ЕДНО ДЕТЕ И ТРОЈЦА ВОЗРАСНИ СЕ ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПУКАЊЕТО ВО ТЕТОВО Во престрелката се употребени автоматски пушки и пиштоли

Јавното обвинителство Тетово покрена истражна постапка против тројца возрасни и едно дете поради кривични дела убиство, убиство во обид, и нелегално држење и тргување со оружје, со предлог за притвор.

716

Тројца возрасни и едно дете се осомничени за пукањето што се случи на 10 август на улицата Благоја Тоска во Тетово, соопштија од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово.

Јавниот обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, кое е осомничено за кривично дело убиство по член 123 став 2 точка 3 од Кривичниот законик, како и за неовластено производство, држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и тешки дела против општата сигурност. Во врска со овие дела, заедно со него како соизвршител е осомничено и едно дете, за кое постапката се води согласно Законот за правда за деца.






– Дополнително, наредба за спроведување истражна постапка е донесена и против две други лица кои се осомничени за убиство во обид, исто така за неовластено производство и тргување со оружје и тешки дела против општата сигурност – велат до ОЈО Тетово.

Според соопштението на Јавното обвинителство, на 10 август, првиот осомничен и детето, кои се во судир со законот, со умисла како соизвршители, користејќи автоматски пушки, лишиле од живот едно лице. Во престрелката, со куршуми бил погоден и совозач во возило „Голф“, кој се здобил со тешки телесни повреди, опасни по живот. Во непосредна близина била рането и едно дете родено 2012 година, по што осомничените побегнале од местото на настанот.

Потоа, и вториот осомничен и уште едно лице извадиле огнено оружје – пиштоли – и започнале да пукаат кон возилото што се оддалечувало. Во тој напад било рането друго лице, исто така со тешки повреди во торакалниот дел, а куршуми погодиле и друго возило, при што бил загрозен животот и сигурноста на жена.

– Овој настан е сериозно кривично дело кое ја загрозува безбедноста на граѓаните и јавниот ред. Јавното обвинителство ќе ги искористи сите законски средства за целосно расчистување на случајот и изведување на сторителите пред лицето на правдата – информираат од Основното јавно обвинителство Тетово.

За сите осомничени, вклучувајќи го и детето, јавниот обвинител предложи мерка притвор која беше прифатен од страна на Судот.

Поврзани содржини