Ефини луѓе или: да живее USAID
Знам дека ќе има и добронамерни луѓе, демократи во битието, кои ќе помислат, па можеби и ќе речат, дека таквото странско „финансирање“ е нормално, дури вообичаено за земјите од „форматот“ на Македонија. И јас (и) со тоа ќе се согласам ако тоа континуирано „финансирање“ не било насочено против една власт и нејзиното рушење, а во полза на друга потенцијална политичка сила и нејзиното инсталирање како нова власт на нејзиното место. Е тука веќе завршуваат демократските игри и чувства а стапуваат на сила други дефиниции, но и Уставот и некои релевантни закони.
Сакам веднаш да им појаснам на лекторите дека знам дека зборот ефтин во македонскиот литературен јазик се пишува – евтин. Ама овде не станува збор за јазичен кодекс, за литературен јазик, за цивилизирано однесување…За жал, овде станува збор токму за ефтинија, за нешто што ќе го најдете на „бувљак“ или на отпад, а не меѓу нормален свет. Затоа молам ова да се има предвид.
Следствено, дали веќе денес нештата се многу, многу појасни? Дали и новиот американски претседател Трамп а не само надлежен дел од македонската власт, конечно урива градски митови и надуени политикантски балони за онаа локална „интелектуална“ булумента, за оние ефтини луѓе распродадени на сите четири страни на светот – или барем на две – за пишливи триесет сребреници? Дали, конечно, и ние, или дел од нас, за жал, и онаа т.н. „Шарена револуција“ ќе ја видиме и со други а не само со розови очила? И дали некој – поточно оваа власт – сериозно, како што најавува, ќе се зафати со процесуирање на сите оние гадости, узурпации, манипулации, малверзации…, па и антидржавни елементи, а не само со налудничавиот т.н. солидарен закон, сега оспорен од Уставниот суд? Ако тој спомнат закон изел „само“ педесет милиони евра, фамозната USAID овде вбризгала шест пати толку за многу, многу посомнителни, па и антиуставни активности!
И дали навистина низ Уставниот суд мора да поминат баш сите глупости на бившите корумпирани „прогресивци“ и „еврофронтовци“, зашто тогаш целиот процес ќе трае со децении?
Сигурен сум дека некој, можеби и со добра намера, ќе се обиде да ги банализира оние „црно на бело“ вистини за масовен поткуп на поединци, невладини организации, медиуми и др., во изминативе (барем) седум години од страна на покојната USAID. Или барем ќе проба да „пимпла“, да купува време и да си игра малоумна мижитатара како што прави сектана викана сдсм (малите букви се…) и нејзината нова заменик-претседателка со парите што се слевале во „Затвореното општество“ баш во критичниот период на т.н. „Шарена револуција“ и потоа инсталирањето на криминално-коруптивната коалиција сдсм-дуи (малите букви се…). Иако за малку поверзиран човек не е никаква тајна каде отишле тие пари, кај кои „тројански“ невладини пајташи на „Затвореното општество“ односно токму кај оние истите кои сега плачат низ медиумите за кратковидите политики на оваа власт. Зашто нивните беа далекувиди, визионерски, и секогаш завршуваа само и единствено во – нивниот џеб!
Знам дека ќе има и добронамерни луѓе, демократи во битието, кои ќе помислат, па можеби и ќе речат, дека таквото странско „финансирање“ е нормално, дури вообичаено за земјите од „форматот“ на Македонија. И јас (и) со тоа ќе се согласам ако тоа континуирано „финансирање“ не било насочено против една власт и нејзиното рушење, а во полза на друга потенцијална политичка сила и нејзиното инсталирање како нова власт на нејзиното место. Е тука веќе завршуваат демократските игри и чувства а стапуваат на сила други дефиниции, но и Уставот и некои релевантни закони. Зашто, дури и ние да не сакаме да прејудицираме, зарем не е доволно објаснувањеето на пратеникот на американскиот претседател за специјални мисии Ричард Гренел, оценувајќи дека со донациите на УСАИД „милијарди долари се дадени на левичарски невладини организации за спроведување на политиките во други земји“.
