Јебо вас „српски свет“, будали едни!

Пи-ар стратегијата на СДСМ ме маркирала како алфа противник на оваа партија. Нападите на воинствените торковци на Бихаќка за дискредитација на новинарот кој е нивен ноќен комшмар почнаа со манипулација на ЗНМ, а продолжуваат со партиски соопштенија со најдолни навреди и клевети. Добро информирани извори во оваа стратегија го препознаваат потписот на Зоран Башановиќ, поранешниот советник на Зоран Заев, по чиј наговор Заев и неговото другарче газда Аца од „Курир“ еднаш веќе водеа војна со Вучиќ, а оваа им е втора по ред.  

149

Охрабрен и инспириран од нечесната одлука на Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија да ме осуди без можност за одбрана, по претставка на СДСМ за изречени навреди на сметка на Венко Филипче, штабот на Бихаќка тргна во решителна акција за моја лична дискредитација. Моите неофицијални информации говорат дека ова е само почеток на хајката на СДСМ против мене. Хајката била договорена во согласност со пи-ар стретегијата што за Бихаќка ја смислил еден поранешен советник на Зоран Заев, во која сум маркиран како алфа-противник на опозициската партија во распаѓање.

СДСМ вчера лиферуваше соопштение под наслов „Фрљо – последната линија на одбрана на ВМРО!“, во кое не сум спомнат по име и презиме, но клучната референца (мојата книга „Биди новинар“, која се спомнува) недвосмислено открива дека станува збор за директен, груб и простачки напад лично врз мене.






Засега нема да ги коментирам навредливите зборови и фрази во ова соопштение, од типот на „фрљо“, „џубокс новинар“, „бот“ и слични, како и клеветничките конструкции. Посоветуван сум да побарам правна заштита, односно да поднесам тужба против СДСМ според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Размислувам дали да го прифатам предизвикот. Во меѓувреме, се разбира, чекам нови атаци, бидејќи јас сигурно нема да ја пропуштам оваа тепачка со пролупаното раководство на СДСМ на чело со Венко Филипче.

Како се роди „Слободен печат“ – лекција за незнајковците од Бихаќка

За почеток, ќе прокоментирам еден многу интересен и симптоматичен дел од ова соопштение, кој се однесува на мојата улога во проектот „Слободен печат“, односно на мојот „удел во српскиот свет“, како што вели текстописецот на овој памфлет. Прв пат во јавноста ќе соопштам работи кои досега не биле познати, барем не јавно.

Ова е тој дел од соопштението на СДСМ:

„На пример, Фрљо не се сеќава на периодот кога работеше во еден реномиран дневен весник, а неговиот газда беше од Србија. Меморијата му ‘зарибала’ и кога станува збор за избришаните податоци од времето кога работеше за белградскиот ‘Курир’ (денес веќе јавно познато во сопственост на истиот тој Вучиќ, на кого, изгледа, единствено се сеќава). Очигледно, меморијата целосно откажала“.

Е па, ајде да видиме кому му откажала меморијата и како „Слободен печат“ станал „дел од српскиот свет“, како што тврди СДСМ.

СДСМ вели дека сум „работел“ во тој „реномиран дневен весник“. Тоа му доаѓа како весникот да постоел, па ме вработил. Вистината е дека тој реномиран весник, „Слободен печат“, се роди прво во мојата глава. Јас буквално го измислив проектот. При една случајна средба на улицата Македонија со Драган Живковиќ, сегашниот формален косопственик на весникот, дознав дека и тој размислувал за покренување дневен весник. Така, со добра мисла, ги здруживме идеите. Тоа се случи во 2013 година.

Јас бев човекот кој ги спои идните формални и неформални сопственици на „Слободен печат“. На една заедничка средба, во состав по мој избор, јас, лидерот на СДСМ Зоран Заев, Драган Живковиќ, Роберт Поповски (тогаш советник за медиуми во владата на Заев) и Владимир Милчин, ги договоривме клучните детали на проектот.

Милчин вети дека лично ќе се ангажира Фондацијата Отворено општество Македонија да ни одобри грант од 5.000 евра месечно за плати на новинарите во редакцијата, во текот на една година (вкупно 60.000 евра). Она што го вети, Милчин го исполни, за што јас лично сум му благодарен, а благодарност му должат и сите од „Слободен печат“.

