ЕДНА ОПАСНА ШЕМА НА ВЛИЈАНИЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО ДОПРВА ТРЕБА ДА СЕ РАСВЕТЛИ Зошто случајот на Наќе Георгиев и Иџет Мемети е критично важен за разбирање на манипулациите со правдата?
Судско-обвинителски извори се сомневаат дека обвинителите Љупчо Коцевски и Ислам Абази во 2024 година експресно склучиле спогодба со судијата Наќе Георгиев и со Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, за да се избегне процес во кој би биле изведувани докази во врска со комуникацијата на Мемети со обвинители за случајот со Боро Марлборо.
„Ако Судскиот совет и Советот на јавни обвинители сакаат правда, еве нека почнат со постапка против судиите и обвинителите кои биле под влијание на Наќе Георгиев и на Иџет Мемети и работеле под нивен диктат, а со тоа извршиле кривично дело“.
Со овие зборови, на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, деновиве беше возвратено на јавните поплаки на овие две институции, според кои врз обвинителите и врз судиите се вршат политички и медиумски притисоци. Интересно е дека реакциите дојдоа во време кога се бара драстично зголемување на платите на обвинителите и на судиите. Отфрлајќи го ова барање и најавувајќи зголемување на платите на вработените во судската администрација, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека некои обвинители и судии не си ги заслужуваат и сегашните плати. Мицкоски најави „еден цел серијал“ на случаи за тоа како суделе одделни судии и како обвинувале некои обвинители. „Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат таму по Брисел дека Владата не им ги зголемува платите“, рече Мицкоски во таа прилика.
Кој, освен Чак Норис, може да биде фатен со пари в рака и потоа експресно да се спогоди?
Зошто случајот на врховниот судија Наќе Георгиев и на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети е толку важен, за токму од него да почне расправата за тоа како во Македонија се дели правдата? Веројатно затоа што во овој случај се инволвирани лица кои и понатаму ведрат и облачат во македонското правосудство, а тоа најмногу се однесува на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази.
Да се потсетиме. Откако беа фатени со пари в рака во мај 2024 година, врховниот судија Георгиев и неговиот близок пријател Иџет Мемети, кој во моментот бил и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, на чудесен начин склучија спогодба за вина со обвинителите Љупчо Коцевски и Ислам Абази.
Предметот ѝ бил доделен на Верица Бержетска Крстева, обвинителка од ОЈО ГОКК, која доаѓа од Струмица (случајност?). Но, таа како да немала многу работа. На 15 август 2024 година, ОЈО ГОКК ќе објави соопштение, во кое ја известува јавноста дека Обвинителството склучило спогодба со врховниот судија Наќе Георгиев, осомничен дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Првоосомничениот Георгиев со спогодбата прифатил да му биде изречена казна затвор од 3 години и забрана за вршење на професија. Во соопштението е наведено дека осомничениот Георгиев ја потпишал предлог-спогодбата и не спорел дека го сторил кривичното дело. „Имајќи ја предвид запретената казна затвор од 1 до 10 години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од 3 години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години“, се вели во соопштението.
Инаку, врховниот судија Георгиев, човек за кој се велеше дека бил близок до Зоран Заев и Иџет Мемети, беа осомничени дека барале пари од поранешниот градоначалник на струмичко Ново Село, Боро Стојчев (познат како Боро Марлборо), осомничен за шверц на дрога, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата. Излишно е да се каже дека и Боро Марлборо беше човек близок до Заев. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев.
И така, со неверојатна „ефикасност“ на нашите обвинители и судии, кривично-правниот настан, кој се случил во мај 2024 година, кога сега осудениот Георгиев е фатен „жив“, со парите дадени од пријавителот, е окончан со спогодба и пресуда во август 2024 година – значи, за помалку од 4 месеци!
Како тоа?! И – зошто?
Какви чуда криел мобилниот телефон на Иџет Мемети и зошто му било дадено време да го замени со нов?
Предметот против обвинетиот Боро Марлборо го водела јавната обвинителка од ОЈО ГОКК, Искра Хаџивасилева, поискусна колешка на струмичанката Бержетска Крстева. Наместо да постапува согласно одредбите од Законот за кривична постапка и согласно со праксата во Јавното обвинителство, Хаџивасилева дозволила некој од страна да влијае врз постапката, па се согласила да се спогодува за вина со обвинето лице кое претходно било осудувано за истородно дело.
Прашање за милион долари е дали обвинителката Бержетска Крстева, која го водела предметот против Иџет Мемети и Наќе Георгиев, намерно не го обезбедила Мемети, со цел да му се купи време и да му се овозможи да прикрие траги и докази. Дали станува збор за целата претходна смс-комуникација помеѓу него и обвинителите Коцевски, Абази и Хаџивасилева, за конкретниот предмет против Боро Марлборо, а можеби и за други предмети?
Прашање што треба да се постави јавно е и дали некој побарал од обвинителката Бержетска Крстева да состави било каква службена белешка, во која таа би образложила од кои причини – откако одекна веста за тоа дека Наќе Георгиев и Иџет Мемети се фатени живи како примаат мито за да влијаат врз неа – доцна во ноќта „успеала“ да испрати истражители во домот на Иџет Мемети во Тетово? Зачудува фактот што токму тој ден Иџет Мемети „случајно“ го сменил мобилниот апарат, односно си купил нов мобилен телефон и истиот бил одземен при претрес.
