ЕДНИ ЅИДААТ НА ПЕКОЛ, ДРУГИ СЕ ВОЗАТ ВО АВТОБУСИ ВО КОИ НЕ СЕ ОТВОРААТ ПРОЗОРЦИ Не се почитуваат препораките за работа во жештините
Здружението „Гласен Текстилец“ изминатите денови добило пријави од работници и од граѓани за непочитување на мерките и препораките на Владата за работниците за време на топлотниот бран. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ за МИА вели дека пријави им пристигнале од Штип, Скопје и Свети Николе.
– Од Скопје и од Штип имаше пријави за градежни работници и работници од јавни претпријатија во текот на вчерашниот ден. Гледаме да реагираме со Трудовиот инспекторат за ослободување и на бремените жени, а за хронично болните Министерството за здравство сметаше дека нема потреба да бидат ослободени од работа – вели Ампева.
Таа посочи дека е зголемена свеста кај работниците, но и на граѓаните кои пријавуваат работа на градежните работници на отворено. Таков пример имало вчера од граѓани, кои реагирале дека градежни работници работат на објект, како и дека на терен се и работници од јавни претпријатија од Скопје.
– Граѓаните прашуваат каде да пријават. Значи тие забележуваат дека се прекршуваат правата на работниците и работат на изложеност на сонцето, а се знае од колку до колку не смеат да работат. Така што мене ми е многу мило што самите се јавуваат на телефоните на Трудовиот инспекторат – рече Ампева.
Таа посочи дека во овој период имаат и добра соработка со инспекторите, кои веднаш реагираат на терен.
– Додека се вршени тие контролни надзори можам да кажам дека се ослободени голем број бремени жени од текстилниот сектор, од супер маркети, и од здравствена установа. Но интересно е дека при тие надзори најдени се голем број непријавени работници. Така што овде имаме поопсежна работа на терен – вели Ампева.
Таа потврдува дека текстилни работнички сведочеле дека се возат во неклиматизирани автобуси, а во некои од нив за да влезе воздух можело да се отворат само два или три прозорци.
– Жал ми е што сообраќајната полиција не е присутна на терен за да види дека има претовари во автобусите со кои се превезуваат работници. Не можам да кажам за сите работодавци, има и такви кои имаат сопствен превоз и се придржуваат до мерките. Сликата е таква каква што е и може да се види на постојките од 14.30 часот па натаму кога работниците заминуваат дома од своите работни места – вели Ампева.
За сето тоа е информиран и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Ампева денеска добила одговор од него дека општинскиот сообраќаен инспектор ќе се координира со сообраќајната полиција и инспектор од безбедност и здравје на работа да излезат на терен и да видат во какви услови се превезуваат работниците.