И тоа воопшто не е баш некакво „непромислено трошење“ (како што тој сака малку да го ублажи спомнатиот факт) туку е таргетирано подмитување – или корупција – на редица наводно независни субјекти во Македонија.
И јас немам ама баш никаков проблем што тие и толкави пари биле давани на некомпетентни локални шушумиги, на една цела багра митомани со различни звучни фирми коишто, наводно, се грижеле за некаква меѓународна соработка или меѓуетничка интеграција, за отворено општество, за некакви независни продукции или „истражувачки“ лаборатории… Глупав свет има секаде, па и во Америка, па се расфрлале со туѓи пари полнејќи ги џебовите на коекакви протуви во спрега со одделни партии. Проблемот, се надевам не само за мене, е во ноторната „идеолошка“ страна на тие „донации“ и во отвореното коруптивно однесување на сите инволвирани.
А некој, понатаму, можеби ќе праша и како, и зошто, речиси сите тие подметнати и подмитени типови се најдоа на важни позиции во државата по онаа 2017 година, па стануваа пратеници, советници дури и на претседателот на државата и на премиерот, ги прогласуваа за „угледни“ новинари итн., па добиваа дури и некакви награди, па се сликаа со американската амбасадорка и сл.? Или сето тоа беше – случајно? Ок, ако кај нас уште има луѓе кои веруваат во Дедо мраз и вакви „случајности“, нели!
И ако во современа независна Македонија односно во овие три децении суверена држава се појавил вистински мега скандал со невидени размери и (сѐ уште) не докрај разјаснети детали, тоа е оваа огромна криминално-коруптивна „Афера USAID“. Онаа т.н. афера прислушкување, особено заради фактот што сѐ повеќе е компромитирана и многу понејасна од времето на нејзиното појавување, е играчка за мали деца од форматот на типови како Заев и Верушевски. И не случајно велам дека „Аферата USAID“ има сѐ уште неразјаснети детали зашто фактот што таму, во списокот на „донации“, барем за сега, недостасуваат имиња на поединци, на јавни личности, на многу познати македонски „интелектуалци“, политиканти, „аналитичари“ и „колумнисти“ итн. Но, ни претседателот Трамп не е баш толку луд како што го прикажуваат па и тоа да го објави. Меѓутоа, и тие списоци ќе се појават, кога-тогаш.
Но, резилот и сега е страотен, уличарски, бандитски, нецивилизиран од двете страни: и од давателот и од примателите. И сведочи за ужасно ефтината цена на македонскиот граѓанин, иако некој ќе рече дека сепак станува збор за милиони долари. Да, звучи многу, ама некои се продавале и за многу помалку, и не само за пари. Но впрочем, колкава е цената на човечкото достоинство? И на срамот? Милионите долари се убиствената вистина за нас – или некои од нас – и за тој чин не може да има никакво оправдување. Впрочем, излезете на улица и слушнете што говорат луѓето за овој мега скандал. И како ги нарекуваат сите оние кои се нашле на фамозниот USAID список! И тоа не е никаква љубомора, не е ни завист, туку е срам, туѓа срам зашто именуваните на списоците очигледно воопшто не се срамат, тоа е понижување на македонскиот интелектуалец кого светот, понатаму, со право ќе го вбројува меѓу оваа коруптивна „пајтон интелигенција“.
И што е уште пострашно, токму тие ликови се истите кои неколку години со ред ни продаваат некаков морал и патриотизам, нѐ прават слепи при очи и нѐ подучуваат дека мораме да прифатиме сѐ – и промена на име и промена на Устав, па и промена на идентитет, ако треба – за конечно да сме станеле дел од еу (малите букви се…) и светот. Мислат дека сите се како нив – ефтини, малечки, на продажба, и „зелени“ како доларот од USAID.
Но, од друга страна, се надевам дека некои надлежни структури конечно ќе разберат дека ние, денес, на дело сведочиме на многукратни аспекти на т.н. културна војна како форма на современа специјална операција на големите сили. Најмалку сакам ова да звучи параноично, но нештата мораат да се согледаат од сите агли, а културните војни се денес најупотребуваниот вид на притисок. А „Аферата USAID“ е токму тоа: форма на притисок врз мали држави, тргување со интереси, корупција…