ЕК ЌЕ ВЛОЖИ 200 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА РАЗВОЈ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Со „ИнвестАИ“ ќе се отворат 4 гигафабрики со 100.000 чипови од последната генерација

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на Самитот за иднината на вештачката интелигенција во Париз, најави уникатно јавно-приватно партнерство, слично на ЦЕРН, што ќе им овозможи на научниците и на компаниите да ги развијат најнапредните модели, потребни за Европа да стане „континент со вештачка интелигенција“.

243

Иницијативата на ЕУ „ИнвестАИ“ ќе мобилизира 200 милијарди евра за инвестиции во развојот на вештачката интелигенција и ќе се отвори нов европски фонд, вреден 20 милијарди евра, за поддршка на овој индустриски сектор, најави денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на Самитот за иднината на вештачката интелигенција во Париз.

Според неа, создавањето голема инфраструктура за вештачка интелигенција е потребна за да се овозможи отворен заеднички развој на нејзините најкомплексни модели и Европа да стане „континент со вештачка интелигенција“.






– Вештачка интелигенција ќе ја подобри нашата здравствена заштита, ќе ги поттикне нашите истражувања и иновации и ќе ја зајакне нашата конкурентност. Сакаме вештачката интелигенција да биде сила за доброто и за растот – рече Фон дер Лајен.

Таа порача дека за таа цел ЕУ го користи својот сопствен европски пристап, заснован на отвореност, соработка и користење на талентот, кој треба да се надополни.

– Затоа, заедно со нашите земји членки и со нашите партнери, ќе мобилизираме капитал без преседан преку „ИнвестАИ“ за европските гигафабрики за вештачка интелигенција. Ова уникатно јавно-приватно партнерство за вештачката интелигенција, слично на ЦЕРН, ќе им овозможи на сите наши научници и компании, не само најголемите, да ги развијат најнапредните модели, потребни за Европа да стане „континент со вештачка интелигенција“ – истакна Фон дер Лајен.

Поддршка на иницијативата најави и претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Надија Калвињо, според која, вештачката интелигенција е клучен двигател на иновациите и на продуктивноста.

– Заедно со Комисијата на ЕУ, групацијата на ЕИБ ја засилува поддршката за вештачката интелигенција, како клучен двигател на иновациите и продуктивноста во Европа – порача Калвињо.

Планот е преку „ИнвестАИ“ да се финансира отворање на четири гигафабрики за вештачка интелигенција низ ЕУ, кои ќе бидат специјализирани за обука на најкомплексните и многу големи модели со вештачка интелигенција.

„Ваквите модели од следната генерација бараат обемна компјутерска инфраструктура за откритија во одредени домени, како што се медицината или науката. Гигафабриките ќе имаат околу 100.000 чипови за вештачка интелигенција од последната генерација, околу четири пати повеќе од фабриките за вештачка интелигенција што постојат во моментов“, порача ЕК.

Предвидено е овие гигафабрики да му служат на европскиот модел на кооперативни и отворени иновации, со фокус на сложените индустриски и критични апликации. Ќе се овозможи секоја компанија да може да пристапи до компјутер со голема моќ, за да ја гради својата иднина.

Почетните пари за „ИнвестАИ“ ќе бидат обезбедени од постоечките програми за финансирање на ЕУ, како што се „Дигитална Европа“, „Хоризонт Европа“ и „ИнвестЕУ“, како и со финансии од земјите членки.

Финансирањето на овие фабрики со вештачка интелигенција преку грантови и инвестиции ќе послужи како пилот-проект за поддршка на стратешките технологии, предвидени со Компасот за конкурентност, што кон крајот на минатиот месец го промовираше ЕК.

ЕУ досега издвои 10 милијарди евра поддршка за фабриките за вештачка интелигенција, што  енајголема јавна инвестиција во вештачката интелигенција во светот и веќе обезбедува пристап за компаниите и индустријата до суперкомпјутери.

 

Поврзани содржини