Една жешка вечер, Заев и Таче на сон виделе 88 пратеници со раце кренати „за“ – после се разбудиле и сфатиле дека се Мицкови

Христијан Мицкоски демонстрира и моќ, но и вештина, да го стори она што за Зоран Заев и за Димитар Ковачевски беше само сон. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште сега покажува дека со него на чело на владата, со стратешкото партнерство со Влен и со ЗНАМ, како и со центрипеталната сила на тој моќен барабан, двотретинското мнозинство во парламентот ќе биде јаве, а не сон. Сите што зборуваат за потребата од големи и значајни реформи во државата, сега веќе мора да сметаат на тој факт.

14,295

Во деновите по спектакуларната победа на изборите на 8 јуни, a особено во периодот по конституирањето на новиот парламентарен состав до претстојно формирање на новата извршна власт, мандатарот Христијан Мицкоски е изложен на жестоки критики од ослабената опозиција и од оној мал дел од јавноста што безрезервно ја поддржува. Не само што ќе ги нема традиционалните сто дена мир (период во кој новите влади вообичаено се консолидираат, се воспоставуваат линиите на контрола на првите ешалони на јавната администрација и се планираат првите активности), тој нема спокојство ни сега, кога новата влада сè уште не е изгласана.

После долги седум години тонење во жива кал и целосно отуѓување на власта од народот и после кампањата во која победникот настапи со најава за длабоки реформи во повеќе области и со многу сериозни ветувања, со чија реализација секој од нас, без разлика дали и како гласал, брзо би требало да ја почувствува Македонија макар малку своја, дури и седум дена мир за новата извршна власт ќе бидат премногу.






Сакам да кажам, нормално е тоа што новата влада, дури и неоформена, веќе е мета на критики. Она што не е нормално е што во жестината засега предничат заговорниците на т.н. „критика на сè постоечко“ (ја користам оваа Марксова фраза за да ѝ дадам некаков прифатлив контекст на критиката што доаѓа од кампот на Левица) и радикализираните социјалдемократи, кои вака нереформирани и оставени без компас, едноставно не знаат каде тераат.

Им растат ли уште носевите на лажговците?

Таквата критика, за жал, ги рециклира старите наративи од периодот пред изборите. Да се потсетиме што се зборуваше за ВМРО-ДПМНЕ пред изборите:

Партијата предводена од Мицкоски прво треба да се реформира и да се огради од Никола Груевски.

Партијата нема изборна програма.

Партијата е националистичка и шовинистичка.

Ако победи на изборите, Мицкоски нема да најде албанска партија за партнер.

Партијата нема коалициски капацитет.

Партијата е и ќе биде меѓународно изолирана.

И?

Што се случи пред, за време и после изборите?

Првите луѓе на ДУИ и на СДСМ, со премолчено одобрување на важни локални дипломати, планираа да го амнестираат Никола Груевски во земјата, но не со цел да го прекине кривичниот прогон кон него (што можеби и би било легитимна цел), туку со намера Будимпештанецот да биде главниот актер во ослабувањето и во растурањето на ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски. Во такви околности, можеби и непланирано, но сепак доволно јавно, јасно и гласно, Мицкоски објави радикален дисконтинуитет со поранешното раководство на неговата партија.

Непобитен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ на изборите настапи со амбициозна предизборна програма, којашто беше обилно коментирана и критикувана како „нереалистична“, како во предизборието, така и за време на кампањата. За таа програма веројатно ќе се дебатира и во наредните четири години, но не може да се каже дека не постои или да ѝ се одрече конзистентноста.

Во предизборието и во кампањата, ВМРО-ДПМНЕ уверливо покажа дека не е ниту националистичка ниту шовинистичка. Се разбира, ова важи само ако се согласуваме дека не е национализам да си ја сакаш својата земја и да ги браниш нејзиниот идентитет, нејзиното име, нејзината историја и нејзината култура. И ако се согласуваме дека не е шовинизам јавно да ветиш дека по никоја цена нема да коалицираш со ДУИ, затоа што не сакаш да делиш власт со една корумпирана и криминализирана политичка структура, а потоа и тоа да ти биде првото исполнето ветување.

Се покажа неточно, дури и комично, предвидувањето дека по победата на изборите, ВМРО-ДПМНЕ нема да пронајде коалициски партнер во албанскиот политички блок. Основните принципи на партнерството со коалицијата Влен, Мицкоски ги втемели уште пред изборите. И навистина беше чудно што т.н. политички аналитичари, дури и оние кои се продаваат за политички бабаванги, не успеаја тоа да го видат. Да биде уште посмешно, токму ДУИ на Али Ахмети челични опинци обул и ја симнал својата „цена“ до ниво на невидено понижување, за некако да влезе во владата на Мицкоски.

Како ли се чувствуваат сега тие некадарници што велеа дека ВМРО-ДПМНЕ нема да пронајде албански партнер за да ја сподели власта?

