ЕДНА ГЕНЕРАЛНА И 4 ПОСЕБНИ ПОТРОШУВАЧКИ КОШНИЧКИ Не се исти трошоците на самец, млада двојка, семејство и на пензионер, вели Мицкоски
Треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и со други институции со унифицирана потрошувачка кошничка, која ќе даде вистински одговор на сите дилеми, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Треба да се пресметаат посебни потрошувачки кошнички – за самец, за млад брачен пар, за тричлено и четиричлено семејство и за пензионери, зашто трошоците на овие категории граѓани не се исти и не треба еднакво да се третираат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој останува на ставот дека е потребно изготвување и т.н. унифицирана потрошувачка кошница која, како што изјави, ќе одговара на потребите на граѓаните.
– Апсолутно стојам на тој став и на последната седница на Економско-социјалниот совет имавме дискусија по ова прашање. Мислам дека со Министерството за економија и труд има веќе работна група која комуницира. Мислам дека треба да излеземе заедно со Државниот завод за статистика и други институции со унифицирана потрошувачка кошничка, која ќе даде вистински одговор на сите дилеми што се појавуваат поради сомневање за одредена субјективност на едната или другата страна – рече тој.
Генерално, додаде, треба да излезе таква кошница која ќе одговара на потребите на граѓаните.
– Уште стојам на ставот дека мораме како втора пресметка да направиме пресметка и за потрошувачка кошница за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство и пензионери. Сето ова треба да го имаме на ум зашто потребите на млад брачен пар и на пар пензионери не се исти. Не можеме една кошница да се третира како генерална минимална потрошувачка кошница. Кога би ги имале сите овие параметри, мислам дека ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки – изјави премиерот Мицкоски.