАЈ ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП Или ќе ги реши конфликтите на интереси или ние ќе ги решиме, порача ЕК

Дигиталните пазари постојат за да им служат на луѓето и мора да се засноваат на доверба и праведност. А кога тоа нема да успее, јавните институции мора да дејствуваат, за да ги спречат доминантните играчи да ја злоупотребуваат својата моќ, изјави извршната потпретседателка на Европската Комисија, Тереза ​​Рибера.

95

Европската Комисија го казни Гугл со 2,95 милијарди евра поради кршење на антимонополските правила – американската компанија ја спречила конкуренцијата на пазарот на рекламни технологии. Казната е изречена и покрај заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни тарифи на ЕУ „доколку дискриминира американски компании“.

Американскиот технолошки гигант ги фаворизира своите услуги на штета на конкуренцијата на пазарот на огласувачи и онлајн издавачи, објави ЕК.






– Гугл сега мора да предложи сериозен лек за решавање на своите конфликти на интереси, а ако не го стори тоа, нема да се двоумиме сами да го воведеме. Дигиталните пазари постојат за да им служат на луѓето и мора да се засноваат на доверба и праведност. А кога тоа нема да успее, јавните институции мора да дејствуваат, за да ги спречат доминантните играчи да ја злоупотребуваат својата моќ – изјави извршната потпретседателка на Европската Комисија, Тереза ​​Рибера.

Комисијата првично имаше намера да ја изрече казната во понеделник, но тоа беше спречено од европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, поради континуираните закани на Трамп за нови тарифи.

Гугл сега има 60 дена да ја извести Комисијата како планира да го реши овој конфликт на интереси и да ја елиминира злоупотребата.

Денешната казна е помала од казната од 4,34 милијарди евра што извршната власт на ЕУ му ја изрече на Гугл во 2018 година за злоупотреба на доминацијата на Андроид, но е повисока од 2,42 милијарди евра со кои се соочи компанијата во 2017 година, за фаворизирање на својата услуга за споредба на цени.

Поврзани содржини