Потоа на тој состанок се отвори прашањето на сопственоста. Со оглед дека финансиери на проектот беа Заев и Живковиќ, падна одлука уделите да се поделат ферски, меѓу нив двајцата, во сооднос 50:50. Јас побарав скромни удели, но не за себе, туку за моите двајца најблиски соработници од тимот што го создававме, Злате Лозановски и Жарко Јорданоски. Барањето не беше прифатено.

Зоран Заев го продаде својот дел од „Слободен печат“ и го внесе во „српскиот свет“

Драган Живковиќ во тоа време беше сопственик или косопственик на маркетинг агенција и не сакаше да има формално сопствеништво во весникот (тоа се случи подоцна, по моето заминување од „Слободен печат“). Така, сопственик на 50% од уделите стана драгиот постар и ценет колега Градимир Јовановиќ Киби, чиј син, Мирослав Јовановиќ, подоцна стана и денес е директор во „Слободен печат“. Инаку, сите тогашни уредници и новинари знаеја за ролјата на Живковиќ, бидејќи тој постојано беше присутен во редакцијата така речи од првиот ден, учествуваше во донесувањето на сите важни и помалку важни одлуки и даде несомнен придонес за развој на проектот.

Зоран Заев имаше многу сериозни законски и етички пречки да биде сопственик или косопственик на медиум. Тој беше лидер на партија. Затоа избра друго лице да ги претставува неговите 50% удели. Но, подоцна, кога дојде на власт, Заев реши своите удели да му ги продаде на сопственикот на српски „Курир“, Александар Родиќ. Заев и Родиќ имаа ист пријател и советник – контроверзниот бизнисмен Зоран Башановиќ, патем речено кум на Александар Вучиќ, со кого во тоа време веќе не беа во добри односи. Тој беше човекот од сенка што го контролираше преземањето на „Слободен печат“ од страна на српски „Курир“. Во една прилика, сум седел со таа екипа на кејот на Вардар, во кафеаната „Карпе Дием“, значи не во сенка, туку баш на сонце. Како не ме отепал некој снајпер…

Но, на Башановиќ ќе се осврнам малку подоцна. Има многу да се раскажува за тој човек, кој му беше формален советник на премиерот Зоран Заев, за цркавица плата од 1.500 евра.

Овде е важно да го утврдиме клучниот факт, којшто СДСМ, Венко Филипче и текстотписецот на нивните соопштенија сакаат да го скријат од јавноста – Зоран Заев е тој што го продаде својот удел во „Слободен печат“ и го внесе тогаш навистина реномираниот дневен весник во „српскиот свет“.

Не бев тоа јас, туку Зоран Заев лично! Менторот на Венко Филипче!

Овој факт им е познат на повеќе луѓе од уредничката и од новинарската екипа на „Слободен печат“. Ја знаат и некои луѓе од СДСМ, бидејќи во тоа време заеднички и безуспешно се обидувавме да регрутираме колпортери за весникот од редовите на активистите на партијата. Бевме наивни будали…

Првата војна на СДСМ, Заев и Родиќ со Александар Вучиќ

Нејсе, набрзо по освојувањето на својата половина во „Слободен печат“, во договор со Зоран Заев, Башановиќ и Родиќ ја почнаа својата акција за уривање на Александар Вучиќ. Акцијата не почна во белградски „Курир“, туку во македонски „Слободен печат“. Лајпрдите лиферуваа убиствени соопштенија и напади против Вучиќ, во стилот на сегашните соопштенија на СДСМ. Гласилата на српскиот претседател остро возвратија, со напад врз Заев, но и врз нашиот весник.

Заев, Живковиќ, Родиќ и моите најблиски соработници многу знаат дека таа бесмислена и непродуктивна војна ја окончав јас лично, со еден коментар во кој се оградив од бесмислената акција на Заев и на Родиќ, но пред се со епската насловна страница на „Слободен печат“ објавена еден убав ден. На таа насловна страница беа објавени насловните страници на неколку „информерски“ српски печатени изданија со жестоки наслови против Македонија, Заев и против весникот. А под нив одеше редакцискиот наслов на „Слободен печат“: „Браќо Срби, ми вас волимо!“

Мислам дека тогаш двоецот Заев-Башановиќ, Родиќ,  Живковиќ, како и луѓе од тимот на Вучиќ, ја примија пораката од новинарите на „Слободен печат“: ние не сакавме војна со српскиот претседател, ниту со српскиоте медиуми, а најмалку со српскиот народ и немавме ништо заедничко со амбициите на газда Аца Родиќ да го смени Вучиќ и да ја уреди Србија по свое.

