ЕБОЛАТА ВО ДР КОНГО УБИ НАД 4.000 ЛУЃЕ Најтешка епидемија во историјата на земјата
Според бројот на жртвите, ова е втора најголема епидемија на ебола во светот, веднаш по епидемијата што ја зафати Западна Африка во периодот од 2014 до 2016 година, за време на која повеќе од 28.600 луѓе беа заразени во Гвинеја, Либерија и во Сиера Леоне, а повеќе од 11.000 од нив починаа.
Бројот на жртвите во најлошата епидемија на ебола во историјата на Демократска Република Конго надмина 4.000, и покрај интензивните напори на властите и меѓународните организации да го стават под контрола ширењето на болеста.
Епидемијата, предизвикана од сојот на ебола бундибугио, ја надмина епидемијата од 2018-2020 година и стана најголемата и најсмртоносна во историјата на земјата.
Според бројот на жртвите, ова е втора најголема епидемија на ебола во светот, веднаш по епидемијата што ја зафати Западна Африка во периодот од 2014 до 2016 година, за време на која повеќе од 28.600 луѓе беа заразени во Гвинеја, Либерија и во Сиера Леоне, а повеќе од 11.000 од нив починаа.
Според владините податоци објавени денеска, бројот на жртви се искачи на 4.018, додека бројот на потврдени случаи достигна 8.300 во седум провинции.
Повеќе од 2.000 пациенти се оздравеле од болеста.
Владата на Демократска Република Конго и Обединетите Нации минатиот месец објавија дека постојат знаци на забавување на ширењето на заразата во некои делови од покраината Итури, каде што почна епидемијата. Сепак, вирусот продолжува брзо да се шири на истокот од земјата, вклучително и во соседната покраина Северен Киву. Покраината Јужен Убанги, на северозападниот дел од земјата, стана седмата покраина што прогласи епидемија минатиот месец, откако маж кој патувал од источниот дел на земјата почина од вирусот.