Кој дозволил на осомниченото лице Иџет Мемети да му се даде толку многу време, за да може да си купи нов мобилен телефон и да избрише секакви траги поврзани со кривичното дело кое подоцна го признал? Дали тоа е намерно сторено? Дали во стариот мобилен телефон имало комуникација со јавните обвинители Ислам Абази, Љупчо Коцевски и Искра Хаџивасилева? Дали тие и комуникации се однесувале токму на предметот кој го водела Хаџивасилева против Боро Марлборо?
Да имало судење, веројатно на овие прашања би добиле одговори. Вака, случајот е покриен со македонска верзија на омерта (кодекс на молчење, карактеристичен за мафијата).
Колку обиди имало за изнудување пари и поткуп, како тој во случајот со Боро Марлборо?
Прашање што треба да се постави е и следново – дали обвинителката кој го водела предметот против Георгиев и Мемети, Верица Бержетска Крстева, воопшто била запознаена дека во мобилниот телефон на Иџет Мемети имало комуникација помеѓу него и Хаџивасилева за предметот против Боро Марлборо, која се однесува на тоа дека требало да има спогодба помеѓу јавното обвинителство и сега осудениот Боро?
Веројатно требало да се истражи и тоа дали мобилниот телефон на Иџет Мемети криел комуникации и докази и за повеќе други случаи, кога тој, Ислам Абази и Љупчо Коцевски, можеби влијаеле и во други предмети како овој со Боро Марлборо. И секако, мора да се постави најважното прашање – дали и во тие случаи, ако ги имало, бил даван поткуп, како што Меџити и врховниот судија Георгиев се обиделе да ќарат од Боро Марлборо, но биле фатени?
Во кулоарите на нашето правосудство се шират сомневања дека овој случај – во кој живи се фатени Иџет Мемети и Наќе Георгиев, а како „спасители“ и креатори на една експресна спогодба се јавуваат Ислам Абази и Љупчо Коцевски – е доказ дека во македонското правосудство повеќе јавни обвинители, заедно со колеги судии, разработиле шема на влијание, која им овозможува да притискаат осомничени и обвинети лица да прифаќаат спогодби за пресуди – се разбира, за добри пари. Во случајот на Наќе Георгиев и Изет Меџити, станува збор „само“ за 10.000 евра обележани пари.
Прашање за Коцевски: Зошто еден добро „спакуван“ предмет завршил со спогодба и со смешни казни?
Случајот со Иџет Мемети и со врховниот судија Наќе Георгиев е критично важен, бидејќи ни овозможува да излеземе од зоната на претпоставките и да поставиме многу директни прашања на конкретни адреси. Јавната обвинителка Искра Хаџивасилева има свои претпоставени, а тоа се Абази и државниот обвинител Љупчо Коцевски. Тие двајцата би требало да одговорат дали составиле службена белешка за случајот и дали утврдиле дека Иџет Мемети побарал од Хаџивасилева да се применува спогодувањето во случајот со Боро Марлборо. Ако не, зошто не?
Пред Љупчо Коцевски, како републички обвинител, бил рефериран предметот против Наќе Георгиев и Иџет Мемети. Коцевски е должен да одговори зошто еден цврсто „спакуван“ предмет морало да заврши со спогодување и со смешни казни. Не е ли тоа, во најмала рака, чудно?
Од кои причини јавниот обвинител кој постапувал во предметот против Наќе Георгиев и Иџет Мемети (спомнатата струмичанка Бержетска Крстева), при поднесување Предлог до Основниот суд Скопје, со кој се бара на обвинетиот Иџет Мемети да му се определат мерки на претпазливост, не било побарано и мерка истиот да има забрана за вршење на работа како член во Советот на јавни обвинители? Во истиот Совет членува и Љупчо Коцевски. Како си дозволувал Коцевски, како републички обвинител, да учествува на седниците на Советот на јавни обвинители, со лице против кого се води истрага?
Се плаши ли некој од изведување непријатни докази во судска постапка?
Конечно, јавноста има право да знае и дали евентуално стравот од снимениот разговор меѓу синот на обвинетиот Боро Малборо и инволвираните лица во предметот, ги натерало обвинителите Коцевски и Абази да се спогодуваат со Иџет Мемети и со Наќе Георгиев. Дали затоа морало да се избегне судска постапка, во која би се изведувале непријатни докази?
За крај, уште едно прашање за републичкиот јавен обвинител: дали дента кога се случил настанот, сега осудениот Иџет Мемети бил кај Коцевски во Републичкото обвинителство, а ден после настанот пак бил кај него, за да издејствува да не се бара притвор?
ПС. На крајот, во стилот на римскиот сенатор Катон Стариот, кој речиси секој свој говор го завршувал со реченицата „Впрочем, Картагина мора да се уништи!“ („Carthago delenda est“), авторот на овој напис, по којзнае кој пат, ќе каже: „Не се можни никакви промени во правосудството без да се смени републичкиот обвинител Љупчо Коцевски“.