ЕБОР ЈА ЗГОЛЕМИ ПРОЕКЦИЈАТА ЗА РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА Очекува раст од 3% за годинава и за следната година

Во вчера објавениот економски извештај на ЕБОР се наведува дека земјава забележа подобри резултати од очекуваните во првиот квартал од 2025 година, со силни перформанси во градежништвото и зголемени инвестиции.

63

Европската банка за обнова и развој во својот есенски извештај ја ревидира нагоре проекцијата за македонската економија, прогнозирајќи раст од 3% за 2025 и за 2026 година, што е зголемување од 0,4 односно 0,3 отсто во споредба со прогнозата од мај.

Во вчера објавениот економски извештај на ЕБОР се наведува дека земјава забележа подобри резултати од очекуваните во првиот квартал од 2025 година, со силни перформанси во градежништвото и зголемени инвестиции.






„Растот на реалниот БДП достигна 3% на годишно ниво во првиот квартал од 2025 година и дополнително на 3,4% во вториот квартал, првенствено поттикнат од градежништвото, производството и трговијата. Во овој период, потрошувачката на домаќинствата беше поддржана од зголемувањето на приходите и ублажувањето на инфлацијата, додека изградбата на патишта ги зајакна инвестициите. Извозот се опорави во првата половина од 2025 година по намалените извозни перформанси во претходната година. Сепак, дефицитот на тековната сметка се зголеми за 66% во истиот период, што одразува пониски суфицити и во трговијата со услуги и во секундарниот доход. По отстранувањето на ограничувањата на маржата на профит за одредени основни производи, инфлацијата се искачи на 4,8% до јули 2025 година пред да се намали на 4,4% во август“,- се наведува во извештајот.

ЕБОР оценува дека фискалната политика останува експанзивна, со ревидирана цел за дефицит за 2025 година поставена на 4 проценти од БДП, со цел да се балансира фискалната консолидација со тековните инвестиции во инфраструктурата.

„Дефицитот за периодот јануари-јули 2025 година достигна 2,5 проценти од проектираниот БДП, бидејќи расходите го надминаа растот на приходите. Реалниот раст на БДП е проектиран на 3 проценти во 2025 и 2026 година, поткрепен со силна домашна побарувачка и забрзано извршување на јавни инвестициски проекти, особено изградбата на автопатски делници долж паневропските коридори 8 и 10. Зголемените инвестиции во општините пред локалните избори кон крајот на 2025 година може да обезбедат дополнителен стимул на краток рок. Се очекува потрошувачката на домаќинствата да остане стабилна, поддржана од зголемувањето на реалните плати и повисоките владини трансфери. Ризиците за економските перспективи произлегуваат од ограничениот фискален капацитет и надворешната нестабилност, особено поради структурните прилагодувања во европската автомобилска индустрија и зголемената глобална неизвесност“, се наведува во извештајот на ЕБОР во делот за Македонија.

Во однос на економските перспективи на регионот на Западен Балкан, се посочува дека растот забавил, од 3,6% во 2024 година на 2,4% во првата половина од 2025 година. Се очекува годинава да достигне 2,7%, а наредната да биде 3,2%.

Надолните ревизии на прогнозите за 2025 година се последица од побавниот раст во развиените земји во Европа, послабите од очекуваните резултати во градежништвото и инвестициите во Србија и бавниот напредок на реформите, заедно со слабото индустриско производство и извоз во Босна и Херцеговина.

Највисок раст годинава во регионот, според ЕБОР, годинава ќе има Косово 3,9%, Албанија, 3,5, Црна Гора 2,6, Србија 2,5, а најнизок Босна и Херцеговина 2,2%.

Во регионите што ги покрива ЕБОР, пак, годинава се очекува раст од 3,1%. Најголеми ризици за економијата се геополитички тензии, американски царини, конкуренција од Кина и ограничениот фискален простор.

Поврзани содржини