ЕДНИОТ Ѝ УКРАЛ ПАРИ И ЗЛАТО, А ДРУГИОТ ГО ЗАЛОЖИЛ НАКИТОТ Ограбен домот на 54-годишна велешанка, уапсени двајца мажи
Украдените златни предмети се пронајдени кај вториот осомничен и се вратени на сопственичката, а двајцата се приведени во полициска акција.
Двајца велешани, на возраст од 22 и 48 години, се приведени поради сомнение за тешка кражба и прикривање украдени предмети, откако во текот на ноќта бил ограбен дом на 54-годишна жена во Велес.
Според информациите од полицијата, помладиот осомничен, А.Д. (22), со употреба на сила и соодветен алат провалил во домот на С.Х. (54), од каде одзел пари и златен накит. По кражбата, дел од златните предмети биле заложени кај вториот осомничен, А.С. (48), исто така од Велес.
Полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода двајцата осомничени во периодот од 23:20 до 00:10 часот. Дел од украдените златни предмети биле пронајдени кај А.С., одземени и вратени на сопственичката, додека тој е задржан во полициска станица.
За случајот е известен јавен обвинител, а по негово целосно документирање против двајцата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.