Верувале или не, војната заврши баш тој ден, со таа насловна страница на „Слободен печат“ – како никогаш да не се случила.

Не чекаа многу за да ми се одмаздат…

Тој мој потег – за којшто некои луѓе од „Слободен печат“ треба свеќа во црква да ми палат секој ден –  овој СДСМ не може да го разбере. Како што не може да разбере дека еден медиум може да биде реномиран само кога лидерот и новинарскиот тим водат автономна и храбра уредувачка политика.

Година или две подоцна, старо-новите формални и неформални сопственици на „Слободен печат“ почнаа да вршат жестоки притисоци прво врз мене, а потоа и врз моите соработници, да престанеме со критиките врз штотуку формираната влада на Зоран Заев. Нè убедуваа дека сме губеле читатели, дека било лошо за бизнисот и слични финти. Јас не попуштав, но моите соработници попуштија и ми предложија „кризата“ да се реши на тој начин што јас ќе си заминам од „Слободен печат“.

Така и се случи. Можев да бијам битка, но бездруго не можев да водам автономна уредувачка политика без поддршка од клучните луѓе во мојот тим. И затоа, си дадов – отказ.

Дали е во тек втора војна на СДСМ проти Вучиќ?

Личната војна на Заев, Башановиќ и на Родиќ против Вучиќ – по онаа насловна, надвор од страниците на „Слободен печат“ – заврши така што српскиот претседател со инспекции го сардиса „Курир“ и газда Аца клекна на колена како кутренце. Башановиќ се криеше некое време под здолништето на Заев, а потоа исчезна. Потоа дојде до некакви промени во сопственичката структура на српскиот весник, но деталите не ме интересираа, бидејќи веќе бев надвор и знаев дека станува збор само за формална егзекуција на новата ситуација на „теренот“.

Она што сега го слушам е дека истиот тој Башановиќ пак бил главен советник на пи-ар тимот на СДСМ. Па зарем е можно тоа, луѓе мои?

Ако е тоа точно, или барем блиску до вистината, тоа значи две работи:

Прво, дека упорното спомнување на Вучиќ и на српските референци во најновите соопштенија на СДСМ не е случајно, дека некој пак настојува од Скопје да поведе војна против режимот во Белград.

И второ, дека Венко Филипче можеби е поголема будала отколку што мислев (молам претставката за оваа реченица од СДСМ до ЗНМ да ми се достави на увид). Да влезеш во тој нов лузерски филм, треба да си поголема будала и од твојот ментор.

Всушност, да бидам прецизен и да не го хејтам муртинецот без потреба: Заев беше луд и луцкаст (он је радио такве ствари), но не беше будала – тој имаше конкретни интереси да влезе во војна против Вучиќ заедно со Родиќ. Јас многу добро знам кои беа тие интереси, а и Заев знае дека јас знам. Како и да е, муртинецот беше среќен што неговата војна со тогаш супермоќниот Вучиќ заврши прилично безболно. За што и јас имам мала заслуга, нели…

Како се роди аферата „Рекет“

И уште еден битен детал поврзан со тој Башановиќ.

Извесно време по моето заминување од „Слободен печат“ под притисок – некој може тоа да го нарече и „бркање“, нема да биде помалку точно – бев љубопитен да дознам како се случило тоа. Бидејќи притисокот го вршеше Драган Живковиќ (со асистенција на адвокатот Мики Вујиќ, во тоа време нешто како „кадар на СДСМ“, шија ми га Ѓуро), а Зоќе ко Зоќе, ме лажеше дека тој со таа работа нема врска. Еден мој многу добро упатен пријател од „српскиот свет“ ми потврди дека моето сменување го договориле Заев, Башановиќ и Родиќ.

Но, тоа и не беше некоја новост. Мојот српски пријател тогаш ми кажа и една друга интересна приказна за Башановиќ, која ме доведе до првите сознанија за аферата „Рекет“. После беше лесно да се најдат извори и да се поврзат нештата. Останатото е историја.

ПС. Венко тужибабо, читај бе. Живот пише романе. А оние фраери на Бихаќка, коишто во минатата колумна ги поштедив од приватни причини, да не претеруваат и да внимаваат како газат. Жуљот ми е осетлив…

 

Поврзани содржини