Ќе стивнат пожарите додека ги сервисираат „ер тракторите“

За еден авион да биде во функција потребни се 40 до 45 дена, период кој се очекува да нема пожари во Македонија – вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути.

653

Додека во земјава на повеќе локации беснеат пожари, трите „ер трактори“ остануваат приземјени поради тоа што авионите уште од лани не се сервисирани.

Според информациите, пред еден месец се чекал тендерот со сервисерот на трите „ер трактори“, па потоа Бирото за јавни набавки да дозволи тој да биде најден со директно преговарање, но сега ќе чека да дојдат понудувачите.






– Жалам што „ер тракторите“ ги начекав несервисирани, поминале приземјени многу пожари и сезони на пожари. Денес очекуваме да се сретнеме со операторите, а до петок да постигнеме договор со некој од нив, за да се изврши сервисот. Сепак, за еден авион да биде во функција потребни се 40 до 45 дена, период кој се очекува да нема пожари во Македонија – вели директорот на ДЗС, Беким Максути.

Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување потенцира дека забавеноста се должи на тоа дека операторите ја зголемите цената за оваа услуга за речиси 40 проценти, па истата ќе изнесува околу еден милион евра за трите авиони.

Од ДЗС во текот на вчерашниот ден има испратено 25 луѓе, а за денеска се очекува бројката да се зголеми над 300, затоа што биле мобилизирани луѓе од Скопје, Тетово и од Гостивар.

Во текот на вчерашниот ден, премиерот Зоран Заев кој беше на лице место во Кочани, најави помош од повеќе од соседните земји, како и од нашите НАТО сојузници.

„Утрово два хеликоптери интензивно учествуваат во гасењето, а секој момент очекуваме да се приклучат уште четири, како помош од Република Србија. Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО сојузници од регионот кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно условите на теренот. Во моментов се активни 13 пожари, повеќето се локализирани, кочанско е под контрола, а поинтензивна борба со огнот се води околу Старо Нагоричане, каде се насочени сериозни капацитети во гасењето“, напиша Заев на Фејсбук.

Тој вчера посочи Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки.

Во добра здравствена состојба се деветтемина жители на Кочани кои синоќа завршија во болница поради вдишување чад за време на пожарот кој го зафати овој град, информираше Министерството за здравство.

„Пациентите синоќа беа задржани во болница неколку часа и примаа кислородна терапија. Во пожарот нема повредени со изгореници“, соопшти Министерството за здравство.

Пожарот во Кочани ја покажа целата неспособност и беда на власта на Заев, да бевме нормална држава утрово ќе имаше дузина оставки од функционери, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

– Оваа власт освен што покажа дека е потполно неспособна, покажа дека може да биде полоша од катастрофа за граѓаните. Најмалку две години не се сервисирани три авиони за гаснење пожар, затоа што тоа чинело 300-400 илјади евра. А колку чини штетата или не дај Боже изгубен живот? Колку чинат прославите и настаните? Само за кондоми и лубриканти во една година потрошија 2 до 3 пати повеќе средства. Само за нови службени возила потрошија десет пати повеќе пари – се вели во соопштението.

Поврзани содржини