Египќаните се најмаргинализираната етничка заедница во Македонија, животот станува неподнослив
За Египќаните во Македонија како да не важи Охридскиот рамковен договор. И Балансерот не ни овозможува соодветна и правична застапеност.
Ноторен факт е дека припадниците на етничката заедница Египќани во Македонија се убедливо најмаргинализираната, најнеинтегрираната автохтона и автентична етничка заедница.
Тој недемократски феномен резултира со напуштање на нашата единствена татковина Македонија во еден правец. Многу млади, работоспособни, едуцирани и образовани Египќани и Египќанки секојдневно заминуваат во Западна Европа за подобра иднина, наместо да се реализираат во својата татковина Македонија.
Неколку пати сме истакнале дека за Египќаните во Македонија како да не важи Охридскиот рамковен договор. И Балансерот не ни овозможува соодветна и правична застапеност. Тоа е многу депримирачки и демотивирачки за припадниците на етничката заедница Египќани во Македонија.
Состојбата и положбата на Египќаните почна етапно да се подобрува откако градоначалник на Охрид стана Кирил Пецаков, со кого имаме одлична соработка и кој во суштина ги разбира проблемите со кои се соочуваат Египќаните.
Како долгогодишен активист за правата на Египќаните, реализирав средби со в.д. амбасадотот на Германија, со заменик амбасадорот на делегацијата на ЕУ, со преставници на Амбасадата на САД, со Мисијата на ОБСЕ и со многу други релевантни меѓународни организации, а примарната цел беше да ги информираме за положбата во која се наоѓаат Египќаните. После тие средби, имаше мало придвижување на процесите, но за жал, минимално и незадоволително.
Крахиран е целиот вредносен и морален систем. Затоа, не само Египќаните, туку и сите граѓани на Македонија мора да се обединат во „рестарт“ на целото општество. Само сплотени можеме да ги задржиме младите, образовните и работоспособни луѓе, кои во отсуство на долгорочна стратегија за развој и напредок на државата на економски, но и безбедносен план, ни заминуваат во голем број, и тоа на дневна основа. А тоа е поразително.
Египќаните немаат резервна татковина, Македонија им е се што имаат и во таа насока апелираме до сите чинители, кои имаат моќ на одлучување. да излезат во пресрет на ова ранлива, но автохтона етничка заедница во Македонија.
Во спротивно, сите обиди на „тивка асимилација“ од одредени центри на мок, за краток период ќе успеат да ја асимилираат ова етничка заедница, а со тоа сме поблиску до уништување на унитарниот карактер на државата, што не кореспондира со демократските вредности и принципи.
(Авторот е лидер на НГИ Колаиција на Египќани)