ЕДЕН ВО ПЕНЗИЈА, ДРУГ ВО ОТПИШАНИТЕ Каква понуда им крчка МПЦ-ОА на владиците од ПОА?
На епископот брегалнички г. Марко ќе му биде понудено како хороепископ да замине во Делчевскиот манастир, а се очекува и епископот полошко-кумановски г. Јоаким да добие понуда како хороепископ да замине во Поречкиот манастир. Интересно е тоа што во плановите на МПЦ-ОА воопшто не е вклучен епископот стобиски г. Давид од ПОА.
Еден пензионер, еден отпишан и двајца хороепископи. Неофицијално, ваква понуда во моментов крчка Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и таа наскоро ќе биде испратена до Православната охридска архиепископија (ПОА) со цел нивно взаемно црковно интегрирање откако тоа лично го побара српскиот патријарх Порфириј кога на 24 мај годинава ја призна и ја прифати автокефалноста на црквата во Македонија.
Фер понуда или обид за понижување?
Како што дознава Плусинфо од високи црковни извори, МПЦ-ОА планира да му понуди на поглаварот на ПОА, г.г. Јован, да се пензионира, а за возврат да добие Канцеларија за образование во МПЦ-ОА.
Неофицијално, на епископот брегалнички г. Марко, ќе му биде понудено како хороепископ да замине во Делчевскиот манастир (Св. Богородица Балаклија), под власт на актуелниот епископ брегалнички г. Иларион од МПЦ-ОА.
Се очекува и епископот полошко-кумановски г. Јоаким да добие понуда како хороепископ да замине во Поречкиот манастир (Рождество на Пресвета Богородица) под власт на епископот дебарско-кичевски г. Тимотеј од МПЦ-ОА. Инаку, во административна смисла, титулата хороепископ не значи баш многу: не смее да ракополага, не смее да поставува свештеници, не смее да осветува храмови, не смее да прави ништо без дозвола од надлежниот епископ.
Интересно е тоа што во плановите на МПЦ-ОА воопшто не е вклучен епископот стобиски г. Давид од ПОА, за кого, наводно, МПЦ-ОА веќе испратила абер до Српската православна црква (СПЦ), доколку постои расположение кај српскиот патријарх, да дозволи да му се отвори подворие во Скопје. На тој начин епископот г. Давид би добил своја канцеларија, односно претставништво, а тој лично би бил дел од раководството на СПЦ.
До истекот на месецот
Неблагодарно е сега да зборувам за тоа што треба да им се понуди на архиерејите од Православната охридска архиепископија, бидејќи до крајот на месецов ќе имаме седница на Синодот на којашто со сигурност ќе биде тоа прашање ставено на дневен ред.
Ова во разговор за Плусинфо го изјави епископот преспанско-пелагониски г. Петар од МПЦ-ОА, кој признава дека веќе се доцни со интеграцијата на двете цркви.
– Не би сакал сега да коментирам и да откривам информации, бидејќи се плашам дека би можел да бидам погрешно разбран од браќата архиереји во смисла дека се поставувам над Синодот. Оваа тема со сигурност ќе биде точка на дневен ред на следната седница на Синодот, бидејќи времето си одминува, а оваа работа мора да се реши еднаш засекогаш. Сметам дека нема многу да чекате и дека до крајот на месецов ќе добиете информација каков став ќе заземе МПЦ-ОА – изјави владиката Петар.
Оваа тема со сигурност ќе биде точка на дневен ред на следната седница на Синодот, бидејќи времето си одминува, а оваа работа мора да се реши еднаш засекогаш.
Официјален став побаравме и од раководството на Православната охридска архиепископија (ПОА), но оттаму нѐ информираа дека засега не добиле никаков предлог или понуда.
– До овој момент немаме добиено никаква официјална информација поврзана за тоа како ќе се одвива интеграцијата на двете цркви. Сепак, ние очекуваме ова прашање да се реши на радост на сите. Во моментов не би сакале да коментираме информации кои се базираат на шпекулации – ни одговорија од ПОА.