Еден мал семеен настан донесе нов бран заболени во Скопје

9,377

Во следните два месеца очекуваме значајно намалување на вирусот. Се очекува стабилизација на ширењето на вирусот, но свесни сме дека целосно исчезнување на вирусот тешко е да се очекува. Сезоната на респираторни вируси трае до 12 недели, а кај нас е веќе 11-та недела. Очекуваме високите температури да придонесат во ослабнување на вирусот и неговиот пренос, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.

– Држењето на новозаболени под контрола и почитувањето на мерките се индикатори кои се битни да се следат во секој момент. Во следните два месеца очекуваме значајно намалување на вирусот. Овие претпоставки се темелат на следново: најсилно изразени посткарантински мерки, затворени граници за да не можеме да имаме увозен случај. Новодијагностицираните вчера и денес се во врска со еден мал семеен настан во Скопје – додаде Филипче.






– Добро е што се од едно место и од еден познат позитивен пациент. Сите членови на фамилијата и неговите контакти се тие случаи кои што го подигнаа бројот на заболени во изминатите денови во Скопје. Во таа смисла е контролирана трансмисијата со оглед на тоа што сите кои се идентификувани контакти се во изолација. Сметам дека тој мини кластер е под контрола – рече Филипче одговарајќи на прашање од Плусинфо.

Тој најави дека дополнително ќе одговори од која скопска населба се новодијагностицираните кои се заразиле на мал семеен настан.

Тој информира дека Комисијата за заразни болести донела предлог план за намалување на рестриктивните мерки кој ќе се одвива во неколку фази, согласно повеќе критериуми, кои предвид ги зема и Светската здравствена организација, а три од нив се клучни – дали епидемијата е ставена под контрола, дали здравствениот систем е во состојба да се справи сега и со повторно појавување на голем број случаи и дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и нивните контакти и да идентификува нови случаи.

Како што соопшти Филипче, бројот на репродукција на вирусот R0 во земјава подолго време е меѓу 0,6 и 0,9 што значи дека еден пациент заразува помалку од еден пациент во просек.

Во болниците има слободни капацитети, мал број на пациенти се на респираторна машина. Над 80 отсто од случаите имаат епидемиолошка поврзаност.

– Комисијата ќе поднесе предлог до Владата да се отворат центрите за обука, авто школите, спортските тренинзи на отворено за индивидуални спортови, трговски центри без угостителска дејност. Следната недела во предвид е да се пропорача отворање на угостителските објекти, а третата недела игрите на среќа, теретаните, фитнес клубови и хотелски објекти. Постепено го враќаме животот во нормала. Секако со одредени протоколи за функционирање, задолжителна дистанца, маска, дезинфекција на рацете. Сакам да ве уверам дека може да бидете спокојни дека сите досегашни мерки ги носевме врз основа на стручни медицински анализи и сите очигледно дадоа резултат. И овие препораки за олабавување на мерките се темелат на истите анализи – додаде Филипче.

Поврзани содржини