Кога од смрдливите длабочини на оваа скопско-македонска „душегупка“ ќе слушнете „прогресивно-преспански“ задоени гласови на „разумот“ што ви ги објаснуваат сите ваши кошмари, не можете да кажете дека оваа власт не ви ја честитала соодветно Новата 2024 година. Без оглед што „кремот“ на власта цели десет дена се повлече во длабока „медитација“ – веројатно многу заморени од тековните алаш-вериш активности – нивните абоненти се секогаш на штрек да ви ги „протолкуваат“ случувањата и „малата македонска слика“.
Фактот што ниту еден од највисокото раководство не се осмели да „зуцне“ збор-два за случувањата во М-НАВ, за оној Гури, за европско-светскиот „примат“ на државава во аерозагадувањето…, не е некоја новост. Тоа е дел од нивната „политика“: најпаметни се кога молчат. Впрочем, луѓето си имаат свои прислужници, свој мал клиентелистички оркестар којшто со милозвучните „прогресивни“ тонови на eine kleine Macedonishe fortschrittlich nachtmusic ќе ви ги обои кошмарите со европски бои.
(Зошто на германски? Па затоа што ние со Германија сме имале „трговска размена од речиси 1,5 милијарди евра или малку повеќе од 10% од вкупната трговска размена на годишно ниво“. Ете, браво, да не беа „прогресивциве“, што ли ќе јадевме? Плус, нели уште им должиме за она „признавање“ на јазикот? Не знам само зошто нашиве слепци забораваат соодветно да возвратат па Џафери, дури е уште во Парламентот, реципрочно да им го признае нивниот јазик!).
И покрај убавата музика, патем ќе ви објаснат дека оние ваши кошмари се само продукт на вашата лоша потсвест, на вашата погрешно избрана страна или на вашата сомничавост, а не одраз на реалните случувања во државава. Нивните милни тонови на „разумот“ ќе ве подучат дека ако сте мислеле дека вашиот мирен сон го ремети токму оваа криминална и коруптивна власт – сте грешеле. Што ќе рече дека вие си имате личен проблем, а сакате за тоа да ја окривите – власта!
И тоа е крајно себично и во основа нереално. Оваа власт, па и сите други гарнитури во овие три децении, не е овде испратена од Господа да ги решава вашите проблеми. Таа си има свои проблеми и приоритети за решавање. Исползени од под којзнае кои камења на локалниов провинцијализам и некултура, тие, онака „проевропски“ настрвени, мораат од нашите џебови да извлечат сребреници за барем три свои идни генерации. И тоа најсериозно ви го „објаснува“ министерот за финансии: с..бале цели 2,7 милијарди евра за некаква наводна „борба со кризите“.
А не гледаат дека де факто тие се најголемата македонска криза во последниве шест години!
Но, и вашите проблеми ќе дојдат на дневен ред, подоцна, ако дојдат, односно ако повторно ги изберете. Дури и „претседателот“ на „државава“, среде собранието (малите букви се реален одраз на дигнитетот на оваа институција!) и пред дипломатскиот кор, вети – прочистување. Кога? Кога врбата ќе роди грозје!
Но затоа, во ваш интерес и само за вас, милните солисти на властелинскиот оркестар ќе ви појаснат дека „речиси и да нема ден во кој“ нивните граѓани „живеат без сонот за големото европско обединување и нашето членство во Унија“. Тоа е сонот на – нивните! Ама ако вие не сте нивни граѓани, односно ако сонувате како ќе го поминете месецот со таа плата што ја добивате, со таа социјална помош (ако ја добивате), со училиштето без учебници и здравството без лекари кога најмногу ви требаат, со смртоносниот степен на загадување на воздухот заради што се двоумите дали е паметно да го пуштите детето на училиште…, е тогаш – имате кошмари. И (се) прашувате во стилот на Глигоров: Зошто ме (о)ставивте во овој пекол?
