ЕДНО РОЧИШТЕ ЗА „ПУЛС“ ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА 150.000 ЕВРА Адвокатот Шилегов побара да сопре постапката за дел од обвинетите

Шилегов, пред почетокот на рочиштето побара Судот да ја има предвид одлуката на ОЈО ГОКК да запре истрагата против 7 полицајци и, поради целисходност и економичност на постапката, Јавното обвинителство повторно да ги преиспита околностите за гонење на дел од обвинетите.

495

На почетокот на денешното рочиште во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на дел од обвинетите побара Јавното обвинителство да ја преиспита основаноста за нивно гонење и да ја сопре постапката, повикувајќи се на неодамнешната одлука на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да запре истрагата против 7 полицајци.

На брифинг минатата недела ОЈО ГОКК информираше дека за дел од полициските службеници нема основ за кривично гонење за делото Тешки дела против општата безбедност.






Бранителот на обвинетиот Шефкет Хазари од Министерството за економија, адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на рочиштето побара Судот да ја има предвид одлуката на ОЈО ГОКК и, поради целисходност и економичност на постапката, Јавното обвинителство повторно да ги преиспита околностите за гонење на дел од обвинетите.

Тој нагласи дека, според неговото мислење, за дел од сега обвинетите постојат основи за поистоветување со лицата за кои постапката е запрена.

– Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита своето мислење и став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. Од Обвинителството се контрадикторни за ист настан и исти околности против службени лица. За мене, извесен е исходот со ваквиот став на Обвинителството. Мислам дека е поцелисходно наместо да продолжиме, Обвинителството да се преиспита. Едно судење државата ја чини 150.000 евра, што укажува на неекономичност на судењето. Тогаш сериозно треба да се преиспита и економичноста на постапката. Знам дека не сме во таа фаза, но ќе ви доставам копија од брифингот – изјави Шилегов.

Според образложението на ОЈО ГОКК, додаде Шилегов, било утврдено дека нема директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и настанатите последици, поради што евентуалната одговорност можела да се разгледува само во рамки на кривичното дело Злоупотреба на службената положба – дело за кое, во меѓувреме, настапила застареност.

– За добар дел од обвинетите во оваа судница е едноставно нема правна основа, нема опис на дело кое би им се ставило товар на луѓето, што е нешто што е потврдено и од стручната јавност, што беше наведнувано од одбраната во воведните зборови меѓутоа и нешто што го потврди и ОЈОГОКК, дека на дел од полициските службеници кои биле под истрага не може да им се стави на товар кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, бидејќи тоа бара непосредно извршување. Тие немале законска можност да вршат инспекциски надзор. Истото се однесува и за дел од обвинетите и за клиентот кој го бранам. Непосредно човекот го нема предизвикано пожарот. Правиме муабет за административни работници, многу луѓе кои по барањето за издавање на лиценца постапувале по службена должност и во рамки на нивните надлежности, не биле органи коишто требало да вршат инспекциски надзор. Имајќи предвид дека ова е најголем правен случај во смисла на последици, не смееме да си дозволиме, ако веќе бараме, како луѓе, како граѓани, да изградиме систем и токму овде системот да биде срушен. Ова е вистинска можност точно да го изградиме системот. Тој систем не можеме да го изградиме со нанесување неправда на веќе огромната трагедија – рече Шилегов.

На неговиот предлог се приклучија и бранителите на другите обвинети.

Судијката Дијана Груевска Илиевска потврди дека Судот е запознаен со брифингот и дека побарал официјална одлука, но нагласи дека постапката не може да биде запрена сè додека надлежното Јавно обвинителство формално не се изјасни.

– Судот се интересираше за содржината на брифингот, но додека нема официјален став од Обвинителството во овој предмет, судењето мора да продолжи – рече таа.

Јавниот обвинител Борче Јанев истакна дека Обвинителството сè уште не ги добило официјалните одлуки од ОЈО ГОКК за запирање на постапката против полициските службеници. Нагласи дека тие одлуки подлежат на оцена од повисоките обвинителства и дека, со оглед на краткиот рок, не се конечни.

– Обвинителниот акт што е предмет на ова судење не опфаќа полициски службеници. Денеска сме во судница по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема одлуките од ОЈО ГОКК, па нема ниту увид дали во нив се наведени оштетени лица и причините за настанатата штета – изјави Јанев.

На брифинг одржан на 30 јануари, предметниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК информираше дека по спроведени истражни постапки, во кои биле опфатени 27 полициски службеници, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен акт против 13 полициски службеници, а за 7 е донесена наредба за запирање на истражната постапка.

Како што беше соопштено, во истрагата е утврдено дека дејствијата што им се ставаат на товар на овие полициски службеници се однесуваат на периодот од 2012 до 2022 година, а надлежноста на специјализираното одделение постои од ноември 2018 година. Предмет на кривично-правна оцена биле само дејствијата од 2019 до 2022 година, додека останатите биле отстапени на надлежно постапување во ОЈО Кочани.

Во изјава за медиумите во врска со неговото барање, адвокатот Шилегов рече дека за иста крвично-правна квалификација за едни лица се запира постапката, додека за други таа продолжува.

 

Поврзани содржини