ЕХОТО НА МИЛАДИНОВЦИ Е ПРИСУТНО И ДЕНЕС Отворени Струшките вечери на поезијата

136

Во овој живот полн со предизвици, поезијата е чувствотворност што нè разликува во оваа ера на бесчувствителна роботизација, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 62. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што од денеска до 27 август ќе се одржува во Струга.

Инспирирана од годинашниот лауреат на највисокото фестивалско признание, „Златен венец“, академик Влада Урошевиќ и неговите зборови какво би било човештвото без поезија, посочи дека тој кажал дека човештвото може да се замисли и без поезија, но оти тоа би било многу потажно, побездушно, поздодевно. Затоа, пренесувајќи ја пораката на Урошевиќ, министерката подвлече, додека не дојде до тоа време, читајте поезија за барем да го одложиме некако тој момент.






– И го одложуваме, и вечерва и тука, со сета почит кон пишаниот збор, вткаен во безвременски стихови било да се тие напишани на парче хартија стуткана во џебот или во инспиративна поетска осама на некое посебно место. Едно од тие посебни места е и нашата Струга. На „Мостовите на поезијата“ се сретнаа и Истокот и Западот. Токму тука, каде што сѐ уште боли „Т  ́га за југ“ – рече Костадинова Стојчевска.

Ехото на Миладиновци, нагласи таа, е присутно и денес.

– И од година во година е сè погласно. Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување – додаде министерката за култура.

На поетите кои ја одржаа, етаблираа и оние кои ја продолжуваат оваа престижна поетска манифестација, им порача да не се откажуваат од нивниот драгоцен отпор.

– Вашите стихови нека бидат бедемотпорни. Стиховите сведочат и ќе сведочат за човечкото, за чувствотворното. Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот. Македонскиот современ литературен јазик има збор и за сè што е неизречено, што пристиска и пече… Го има и изразот „вештачка интелигенција“ која, можеби, ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина, таа што сè ќе рече – додаде Костадиновска Стојчевска.

Од светската престолнина на поезијата, поетско послание испрати поетот Милован Стефановски посочувајќи дека стиховите се зраци што светат, оти песните го возвишуваат духот и сите што искрено ја сакаат поезијата неминовно ги поседуваат и врвните човекови доблести.

– А ехото на брановите, и во времето што надоаѓа, нека нè потсетува дека непроценливите вредности на нашиот струшки поетски фестивал треба со пиетет и грижливо да ги чуваме, домаќински да ги негуваме и со заеднички сили да ги надградуваме истовремено како наша гордост и како светска културна придобивка –  порача Стефановски.

Поврзани содржини