Иако, можеби, вие никогаш и не сте очекувале оваа држава (или „држава“, како сакате), да ви даде нешто бесплатно. Секогаш сте си ги плаќале обврските, придонесите, данокот… а малку или ништо не сте добивале за возврат. Ама оние, „прогресивнине“ и „преспанскине“, но и оние претходнине („антиквизаторскине“ и „македонскине“) секогаш сѐ добивале бесплатно. Зошто? Затоа што биле нивни! Тие, ако не сте знаеле, „од независноста до денес“, навечер сонувале за „држава“ во која секојдневно ќе се пелтечи Aus EU aus nihil, но наутро во црква ќе се пали свеќа тоа никогаш да не се случи и сѐ да остане исто како некогаш!
Нивните граѓани, како дисциплинирани следбеници на „прогресивните“ и „преспанските“ насоки во животот, секојдневно сонуваат за Европа и очекуваната идила за „економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните“. Така барем велат гласовите од оркестарот на власта, односно дресираните нивни граѓани така „го опишуваат членството во Европската Унија“!
И тешко дека на таква партиска неписмена булумента вие ќе ѝ објасните дека Европската унија нема ама баш никаква врска со „владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните“ во нивната држава, дека тоа се надлежности – и обврски! – на власта во таа држава. Затоа се, нели, избрани. Економски развој? Можеби, но ако се пресмета колку милијарди евра влегле во државава од времето на добивањето на кандидатскиот статус до денес и колку од тие пари реално биле употребени за развојни цели, тогаш (и) таа шарена лага ќе падне во вода. Онаа темна, загадена, нечиста вода што секојдневно ја заматува оваа власт.
Тешко дека на тие нивни граѓани ќе успеете да им објасните дека и вие имате сон за Европа, ама тој е малку поинаков и се вика – бегство од оваа гасна комора викана „држава“, од оваа криминална и коруптивна политичка мафија, од нивните граѓани и нивните семејни „бизниси“, од партиските банди и полуписмените директори, од наместени конкурси и училишта без учебници, од вицепремиерки за опомени и министри за тендери, од „претседатели“ озборувачи, од приучени професорчиња и нивните надобудни асистентчиња, од „возови“ што возат 20 километри на час и „автобуси“ во јавниот превоз исфрлени од употреба во нивната Европа пред 30 години…
Ама не, во сето тоа – и многу повеќе! – тие за Македонија, оваа и ваква Македонија, велат дека „успеа одново да се трансформира во успешна приказна“. И дека „Трансформацијата секако беше по повисока цена, но успехот е извонреден“. Се разбира, нормален човек – ако кај нас сѐ уште има таков – се прашува дали овие се само луди или и луди, и збунети, и глупави, и ограничени… Зашто, како ова парче заробена од политичката мафија земја може да биде – успешна приказна? И знаат ли бандитиве што воопшто означува поимот успех?!
И за која тоа „трансформација“ говорат, и каде воопшто ја гледаат таа „извонредност“? Па дури сме биле и „извозник на стабилност во регионот“! Ваквите дрскост и безобразие е наједноставно да се припишат на дезориентирани примитивно-лукративни умови во слепа служба на оваа власт. Но дали само на оваа власт или тука се вплеткани и редица назнаки за послоевита специјална културна војна водена однадвор и одвнатре? Сите препознатливи назнаки за тој тип „сиви војни“ се тука. Прашањето е само дали сакаме да ги видиме или не? Или ние навистина си ја препознаваме земјата во ваквите налудничави флоскули што целат да создаваат соодветно „расположение“ и атмосфера?
Но, кога-тогаш, доаѓаме до мигот кога сето ова не можеме, па и не смееме, да го припишеме единствено на оваа политикантска банда на власт и нивните прислужнички легии, заседнати тука токму со наша помош. Прагот на нашата толеранција не е веќе демократски, туку е – робовски. Зошто? Затоа што така и сме третирани! Не само што нѐ ограбуваат и трујат на секој чекор, туку сме и бомбардирани од секакви „прогресивни“ умодавци за некакви сонови, прозорци на можности, изолации и принудни управи и слични будалаштини. Па има ли, на пример, поголема принудна управа од оваа коалициска банда?
Сепак, проблемот, но и решението, е во рацете на граѓанинот. Мигот кога ќе запре неговиот молк, ќе се распрсне и овој розов меур на „прогресивциве“. А со него и целата банда, сосе нивниве „интелектуални“ опашки!
Извор: Теодосиевски уметност