Холивудската sвезда Џефри Раш ја доби најголемата отштета за клевета досега исплатена во Австралија, откако австралискиот суд ја отфрли во четвртокот жалбата на весникот во сопственост на Руперт Мардок.
Оскаровецот ќе добие два милиони долари поради изгубената заработувачка и како отштета откако судот ја отфрли жалбата која се барало намалување на трошоците и повторно судење.
Оваа одлука против „Nationwide News“, австралиската подружница на „News Corp“, е последниот пресврт во правната битка помеѓу Раш и „Дејли телеграф“, кој го обвини за непримерно сексуално однесување кон актерките.
Во статијата на насловната страница објавена во 2017 година, „Дејли телеграф“ напиша дека Сиднејската театарска компанија добила поплака дека Раш непримерно ја допирал колешката за време на поставувањето на претставата „Кралот Лир“.
Судијата во Сиднеј ја опишал содржината на статијата како „безобѕирен и неодговорен пример на сензационалистичко новинарство“.
Локалните медиуми објавија дека износот што Раш ќе го добие е најголемиот досега исплатен на поединец во Австралија, која има строги закони за клевета.
Раш освои Оскар за улогата во филмот „Блесок“ во 1996 година и е еден од ретките што освоиле Златен глобус, Еми и наградата Тони.