ЕДС ИМА ПЛАНОВИ ДА СЕ ШИРИ ВО РЕГИОНОТ Акцентот ќе биде на снабдување со електрична енергија на косовскиот пазар
ЕДС има капацитет да понуди прилагодени решенија како за големите, така и за малите и средни претпријатија.
Новите канцеларии се симбол на „нови почетоци“ и јасна потврда за растот и стабилноста на компанијата, која повеќе од 13 години е сигурен снабдувач со електрична енергија за голем број компании, истакна главниот извршен директор на ЕДС, Александар Сарџовски на брифингот со новинари на кој присуствуваше и заменик главниот извршен директор на PPC Групацијата, Џорџ Каракусис.
– Нашата мисија отсекогаш била да понудиме решенија прилагодени на потребите на клиентите и да им помогнеме во нивниот раст и развој. Со новиот простор и новата организација, уште поефикасно ќе можеме да ја исполниме оваа цел – нагласи Сарџовски.
Тој ги најави плановите за регионално проширување, со акцент на снабдување со електрична енергија и на косовскиот пазар.
– Нашето искуство и стабилност ќе ги ставиме во функција и на компаниите во Косово, со цел да обезбедиме сигурни и конкурентни решенија и таму – додаде Сарџовски.
Заменик главниот извршен директор на PPC, Џорџ Каракусис рече дека како дел од PPC Групацијата – најголемата енергетска компанија во Југоисточна Европа – ЕДС има капацитет да понуди прилагодени решенија како за големите, така и за малите и средни претпријатија.
– Во последните години PPC значително го прошири своето присуство во регионот и денеска е водечка енергетска компанија во овој дел од Европа, со активности во Грција, Романија, Северна Македонија, Италија и Бугарија – рече Каракусис на брифингот.

Со вкупен инсталиран капацитет од 12,5 GW и годишно производство од околу 21 TWh од термални, хидро и обновливи извори, PPC е лидер во снабдувањето со електрична енергија во Грција и во Романија, обезбедувајќи над 33 TWh електрична енергија и широк спектар на додадени услуги за повеќе од 8,8 милиони корисници. Преку ЕДС, овој капацитет и експертиза се ставени во служба на компаниите, со цел да им се обезбеди стабилност и нови можности за раст.
Сарџовски истакна дека компанијата во иднина продолжува да работи со нагласен фокус на потребите на компаниите, да инвестира во дигитализација на услугите и да нуди на пазарот иновативни тарифни модели.