Им растат ли уште носевите на лажговците кои ја убедуваа јавноста дека Мицкоски ќе се пазари непринципиелно и дека ќе го отфрли својот договор со Влен?

ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше висок коалициски капацитет, до степен што новото владејачко мнозинство во парламентот се приближи до двотретинско. За таа цел, Мицкоски ја прошири политичката основа на владејачката коалиција со трет партнер, партијата ЗНАМ. Тоа на новата влада ќе ѝ овозможи стабилно владеење, што е предуслов за форсирање реформска агенда.

Двотретинско мнозинство без голем мастраф

Најважното и најпријатно изненадување од Христијан Мицкоски во овој период е вештината со која тој – сè уште во улогата на мандатар – успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за да се изгласа ветената структурна реформа на новата извршна власт. Уште поважно е што тој за овој законски проект успеа да консолидира мнозинство од 88 пратенички мандати, со гласовите на ДУИ, без при тоа да нуди било какви непринципиелни отстапки или да направи валкан пазар со „командантите“.

Се сеќаваме ли како владата на ДУИ и СДСМ составуваше двотретинско мнозинство, кога работата им беше нож до коска?

Се сеќаваме ли на оние срамни уцени, на оние трансфери, на оние безобразлуци на малите и бедни актери во македонската политика и на нивните „големи слики“?

Ништо од тоа веќе не постои!

Ништо ни приближно не наликува на таков мастраф. ДУИ во парламентот ќе го добие она што ѝ следува на секоја опозициска партија со таков број пратеници. Ништо повеќе или помалку од тоа.

Ноторна вистина е дека Мицкоски демонстрира и моќ, но и вештина, да го стори она што за Зоран Заев и за Димитар Ковачевски беше само сон. Во нивно време, за да се обезбеди такво мнизнство, беа ангажирани дипломатски тимови, олеснувачи, отежнувачи и разни белосветски мешетари. А Мицкоски уште сега покажува дека со него на чело на владата, со стратешкото партнерството со Влен и со ЗНАМ, како и со центрипеталната сила на тој моќен барабан, двотретинското мнозинство во парламентот ќе биде јаве, а не сон.

Сите што зборуваат за потребата од големи и значајни реформи во државата, сега веќе мора да сметаат на тој факт.

Се разбира, на тоа ќе смета и меѓународниот фактор. Колку и да навиваа за ДУИ и за СДСМ, за нивниот самонаречен „европски фронт“, во периодот пред изборите, странските дипломати сега природно ќе мора да соработуваат со политичката сила која може да ја трансформира изборната волја на македонските избирачи во важни политички одлуки. Внимавајте, велам да ја реализира волјата на електоратот, а не желбите на одвај стотина луѓе од барбикју заедницата составена од неколку претставници на дипломатскиот кор и од локалната самобендисана „елита“ на интелектуалци, бизнисмени и други „видни фаци“.

Нешта со кои барбикју заедницата мора да се помири

Дополнително, дури и оној дел од таа барбикју заедница којшто сè уште се ложи на старите наративи и директиви, не може да го игнорира фактот дека владата на Мицкоски, како што вели самиот мандатар, доследно ќе ги почитува сите меѓународни договори (кои по силата на Уставот се дел од домашниот правен поредок), но истовремено ќе успее да го одбрани името Македонија од непотребните поврзувања со придавката „северна“ надвор од службената употреба на официјалното име на државата. Аргументите се на страна на тој потфат и затоа за кратко време тоа ќе биде широко прифатена пракса во Македонија. Па целата врева на темата „кажи северна“ ќе стивне.

Ќе се потврди како злонамерна, а и бездруго и лажна, тезата дека Македонија била изолирана и дека е пред некаква војна со Грција или со некој друг.

Напротив, процесот на приближување на земјата кон Европската Унија ќе продолжи, со нова енергија и со една нова креативност, која може да произведе многу подобри решенија од оние што ги смисли сервилната влада на Димитар Ковачевски. Тоа ќе бидат решенија коишто ќе ги штитат македонските национални интереси. Нив Мицкоски сигурно ќе умее, во јавна и транспарентна постапка, со широка поддршка од јавноста и од народот, да ги верификува и во парламентот, со двотретинско мнозинство.

Кој е сега националист и шовинист?

За крај, збор-два и за актуелните критики, за наративите со кои сега се стрела кон Мицкоски.

Кој тврди сега – и лаже, се разбира – дека Мицкоски склучил тајна коалиција со Али Ахмети? СДСМ. Аман бре, СДСМ?! Та зарем има уста партијата која се откажа од извршната власт во оној момент кога Ковачевски стапна на Илинденска и на тацна му ја предаде власта на Али Ахмети?

Кој прави драма од тоа што новиот парламентарен спикер Африм Гаши говори на својот мајчин јазик? Говори и ќе говори и во иднина. Тоа е негово стекнато право. Така е уште од времето на Груевски, така беше и во седумте години на СДСМ и нема причина било кому, па ни на Гаши, да му се ускрати тоа право. Важно е дека Гаши зборува и македонски, а најважно е што кажува и како работи.

