Ефектот од првиот круг на претседателските избори
Брендот на СДСМ е сериозно оштетен од слабото владеење и нема сомнение дека тие ќе имаат катастрофален резултат на парламентарните избори. Но, индивидуалниот рејтинг на Стево Пендаровски е подобар од оној на Гордана Силјановска и тоа недвосмислено го покажуваат и анкетите што јас имав можност да ги видам.
Една од главните причини на 8 мај да се гласа едновремено за втор круг од претседателските избори заедно со парламентарните е претпоставката дека во таков политички амбиент ќе има далеку повисока излезност и дека полесно ќе се дотигне цензус за избор за претседател, што би елиминирало опасност од евентуална уставна криза. Освен што е политички и стратегиски корисно, ги намалува и трошоците, и секако одлуката е легитимна и полезна.
Но, се чини дека е многу потценет ефектот што првиот круг од претседателските избори ќе го има врз парламентарните.
Кандидатурата на Арбен Таравари како заеднички кандидат на здружената албанска опозиција го стесни маневарскиот простор на ДУИ за настап со евентуален заеднички кандидат со СДСМ, токму поради ефектот на првиот круг. ДУИ сосема оправдано страхуваше дека ако има само еден албански кандидат на претседателските избори, тој би повлекол добар дел од гласовите на етничките Албанци само врз основа на етничката припадност, што би го довело Таравари до бројка од 100.000 гласови, па дури и повеќе.
Психолошкиот ефект врз избирачите да се определуваат за победникот е многу силен и резултатот од првиот круг на претседателски избори ќе влијае и врз исходот на парламентарните. Во таква ситуација ДУИ ако немаше сопствен кандидат можеше дури и да ги загуби парламентарните избори, па едноставно беше принудена да исфрли свој кандидат. Да не заборавиме, дури и се појави размислување Али Ахмети да биде кандидатот на ДУИ и да одат „all in“ иако знаат дека Ахмети нема реални шанси за влез во вториот круг, токму заради ефектот врз електоратот од првиот круг на претседателските избори. На крајот сепак се решија за Бујар Османи.
Таравари и Османи ќе водат беспоштедна битка за секој глас и таму очекувам остра кампања, бидејќи исходот од таа пресметка во многу ќе го детерминира исходот на парламентарните избори. Огромна разлика е дали ДУИ ќе победи 16:10, 13:12, или дури и да загуби од опозицијата, што е малку веројатно. Соодносот на пратениците меѓу ДУИ и здружената опозција бездруго ќе има влијание и околу тоа, кој ќе биде во идната влада, иако можеби не и пресудно, затоа што се напушти моделот да коалицираат победник со победник.
Во македонскиот политички кампус е уште покомпликувано. Брендот на СДСМ е сериозно оштетен од слабото владеење и нема сомнение дека тие ќе имаат катастрофален резултат на парламентарните избори. Но, индивидуалниот рејтинг на Стево Пендаровски е подобар од оној на Гордана Силјановска и тоа недвосмислено го покажуваат и анкетите што јас имав можност да ги видам. Во ситуација кога на дел од корпусот на гласовите на кои традиционално смета десницата, пледира и Ванковска како кандидат на Левица и донекаде Стевче Јакимовски од ГРОМ, па дури и Максим Димитривески, навистина ќе биде предизвик за Силјановска да стигне до бројка од 350 000 гласови која според мене ќе и биде тежок таргет и покрај силното проопозициско чувство кај електоратот. Многу е важно за опозицијата Силјановска да има добар резултат во првиот круг од изборите.
Тоа нема да има пресудно влијание врз исходот од парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари комотна победа врз СДСМ изразена со разлика од минимум 20 пратенички мандати, а можеби и цели 25, но можно е да има влијание врз конечниот количник на распределба на пратенички мандати. Огромна разлика прави дали Христијан Мицковски како мандатар ќе преговара за состав на идната влада со 55 или со 50 пратеници.
Некои аналитичари сметаат дека клучот за успехот на ВМРО-ДПМНЕ е повисока излезност која во силно опозициско расположение партијата би ја ефектуирала на нејзино конто. Но, навистина сум скептичен дека тоа може да се постигне во услови на ваква политичка апатија. За ВМРО-ДПМНЕ се недостижни 454 000 гласови што ги освои партијата во 2016-та. И поради различното расположение кај електоратот и проектираната послаба излезност и поради поинаквиот политички спектар на партии и коалиции кои настапуваат на изборите. Бројка што е блиску до 400.000 гласови би претставувала триумф за ВМРО-ДПМНЕ, но сметам дека тешко ќе ја достигнат, иако не е невозможно.
СДСМ ќе се бори да стигне до половина од гласовите што ги остварија во 2016-та кога имаа над 430 000 гласови. Но, слаби се шансите да стигнат до бројка од 215-220 000 гласови, иако нивниот лидер настапува со воскликот победа, победа ! Реалните капацитети на владејачката партија се околу 200. 000 гласови, па дури и помалку ако има слаба излезност. Тоа бездруго ќе ја отвори темата во партијата околу нејзината иднина и нема сомнение дека потоа ќе им треба долго време за консолидација на социјалдемократите, ако воопшто успеат да се издигнат по нокаутот што им претстои на 8-ми мај.