Единствениот кандидат за лидер на СДСМ со програма „прв во промените“
Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните, е една од точките во програмата на Заев.
Со Програмата „Нова политика, СДСМ прв во промените“ Зоран Заев ќе ја бара довербата од членството на првите директни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, закажани за в недела, 21 март.
Програмата е објавена на официјалната интернет страница на СДСМ https://sdsm.org.mk/novapolitika, а се базира на пет клучни столбови и, како што велат од партијата, „најавува најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ“.
„Прво, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ. Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе. Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот. Охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови е третата точка од Програмата. Четврта точка е градење на СДСМ за новото време, млад СДСМ, прв во промените. Поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани е петтата точка од Програмата“, соопшти партијата.