ЕДЕН СМЕНИЛ ПРЕЗИМЕ, ДРУГ СМЕНИЛ ДЕЈНОСТ, НЕМАЛЕ ЛИЦЕНЦА, НИ ПУМПА НИ СКЛАДИШТЕ.. Лукаревска изнесе детали за шемата за испумпување ДДВ
Не само што го изиграле делот на даночното работење, туку ги изиграле и сите оние законски правила кои треба да ги исполнуваат сите нафтени компании за вршење на таа дејност – рече Лукаревска.
Сања Лукаревска, директорка на УЈП вечерава за Телма изнесе дополнителни детали во врска со истрагата за три компаниии од кумановско-липковскиот регион од нафтниот бизнис, кои се обиделе со лажни фактури да испумпаат 2,6 милиони евра од државниот буџет.
– Првиот и третиот случај имаат соодветна поврзаност преку соодветен ист сопственик, односно основач, каде што по промената на податоците во тековната состојба во Централниот регистар, тој всушности си го сменил и своето презиме. Првиот и третиот случај имаат и ист овластен сметководител кој што работи исклучливо само за тие два даночни обврзника.
Кај втората компанија е интересен моментот што неговата дејност се менува по извесен период. Значи претходно се занимавал со сосема друга дејност. А со промената на самата дејност што ја извршува, тогаш влегува и станува достапен за првиот и за третиот случај за да го внесат во таа шема. Нема ниту лиценца, ниту складишен простор за чување на нафта, ги нема основните потреби кои што треба да ги има една нафтена компанија за да се занимава со трговија со нафта на големо и мало. При увидот на лице место ние сме констатирале дека таму не постои бензинска пумпа воопшто – истакна Лукаревска во настапот на ТВ Телма.
Со тоа, како што додаде директорката на УЈП, не само што го изиграле делот на даночното работење, туку ги изиграле и сите оние законски правила кои треба да ги исполнуваат сите нафтени компании за вршење на таа дејност.