ЕДЕН ПОГРЕШЕН ЗБОР НА ФЕЈСБУК МОЖЕ ДА ИМ ДОНЕСЕ АПС ИЛИ ОТКАЗ Арапите што живеат во Израел будно се набљудувани од полицијата
Полицијата соопшти дека истражувала и привела повеќе од 100 лица поради активност на социјалните мрежи. Од нив, 63 се уапсени и испрашани само во Ерусалим.
Десетици државјани на Израел со арапско етничко потекло се уапсени во изминатите неколку дена поради објавени текстови на социјалните мрежи за војната во Газа. Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, полицијата има политика на нулта толеранција за активноста на социјалните мрежи за која се смета дека изразува поддршка за Хамас.
Меѓу нив е Далала Абу Амне (40), позната пејачка и инфлуенсерка од Назарет, која поминала два дена во полициски притвор пред во средата да биде пуштена со кауција. Таа сега е во домашен притвор до утре.
Адвокатот Абир Бејкер рече дека полицијата ја обвинила пејачката за „нарушувачко однесување“ бидејќи нејзините објави на социјалните мрежи може да поттикнат насилство меѓу нејзините следбеници.
Објавата која го привлече вниманието на полицијата е слика на палестинско знаме со арапско мото: „Нема победник освен Господ“.
Бејкер вели дека пејачката, која инаку е позната низ арапскиот свет по нејзините песни за палестинското наследство, изразувала религиозни чувства. Израелските власти, сепак, објавата на социјалните мрежи ја протолкувале како повик на оружје до Палестинците.
Абу Амне е само една од десетиците арапски израелски граѓани уапсени во врска со објавите на социјалните мрежи за војната. Многу други се суспендирани или отпуштени од своите работни места или се соочуваат со дисциплински мерки на нивните универзитети, според Би-Би-Си.
Израелските Арапи, кои многу претпочитаат да се нарекуваат палестински граѓани на Израел, сочинуваат една петтина од населението на земјата.
Полицијата соопшти дека истражувала и привела повеќе од 100 лица поради активност на социјалните мрежи. Од нив, 63 се уапсени и испрашани само во Ерусалим.
– Секој што агитира против Израел, владини симболи, избрани функционери, воен персонал и полицијата, треба да биде свесен дека израелската полиција ќе одговори цврсто и без отстапки – изјави комесарот на израелската полиција Јаков Шабтаи на неодамнешната средба со високи лидери.
Правниот центар за правата на арапските малцинства во Израел „Адалах“ смета дека бројот на приведени е поголем бидејќи во последно време има сѐ повеќе апсења. Активистите за човекови права се загрижени дека ова зголемување на бројот на лица во притвор се должи на тоа што полицијата усвои пошироко толкување за тоа што претставува поттикнување на насилство.
На пример, во бедуинскиот град Рахат, полицијата го приведе поранешниот кандидат за градоначалник Амер ал-Хузаил, кој на социјалните мрежи споделил мапа на Појасот Газа со анализа на можни сценарија за очекуваната копнена операција на израелските сили.
Ова довело до тоа да биде обвинет за помагање на непријателот во време на војна.