За волја на вистината, Гаши, за кого сите знаеме дека одлично го зборува македонскиот јазик, вели дека не само што нема анимозитет кон тој јазик, туку и не верува дека има човек кој повеќе ја сака Македонија од него. Добро, тоа е претерување, кое сепак говори нешто за неговиот однос кон оваа земја. И зошто сега да го „колеме“ човекот за една несреќно срочена или можеби лошо преведена изјава за неговата врска со Косово, каде што се родени неговите родители? Прозван и од Мицкоски, меѓу другите, стана човекот и објасни што е што.

Но, на некои тоа не им е доволно. За жал, меѓу нив има и доскорешни јавни поддржувачи на самонаречениот „европски фронт“, луѓе кои декларативно ги поддржуваа „европските политики“ тогаш кога на бранот на тој наратив арамиите од власта си ги полнеа бисаѓите.

И кој е сега националист и шовинист? А?

Лелекот по „странци“ од нашите „усранци“

Или, погледнете ја јавната дебата за новата структура на извршната власт, изгласана со двотретинско мнозинство, која се сведува на прашањето колку министерства имало порано, а колку сега. Тоа програмска дебата ли е? Или идеолошка? Можеби реформска? Можеби расправа за концепти? Не, ништо од сето тоа. Па како може таа критика да има некакво реално значење и импакт?

И пак ќе прашам, на што личи таа врева и тоа лелекање по придавката „северна“? Какво е тоа довикување на „странци“, од страна на некои наши локални „усранци“, да интервенирале меѓународниве, да ја блокирале Македонија, да ставеле вето, да ја изолирале земјата, да ѝ направеле зло по секоја цена – кој нормален човек што си ја сака својата татковина зборува и пишува такви глупости?

На меѓународната заедница ѝ е кажано и ако е потребно, ќе ѝ се каже уште сто пати – сите институции и сите поединци кои имаат законска обврска во службено својство и во службена комуникација да го употребуваат официјалното име „Република Северна Македонија“ ќе го прават тоа. Сите ние го правиме тоа. Освен СДСМ, на пример, партија која има обврска, а не ни помислува да си го смени името. Пребројте се и ќе видите дека секој од нас има дузина лични документи со новото официјално име и во разни прилики, на разни начини, службено комуницира со својата држава со нејзиното ново име. Таа пракса ќе продолжи, но не смее да продолжи праксата кој било ентитет да биде принудуван да го употребува службеното име на својата земја по силата на едно екстензивно и неточно толкување на Преспанскиот договор.

А ако некој баш толку многу сака, може и дома својата татковина да ја нарекува „северна Македонија“. Може да се чувствува и да се декларира како „северномакедонец“, па дури и својот мајчин јазик да го нарекува „северномакедонски“. Ова е слободна земја, во која секој може да се декларира, па дури и да се попише, како Марсовец, на пример.

Ќе анализираме со студени глави, критиките нема да изостанат

Сума сумарум, критиките на сметка на досегашните потези на победничката ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Мицкоски, засега се сведуваат на промоција на површни тези, на многу врева и на една голема жал за изгубената власт, за изгубените позиции и за изгубените привилегии.

Наспроти тоа, се чини дека Христијан Мицкоски засега гази сигурно, самоуверено и спокојно. Остава впечаток на човек кој има јасен план и има моќ, знаење и вештина да го спроведе тој план.

Критиките нема да изостанат, се разбира. Во овој момент, хендикеп е тоа што водечката опозициска партија СДСМ е стравотно маргинализирана и што веројатно подолго време ќе се занимава со самата себе. Но, да верувамае дека критичката јавност ќе ја надомести таа слабост и нема да дозволи големото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ да произведе и апсолутно владеење, бидејќи апсолутната власт апсолутно ги расипува луѓето.

Сепак, за да отвориме плодна критичка дебата за перформансите на новата власт, ќе мора да ги погледнеме неоптоварени од навивачките страсти од периодот пред изборите. Пред тоа, да почекаме прво да добиеме нова влада, да се стрпиме новите министри, заменици и директори на јавните претпријатија да се паркираат во новите кабинети и потоа да ги сочекаме и првите потези на извршната власт. Дури потоа ќе анализираме, ама со студени глави. И да не си правиме бајрам со умот – што и да мислиме ние за екипата на Мицкоски, вака убедливо освоена власт не се испушта лесно.

Затоа, само без стресови и нервози. Јербо утиче на лепоту …

ПС. Се мислев, да бидам искрен, дали мојата анализа да ја завршам со кусата приказна од насловот на овој текст. Но, претпоставувате веќе што се случи – синоќа, во жешката вечер, мојот лаптоп и јас, многу доцна, седевме заедно сами…

БОНУС ВИДЕО ЗА ТРПЕЛИВИТЕ

Поврзани содржини