ЕДЕН УБИЕН И ЧЕТВОРИЦА ПОВРЕДЕНИ, МЕЃУ НИВ И МАЛОЛЕТНО ДЕВОЈЧЕ Полицијата откри детали за крвавата пресметка во Тетово
Министерството за внатрешни работи открива нови информации за вооружената пресметка на тетовските улици, меѓу повредените и малолетно девојче и случаен минувач.
Министерството за внатрешни работи денеска излезе со нови детали за вооружената пресметка што го потресе Тетово. Според официјалните информации, инцидентот се случил околу 12:30 часот на крстосницата меѓу улиците Илинденска и Благоја Тоска, кога дошло до пукање помеѓу лица од две возила. За време на пресметката се случила и сообраќајна незгода, по што двете возила го напуштиле местото, едното кон улица 113, а другото во непознат правец.
Од изјави на очевидци, полицијата дознала дека возилото што се упатило кон улица 113 е „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои биле одјавени, а возилото е во сопственост на 19-годишен жител на селото Гајре.
На друга локација – крстосницата на улиците Благоја Тоска и 107 полицијата пронашла „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на 46-годишен тетовец. Во возилото било пронајдено едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје.
Од Клиничката болница во Тетово било пријавено дека се примени три лица со повреди од огнено оружје, меѓу кои и малолетно девојче, кое е задржано на опсервација. Другите двајца, 34-годишен и едно лице со иницијали Р.Т. се пренесени како итни случаи во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во престрелката бил повреден и 60-годишен пешак, случаен минувач, кој исто така е пренесен во Скопје.
На местото на настанот е формиран тим предводен од дежурен јавен обвинител од ОЈО – Тетово, а увидната екипа на СВР Тетово сè уште работи на терен. Од МВР информираат дека се преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот.
📽️ КРВАВА ПРЕСМЕТКА ВО ТЕТОВО Едно лице е убиено со огнено оружје